Поголема ефикасност во спречување на сивата економија

Сузбивањето на сивата економија дефинитивно ќе даде резултати во растот на севкупната економија, a суштинските реформи треба да бидат во насока на обид да се справиме со сивата економија која е нелојална конкуренција на регистрираните субјекти, со што прво би постигнале праведно оданочување од аспект на тоа секој кој врши дејност во Република Македонија да има подеднакво обврска да плаќа данок, а не само оние кои регистрирано работат.

438

Една од стратешките определби на Стопанската комора на Македонија е залагањето за поголема ефикасност во спречувањето на корупцијата и сивата економија.

Непријавената работна сила е еден од најзначајните сегменти на сивата економија во Република Македонија. Ваквата состојба е условена од неповолните состојби на пазарот на трудот, односно проблемот на недостигот на стручен и квалификуван кадар – прашање кое повеќе години наназад го актуелизира и Стопанската комора на Македонија, со цел изнаоѓање конкретни мерки и решенија за сузбивање на истиот. Повеќедецениската мошне висока невработеност и ограничениот капацитет на македонската економија за апсорпција на вишокот на работна сила (која во основа не одговара на потребите на бизнисот) во голема мера го детерминираше и порастот на бројот на лица кои се надвор од работната сила и кои не се регистрираат ниту како вработени, ниту како невработени.

Сите студии и процени за учеството на неформалната економија во вкупниот бруто домашен производ укажуваат на постоење на висока неформална економија во Р.С.Македонија. Различни истражувања со користење на различни извори на пресметки ја проценуваат неформалната економија помеѓу 17% и 40% од БДП. Тоа е потврдено како податок и во Стратегијата за формализирање на неформалната економија 2018-2022.

Во Белата книга на Советот на странки инвеститори при Стопанската комора на Македонија од декември 2018 година, се констатира дека сивата економија останува голема пречка за бизнисот. Уделот на неформалната економија останува доста голем и влијае врз конкурентноста на формалниот приватен сектор, иако таа се намалува од аспект на бруто додадената вредност и вработувањето. Проценките говорат за обем од 20% од вкупниот аутпут (Државен завод за статистика) до околу 40% во зависност од методот што се применува. Ова создава пречки за инвестиции и сериозни проблеми за конкуренцијата на регистрираните компании. Вработувањето во неформалната економија се намалува, но сепак таа останува иста.

Истражувањето спроведено во рамки на ИПА проект од страна на Spitznagel и др. (2016)[1] покажува дека околу 10,5% од испитаниците биле вклучени во некој вид на нерегистрирани активности во изминатите 12 месеци, што е значително помалку од официјалните статистички податоци. Овие лица најчесто биле ангажирани во земјоделство (18,1%), општи мануелни работи (8,4%), ресторани (8,2%), градежништво (7,9%), и т.н. Најчеста причина која ја истакнале за работа во неформалната економија е недостигот на регуларни работни места (54,3% од испитаниците ја навеле оваа причина). Дополнителни важни причини се: сезонскиот карактер на работата (43,4% од испитаниците), економската корист од неформалната работа за работникот и за клиентот (36,6%), затоа што неформалната работа е распространета во секторот/регионот каде тие работат (29,4%), како и поради недостиг на доверба во државата (26%).

Постоењето неформален сектор создава нееднакви услови за компаниите кои плаќаат даноци и социјални придонеси и се придржуваат до законската регулатива. Стопанството бара засилени контроли и инспекции и сузбивање на нелојалната конкуренција која го урива пазарот бидејќи не плаќа никакви давачки. Позитивен чекор на овој план, кој верувам дека ќе стане реалност, се најавите од д-р Нина Ангеловска, министер за финансии, дека во фокусот на приоритетни активности во наредниот период ќе биде токму справувањето со сивата економија, во смисла на доследно почитување на даночната дисциплина, така што преку контролни механизми ќе се воспостави еднаков третман на сите даночни обврзници, со тоа што ќе се работи и директно на формализирање на неформалната економија и во делот на даночните обврски на вршителите на определени дејности, кои досега не биле регистрирани.

Околу 30% од компаниите го истакнуваат неформалниот сектор како примарна пречка за раст. Сузбивањето на сивата економија дефинитивно ќе даде резултати во растот на севкупната економија, a суштинските реформи треба да бидат во насока на обид да се справиме со сивата економија која е нелојална конкуренција на регистрираните субјекти, со што прво би постигнале праведно оданочување од аспект на тоа секој кој врши дејност во Република Македонија да има подеднакво обврска да плаќа данок, а не само оние кои регистрирано работат.

