Секогаш се наежувам (негативно) кога се зборува за НОВИНАРИ, како некоја унифицирана, еднозначна категорија, најчесто во очекување тие да се (сите) високоморални борци за слобода на изразувањето, со задача да бидат едни од предводниците на демократските процеси. Ниту се сите морални, ниту се сите квалитетни во работата, ниту сите имаат добри намери, односно професијата ја сфаќаат само како исполнување на наредбите од своите газди.
Кога се во малцинство, ефектот од нивната „работа“ може да се дигестира, но кога ќе станат половина или повеќе од половина, доаѓаме до медиумската состојба во која сме денес.
Исто или многу слично е и со наставниците. Ни во таа професија не се сите исти, па да може да се употребува терминот НАСТАВНИЦИ во генерално значење. И во мое време ги имаше секакви. Не е точно дека тогаш сите беа врвни предавачи и педагози. Сė уште се сеќавам на такви, од кои ништо не научивме, а единствена цел во работата им беше да заврши часот, односно „да ја исполниме програмата“.
Прашањето е повторно, кои се во мнозинство, кои доминираат. Резултатите од секое истражување на квалитетот на образованието во последниве 15-тина години покажуваат дека и таму состојбите се како во новинарството – 70 отсто средношколци, функционално неписмени.
Додека целото општество не се посвети сериозно на тој проблем, сите други барања, штрајкови, поддршки и задршки, ќе бидат само популизам, клиентелизам и политикантство.
(ФБ статус на авторот)