| Вести денес: 0

Погрешен имиџ

Само македонските амбасади во Европа и светот не знаат што треба да прават на планот на културата, или навистина македонските амбасадори се толку „некултурни“ што оваа област им е целосно вон видокругот за некаква промоција на државата во рамите (барем) на ЕУ?

807

И уште еден пример: вчера во Скопје започна „Грчки филмски фестивал 2019“, под покровителство на Амбасадата на Грција во Скопје. Уште едно во редицата национални конематографски претставувања организирани, или поттикнати, од странските амбасади во Скопје (во континуитет со амбасадите на Холандија, Италија, Германија …). Само македонските амбасади во Европа и светот не знаат што треба да прават на планот на културата, или навистина македонските амбасадори се толку „некултурни“ што оваа област им е целосно вон видокругот за некаква промоција на државата во рамите (барем) на ЕУ? А што тогаш промовираат, баш ме интересира? Нашата економија? Која, и каква? Нашето образование, наука …? Кое, и какво? Нашата демократија, правосуден систем, концептот на човековите права …? Или само дремат таму каде што ги испратила државата и мислат која ќе им биде наредната станица? Извинете, но тоа е македонската вистина за нејзините дипломатско-конзуларни претставништва, барем што се однесува до културата на оваа држава.

Инаку, ако не повеќе, барем од нив мораше да произлезе иницијативата културата да биде вклучена во промоцијата на државава токму во годините кога Македонија очекуваше датум за започнување на пристапните преговори со ЕУ. Или тоа подобро ќе го направеше македонското стопанство? Па дајте ве молам, не нѐ правете толку недоветни! (Сепак, за илустрација, а за некој да не рече дека злонамерно селектирам информации, во септември во Будимпешта биле одржани „Денови на македонската култура во Будимпешта“, ама во организација на Лекторатот по македонски јазик во тој град, а во рамките на прославата на јубилејот 30 години од отворањето на Лекторатот, а не со цел за каква што јас овде пишувам!).

Имиџот на една држава се гради низ сите битни сегменти, а тие, меѓу другото, секако се степенот на развој на демократијата, човековите права, владеењето на правото / правдата, образованието / науката / културата, заштитата на природата … па кон крајот и економските потенцијали. Каде, во кои од овие сегменти сме ние толку добри за да му го довериме приматот на локомотива во композицијата што ќе нѐ одвлечка, како-така, до посакуваната цел виката Европска унија? Никаде, не сме дури ни во културата, ама тука барем може(в)ме полесно да глумиме! Сѐ уште во таа „културна“ Европа има луѓе, па и влади, што не слушнале за Курбиново и Нерези, на пример, или кои би сакале да видат добра селекција на македонски филмови, или изложба на икони, или солидна изложба на современа македонска визуелна уметност, или репрезентативна изложба на археолошки експонати, или изложба на стари ракописи, или …

Ама некој треба да мисли, нели? Е такви мислечки потенцијали очигледно немаме, за жал. Може(в)ме, се разбира, да стокмиме тригодишна програма за промоција на македонската култура во поголемите европски престолнини и тоа да го правиме континуирано, од 2017 година наваму, со умешно и професионално избрани содржини коишто можеби немаше да ја фрапираат Европа ама барем ќе говореа една убава македонска културна приказна. Се разбира, да бевме умни, како што не бевме! А и не сме, by the way!!!

Оттука, нема и не може да има веродостоен одговор на хипотетичко прашање, особено не на прашањето од типот дали да беше македонската политика поумна последниве три години и да ја бомбардираше Европа со уметнички настани наместо со криминално-коруптивни политички скандали, ќе бевме ли можеби поблиску до датум за пристапни преговори? Но има еден сигурен одговор: ако не повеќе, македонската држава ќе создадеше малку поинаков, поцивилизиран, поевропски имиџ меѓу државите од ЕУ, имиџ којшто барем за миг ќе го свртеше нивното внимание од домашните катастрофи од типот на „Рекет“, СЈО, од закочените реформи, од нефункционалноста на институциите … Ќе им покажевме една поинаква, проевропска а не провинциска Македонија, па нека е и Северна, ќе докажевме дека барем во некои сегменти сме блиску до европскиот менталитет. Ако сме, се разбира, односно ако тоа ни е приоритет!

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...