Доколку се стават во употреба механизмите за засилување на контролата и наплатата на непријавени даноци од т.н. сива економија, ќе се постигне поволен ефект по основ на прилив во буџетот и ќе се создаде амбиент за изготвување на реформски мерки од креаторите на политиките, кои би биле насочени кон обезбедување поквалитетни услови за живот. Целта на инспекциските служби потребно е да биде детектирање и воведување во системот на нерегистрираните субјекти, поточно да им биде овозможено на оние кои веќе работат нерегистрирано, да се регистрираат со цел да станат рамноправни на пазарот со останатите правни субјекти. Целта е да се формализира неформалната економија и согласно прецизно утврден систем и правила компаниите да имаат еднакви можности и услови да се натпреваруваат на пазарот.

Со оглед дека деновиве е во подготовка и Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2020-2024 година, се очекува дека при нејзиното конципирање ќе се земат предвид и заложбите на бизнис-заедницата за заеднички инспекциски контроли, заради заштеда на трошоци и време за бизнисот, но и заради намалување на ризикот од корупција кај регистрираните субјекти, но ќе се дефинираат и дополнителни мерки за оние субјекти кои работат нерегистрирано и воопштно не се во системот на даночни обврзници, односно работат во сивата зона.

За деловно окружување кое ќе обезбеди подинамичен раст потребно е да се обрне особено внимание на на т.н. парафискални давачки. Даночниот систем во Македонија оставил неограничен простор со разни секторски закони, подзаконски акти, локални одлуки, одлуки на управните одбори на агенциите или одборите на јавните претпријатија, да се воведуваат разни давачки кои тешко се контролираат, па Министерството за финансии не може да има комплетна слика и некој вид контрола врз овој систем во нашата земја. Отсуството на транспарентност е карактеристика на процесот на воведување на одредени давачки, на промените на истите, како и на дефинирањето на нивните основни елементи. Честопати има поклопување на исти давачки на централно и на локално ниво, а дополнителен проблем е фактот дека кај некои од давачките нема јасна цел за што би се користеле и што се финансира преку нив.

Имајќи го предвид фактот дека согласно последната Програма на економски реформи 2019-2021 година донесена од Министерството за финасии, кај структурните реформи, за намалување на неформалната економија (Мерка 13), државата во 2019 година ќе одвои 200 илјади евра, 2020 со 500 илјади евра и во 2021 ќе одвои 300 илјади еввра, обезбедени од небуџетско финансирање, односно од ИПА фодновите, се очекува дека и од страна на државата ќе се преземат засилени мерки, ако не за целосно сузбивање, барем за сведување на сивата економија на ниско ниво.

На почетокот на 2018 беше усвоена првата среднорочна Стратегија за формализација на неформалната економија 2018–2022. Истата има за цел да го намали бројот на неформално вработените (како во неформалните така и во формалните бизниси, но и во рамки на домаќинствата), како и да го намали учеството на нерегистрирани деловни субјекти и неформални активности во рамки на формалната економија.

Поновите истражувања за ОЕЦД земјите покажуваат дека казнените мерки или т.н. мерките ,,на застрашување‘‘ не се ефикасен инструмент за намалување на неформалната економија, туку тоа се мерките на даночната политика (и товар), дерегулацијата, мерките за зголемување на даночниот морал, системски мерки за намалување на корупцијата, како и реформа на даночната администрација од извршител кон сервис на даночните обврзници.

Најчести форми преку кои се манифестира сивата економија се затајување на данок, неправилности во примената на Законот за работни односи, висок степен на мито и корупција, недозволена и непријавена прекугранична трговија со добра, високо учество на готовина во масата на пари, извршување на зделки во натура или компензација и слично.

Ако се тргне од регулативата, можеби и може да се каже дека сепак работите се тргнати на добро. Справувањето со сивата економија и ефикасната контрола од надлежните инспектори, што се предмет на уредување на новиот Закон за прекршоци и новиот Закон за инспекциски надзор, се дел од регулативата, во која учествуваше и бизнис-заедницата, преку Стопанската комора на Македонија. Се очекува дека овие прописи, доколку се имплементираат соодветно, ќе придонесат за поголема правна сигурност, владеење на правото и правната држава, зајакнување на контролата во сузбивањето на неформалната економија и еднаков правен третман на сите субјекти пред законот.

————

[1] Ова истражување е спроведено во рамки на ИПА проект “Поддршка за борба против непријавената работа” финансиран од ЕУ (“Support to the Fight Against Undeclared Work”), чиј главен корисник беше Државниот инспекторат за труд.

 

(Авторката е главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...