Општина Карпош беше домаќин на триесетина гости, од девет земји, учесници во проектот Cool Heating кои овие денови се во Скопје, во финална подготовка на проектот за изградба на првата еко населба во Република Македонија.Токму таа е предвидена да се простира на потегот меѓу Злокуќани и Бардовци, во Општина Карпош. По средба што ја имаше во ноември, градоначалникот Стефан Богоев, денеска имаше можност да се запознае со напредокот на овој проект и да се запознае со новостите на тој план со присутните гости.
Она што е значајно е дека населбата ќе користи обновливи извори на енергија кои ќе ги заменат традиционалните начини на греење и ладење кои предизвикуваат загадување на животната средина.
Богоев извести дека има нов урбанистички момент кај делот меѓу Бардовци и Злокуќани, а тоа е изградбата на новиот Клинички центар. Исто така, посочи дека постои голем интерес кај инвеститорите за вложување во овој дел на Општината, а и за комплетно подобрување на инфраструктурата во целост.
– Оваа еко населба ќе има олеснат пристап и преку изградбата на мостот над реката Вардар, проект кој е во процес на подготовка, а ќе го спроведеме заедно со Град Скопје. Поврзувањето на левиот и десниот дел од Вардар ќе придонесе за директно поврзување на Бардовци со централниот дел на Карпош, но, и за намалување на сообраќајниот хаос – рече Богоев.
На работната средба присутните се интересираа и за други теми од областа на енергетиката, ставајќи акцент на гасификацијата на Општината и доближувањето на овој енергенс до сите домаќинства.
На планот на супституција на старите со нови, еколошки енергенси, во текот на вчерашниот ден, Градот Скопје формираше Јавно претпријатие „Градски енергетски системи АД Скопје” кое ќе врши снабдување со природен гас и топлинска енергија, а граѓаните веќе од претстојната грејна сезона ќе можат да ги користат услугите на ова ЈП.
Градоначалникот Богоев посочи дека Општината прави напори за поголем дел од општинските установи (градинки и основни училишта) да користат соларни панели за снабдување со електрична енергија.
И покрај тешката финансиска состојба, според образложенијата на градоначалникот, се изнаоѓаат начини Карпош да оди напред.
– Во 2018 година, напредокот се базира на откривање на нови технологии, користење на обновливи извори на енергија, креирање на еко – заедница според потребите на сите чинители – рече Богоев.
Учесниците на проектот Cool Heating ја поздравија отвореноста на локалната самоуправа и способноста да ги препознае приоритетите. По завршување на средбата, тие се упатија на локацијата во близина на Зајчев Рид каде што треба да биде спроведена Студијата за новата населба.