Погледнете го новиот сообраќаен режим кој почна денеска во Карпош 4

1842

Од денеска започна да функционира новото сообраќајно решение за потегот околу Карпош 4. Станува збор за новопоставената хоризонтална и вертикална сигнализација која ќе овозможи поголема безбедност и намалување на сообраќајниот метеж.

-Токму оттука, од Карпош 4 од овој викенд започнува нов режим на сообраќај, со цел побезбедно движење на граѓаните и превентивно да ги заштитиме граѓаните,  првенствено младите, од сообраќајниот метеж околу Сити Мол и во овој дел на Карпош 4 – изјави градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.

Според новиот режим на сообраќај, возилата кои се движат од ул. „Московска„“ и бул.  „Партизански одреди“ во правец на  „Љубљанска“, а сакаат да завртат лево за „Волгоградска“, сега ќе продолжуваат право и ќе можат да завртат лево на „Разловечко востание“.

Новиот сообраќаен режим овозможува побрз проток на сообраќајот пред ТЦ Скопје Сити мол, а значително ќе ја зголеми безбедноста на движење на возила и пешаци и внатрешно, во населбата (долж сервисните улици).

Сообраќајното решение е подготвено и одобрено од страна на повеќе надлежни институции и стручни субјекти: Општина Карпош, Градот Скопје, Министерството за внатрешни работи преку СВР Скопје и стручни лица – сообраќајни инжинери.

За побрза и полесна имплементација на новото сообраќајно решение, градоначалникот  Богоев најави дека ќе има присутни лица од СВР Скопје и од Општина Карпош, кои ќе ги упатуваат возачите и граѓаните како треба да се движат.

– Ние како Општина остануваме на нашата заложба за побезбеден сообраќај и се надевам на уште поуспешна соработка во таа насока со СВР Скопје и со Министерството за внатрешни работи, а апелирам сите граѓани да ја почитуваат новата сообраќајна сигнализација – изјави Богоев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...