Поглаварот на ИВЗ да одговара за говор на омраза

765

Крајно неприфатливо е за еден поглавар на верска заедница да се служи со таков говор на омраза и да поттикнува верска и национална нетрпеливост, реагира ЦИВИЛ – Центар за слобода и остро ја осуди изјавата на поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи дадена на 14 март, на церемонија на поставување на камен-темелник на џамијата во скопското село Арнакија, а објавена на неговиот Фејсбук профил деновиве.

– Неприфатливо е поглавар на верска заедница, чија цел е да обединува, а не да создава раздор меѓу народот, своите сограѓани да ги квалификува како „дивјаци и луѓе без идентитет“. Неприфатливо е човек кој е полн со толкава омраза да биде највисокиот претставник на една верска заедница во земјата. Исто така, неприфатливо е што оваа своја постара изјава, реисот повторно ја промовира на социјалните мрежи, и тоа во време на изборна кампања, со што дава еден поинаков контекст на целата содржина и отвора можности за манипулации и злоупотреба – стои во реакцијата.

ЦИВИЛ констатира дека со ваквата изјава, поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи грубо го крши членот 391 од Кривичниот законик, според кој не е дозволено предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.

– Однесувањето на Сулејман Реџепи, како и многу пати досега, се коси со начелата за кои се претставува дека се залага. Уцени, поддршка на режими кои брутално убиваат новинари, како што беше случајот со новинарот Кашоги, уцени со враќање на имоти за поддршка на изборите, попречување на донесувањето на закони, како оние за абортус и антидискриминација, објавување лични фотографии на кои се наоѓа тој и малолетни членови од неговото семејство на кое држат оружје во рацете…, се само дел од ваквото однесување на Реџепи, на кое сведочиме со години, соопшти ЦИВИЛ.

Од таму додаваат дека однесувањето на Реџепи е крајно неприфатливо и мора веднаш да престане! Верските заедници, како исламската, така и православната и сите останати, мора да бидат одвоени од државата!

– Последната изјава на Реџепи, која предизвика експлозија од реакции во јавноста, а претставува пример за недолично и крајно неприфатливо однесување и за говор на омраза и дискриминација, ја оценуваме како кривично дело за кое Реџепи мора да поднесе одговорност! ЦИВИЛ бара од Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство да реагираат веднаш и да го повикаат Реџепи на одговорност! Законот мора да важи за сите подеднакво, па и за Реџепи! Исто така, бараме од Реџепи да се извини и да ја повлече својата изјава, стои во соопштението.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...