Повторно се оспорува вештачењето на СЈО направено од екс пратеник и заменик-министер на СДСМ

1157

Двајцата вештаци кои ги изработиле финансиското и машинско вештачење по барање на СЈО, Тале Герамитчиоски и Страхил Глигоровски, денеска се појавија да сведочат во судница за предметот „Тенк“ кој се однесува на набавката на мерцедесот. Тие биле ангажирани од фирмата„ Еос консалтинг“ АД Рим со претставништво во Македонија од каде СЈО го побарало вештачењето.

Адвокатите ги прашуваа вештаците кој бил управител на фирмата во Македонија. По приговор на обвинителот, судот не го дозволи прашањето бидејќи како што наведе ирелевантно е кој бил управител на таа фирма.

Меѓу другото, вештаците одговорија и дека кога биле подготвувани вештачењата не повикале претставници на одбраната и обвинетите. Кога адвокатите на Груевски го поставија ова прашање реагираше обвинителот Стефчо Донев.

– Немало потреба да бидат повикани лица од одбраната, а вештачењето е изработено врз основа на писмена документација која може да се потврди. Ако одбраната си ангажирала технички советници во предистражната постапка и ако сметала дека одредени наводи се поинакви можеле тоа да го истакнат. Во овој случај немало потреба да бидат повикувани бидејќи се работи за писмени докази кои се собрани од конретни места, вештото лице се повикало на нив и ги цитирало во наодот – рече Донев.

Еден од адвокатите го прашуваше по Герамитчиоски и за неговата кариера. Тој одговори дека е професор на техничкиот факултет во Битола, но и оти бил пратеник, како и дел од извршната власт од 2002 до 2006 година. На парламентарните избори бил избран за пратеник, истата година од Собранието бил именуван за заменик-министер за образование на која функција бил се до 2006-та. На изборите во 2006 година повторно бил избран за пратеник која функција ја имал до следните парламентарни во 2008 година.

Адвокатите го прашаа како член или претставник на која политичка партија бил избран, на што реагираше обвинителот Стефчо Донев кој рече такво прашање е во ред само ако е непосредно и поврзано со неопходните појаснувања на кривичното дело кое е предмет во постапката. Политичкото и идеолошко определување е лична работа, посочи обвинителот, и во случајот одбраната се обидува да го дескридитира сведокот и неговото стручно работење.

Одбраната не сака ништо да наметне, беа дел од репликите на адвокатите, само сака да произлезат фактите за судот да одлучува врз основа на факти.

Оспорување на вештачењето изготвени од Герамитчиоски, одбраната правеше и на едно од рочиштата кое се одржа во фебруари годинава.

По другиот вештак, адвокатите го прашуваа и за важноста на неговата лиценца.

– Согласно законот за вештачење вештото лице достави барање за продолжување на лиценцата до Министерството за правда пет месеци пред да истече, по што министерството ја продолжи лиценцата – им одговори вештакот Глигоровски.
Инаку, пред вештаците денеска да влезат и да сведочат во судница, одбраната бараше изземање на вештачењата како докази што беше одбиено од страна на судот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...