Повторно сами со вмровскиот фашизам

Застрашувачкото растење на движења за коишто сеуште се употребуваат еуфемизми од типот на „десничарски популизам“, „антиглобализам“, или „идентитетски“ или „антимиграциски“ атрибути, не се ништо друго туку новото историско појавување на фашизмот.

1495
grcev

Едно Галупово истражување спроведено во 2012 година во Соединетите Американски Држави, покажа дека само 15 одсто од возрасните Американци ја сметаа еволуционата теорија за кредибилна и мислеа дека човекот се развил по пат на природната селекција како што ја опишал Чарлс Дарвин. 32 одсто беа убедени дека е можно човекот да се развил од некои претходни организми низ милиони години, но дека со тој процес без сомнение управувал господ Бог лично, а дури 46 одсто веруваа цврсто дека човекот настанал токму така како што пишува во Светото писмо, со волјата и чинот на нашиот Создател, некаде пред 6.000 години.

Резултатите од подоцнежните истражувања на истата тема недвосмислено покажуваат дека се зголемува бројот на луѓе во земјата „лидер на слободниот свет“ што не верува во најважната научна парадигма што видот Хомо Сапиенс успеа да ја изнедри како доказ дека го заслужува своето презиме. Јасно е дека земјата „лидер“ забрзано заглупавува и веќе сега – според објективни показатели – ја зазема водечката позиција како најглупава во развиениот свет.

Слични истражувања се направени последниве години и во земјата од која потекнуваат сите бели надлуѓе на планетава – Македоња Вечна, а резултатите ја кренаа на нозе научната заедница. Возбудата настана особено поради фактот што земјата „колевка на човештвото“ покажа резултати што во глупоштија сериозно ги загрозија лидерите во дисциплината, до таа мерка што се претпоставува дека интелектуално и когнитивно Вечна е толку успорена во развојот што како да останала во колевката од која го „кренала“ целото човештво. На прашањето за потеклото на човекот дури 46 одсто од припадниците на библискиот народ оговорија дека се убедени оти „он“ бил со македонско потекло, и дека настанал во античко време, пред 65 милиони години, и тоа како православен христијанин. Повеќе од 90 отсто од испитаниците се изјаснија дека се од православен происход, дека верата ја темелат на тоа што ќе го чујат додека се возат со автобус, а Светото писмо го прочитале точно 0,00000000000000016 одсто од учесниците во анкетата. Заклучоците од истражувањето во врска со верувањата на етничките Македонци кои убедливо испредњачија пред Америте како најглупава нација, се крајно контроверзни: иако со докажано најспор умствено-интелектуален развој, натпреварувачите од Македоња Вечна во последната деценија покажале убедливо најголемо забрзување на процесот на самозаглупавувањето!

Настрана од шегата, неспорен факт е дека верувањата и религиите секогаш биле во тесна релација со базичните претпоставки за начинот на кој човечките општества ја обезбедувале егзистенцијата, политичките уредувања и аспектите на самоспознавањето. Така, најстарите номадски култури во палеолитот, одгледувале анимистички верувања, во кои сите географски места – планините, реките и карпите по кои се движеле ловците-собирачи, како и сите растенија и животни што го чинеа нивниот свет, биле живи, со имиња и душа, во секој поглед рамноправни со човекот.

Оваа рамноправност е укината во многубожечките неолитски култури, и тоа на штета и на припитомените домашни животни и билки, но и на големото мнозинство на луѓе, кои со специјализацијата на работната сила и вертикалната структура на старите кралства, останаа на дното на општествената хиерархија. Монотеистичките религии – јудаизмот, христијанството и исламот, го одвоија човекот во потполност од природата и му подарија душа, и тоа бесмртна душа, но само за да ја стават во рацете на единствениот и застрашувачки Бог. Затоа процутот на монотеистичките вери настанал по згаснувањето на античките демократии и живописните многубожечки заедници, а златното доба на монотеизмите – кога од човекот се барала апсолутна потчинетост на „цара и бога“, се совпаѓа со темниот среден век и апсолутистичките царства што произлегоа од него. По просветителството и научната револуција пред три века, човештвото влезе во модерната ера кога почна да им верува на фактите што ги испорачува науката, а божјите чуда станаа технолошките пронајдоци и индустриски производи: човекот стана бог и апсолутен господар на природата. Со воздигањето на човекот и човечкиот живот на пиедесталот на највисоките вредности – порано резервирани само за божествата, покрај верувањето во Дарвиновата еволуциона теорија, се еманципираа и воспоставија и модерните хуманистички вредности: слободата, еднаквоста, солидарноста, човековите права и современата демократија.

Зошто беше потребен овој ролер-костер низ милениумите, ќе се запрашате, почитувани читатели? Само за да укажам дека историската поврзаност помеѓу верувањата и општествено-политичките системи – факт секому познат уште од основно училиште – стана предвесник на злото што и се заканува на иднината. Од аспект на оваа зловеста релација, планетарното разочарување и раскрстување со модернизмот, како и враќањето кон потрошените и обезсмислени религии од минатото, не укажуваат само на очигледниот историски регрес и заглупавување на човештвото, туку и на евапоризација на вредностите на сободата и еднаквоста на луѓето, принципите на човечките права и солидарноста и сите квалитативни културни придобивки на модерното доба. Застрашувачкото растење на движења за коишто сеуште се употребуваат еуфемизми од типот на „десничарски популизам“, „антиглобализам“, или „идентитетски“ или „антимиграциски“ атрибути, не се ништо друго туку новото историско појавување на фашизмот.

Затоа, не треба да не залажува фактот што меѓународната заедница застана на македонска страна во нашата борба со домашниот мафијашки фашизам. Причините за оваа меѓународна помош не се од идеолошка, а уште помалку од антифашистичка природа: тоа се случи поради совпаѓањето на геополитичките интереси. А, кога тие ќе се исполнат, доколку во меѓувреме не расчистиме одлучно со него, ние повторно ќе си останеме сами со вмровскиот фашизам.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...