Една работа. Сите јавни личности кои порано галамеле, а денес молчат пред криминалот и непотизмот, никогаш повеќе зборот нема да им вреди пет пари. Секој збор има своја последица, ама и молкот има последици, велеше Сартр.
Ова е срамота да не постои институција и министерство, кое работи со кеш, а да не е инволвирано во скандал. И се правите наивни, се повлекувате, се правдате, ама истата срамота како и ВМРО сте. Пардон, поголема, дојдовте со надежта на луѓето, дојдовте со ветувања, со рачето на срце, за да се обидувате вака бедно да си го плачкосувате народот.
Нема главна струја во оваа влада која не злоупотребува и краде преку своите луѓе поставени во министерства. Дали се на Кочо, Рада или Оливер, очигледно е дека сите досега имате пресериозни киксови.
Лесно ни беше во време на Груевски, работите беа јасни. Ако ги критикуваш реакцијата беше силна, артилериска, од сите страни, и се знаеше дека работа повеќе нема, дека притисоци ќе дојдат од сите страни. Но, средината, заедницата ќе те прегрнеше, се градевме со поддршка после тие напади, сите се обединувавме против злото и криминалот. Денес повеќе не е така, луѓето се вратија на старите итроштини и гладта за профит, наместо за борба за подобро, повторно е посилна.
Денес ги гледаме никулците на нешто многу опасно, на една општа изгубеност и амнестија кај власта. Ни морализираат, „ако не па да го вратиме ВМРО“, „11 години молчевте“, или најпросто „ај глеј си работа и не галами“. Денешниот повик на ред и на знаење на своето место е веќе новата закана, новата уцена, новиот начин да те маргинализираат.
Жалосно е да се гледа како изгубивме глас, како критиката се сведува само на чекор назад, а не на чекори напред. Како мислиме дека ќе го победиме и промениме ВМРО со луѓе кои сакаат на малку поелегантен начин да ги имитираат и наследат. Не разбирам, се збори за ВМРО секој ден, се имаат можностите да им се искршат коските, толку многу работи и реформи можат да се направат, и тоа не само што не се случува, туку ни наметнуваат оправдување дека и за тоа е ВМРО виновно.
И гледате, денес се чудиме на омразата кај луѓето, како луѓе од семејства и со деца можат да посакуваат и да се ситат на деца кои горат во пожар. Абе луѓе, омразата не е во духот на човекот, во неговата мизерија и необразованост е. Кога ќе го остаиш човек предолго да е сиромашен, или само да знае да профитира од газење на другиот, ете тогаш омразата ќе биде жива и непроменлива.
И ние не го менуваме тоа, не се ни обидуваме, само го асимилираме системот кој три децении го надградуваме. Животот не е борба на Доброто кое пробува да го порази Злото. Животот е борба на големото Зло кое се обидува да го сомеле и најмалото зрно на човечност.
Еј, на толку пропатено некој пак да не краде и запоставува вака дрско, да не менува работи, а има можности, па да му се сневидам, треба и таквиот да е поприлично зол.
(Фејсбук статус на авторот)
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.
loading...