Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ со финансиска поддршка од Град Скопје изминатиот период набави нова подвижна библиотека – Библиобус, информира Градот.
– Подвижната библиотека – Библиобус е адаптирано возило опремено со книги наменети за ученици и има за цел промоција на книгата, достапност на информациите, развој на културата на читање, како и создавање навика за читање кај детската популација. Библиобусот посетува повеќе скопски приградски населби и ги опслужува учениците од 19 училишта во Марино, Мралино, Бунарџик, Текија, Мршевци, Кучевиште, Сопиште, Сушица, Оризари, Припор, Долно Коњари, Добри Дол, Побожје, Долно Соње, Орман, Чифлик, Лисиче, Трубарево и во Волково, соопшти Градот.
Подвижната библиотека работи пет дена во неделата, од септември до јуни, и ги посетува училиштата според претходно утврден план. Со библиобусот се овозможува полесен пристап и популаризација на книгата и до оние места кои се оддалечени од централните библиотеки и клонови. Учениците се ослободени од наплата на амортизација на позајмените книги.