Инспекторите растрчани меѓу социјалните медиуми и запалените диви депонии (ВИДЕО)

Откривме од каде е ѓубрето кое се фрла на оваа дива депонија, тоа е од околните фирми, но дополнителен проблем е во тоа што дел од овие фирми тврдат дека си плаќаат ѓубрарина, а сепак некој бесправно го истоварува и пали комуналниот отпад на оваа дива депонија во Визбегово, нагласува Богдановски.

809

Воздухот во Скопје многу се загадува, меѓу другото, и од палење на дивите сметлишта и депониите, а еве токму денеска од дивата депонија во Визбегово повторно се креваше чад и тоа од неколку места. Комуналните редари од Градот Скопје веднаш излегле на терен.

– Голем проблем се дивите сметлишта и депониите, еве токму сега со инспекторите и дежурната екипа сме на терен во Визбегово. За жал, не може на сите места да излеземе и да интервенираме. Очекуваме поголема поддршка од општините и од полицијата – вели Мирослав Богдановски, раководител на инспекторатот на Град Скопје, каде има 16 комунални редари.

За палењето на дивото сметлиште во Визбегово, тие дознале од социјалните медиуми.

– Таму ја палат дивата депонија и еве тројца инспектори се веќе на терен, но ние не можеме да бидеме присутни 24 часа. Откривме од каде е ѓубрето кое се фрла на оваа дива депонија, тоа е од околните фирми, но дополнителен проблем е во тоа што дел од овие фирми тврдат дека си плаќаат ѓубрарина, а сепак некој бесправно го истоварува и пали комуналниот отпад на оваа дива депонија во Визбегово – нагласува Богдановски.

Според Законот за управување со отпад, казна за овој прекршок е од 1.000 евра па нагоре.

Вкупно 16 комунални редари во Градот Скопје лани изрекле 232 казни, а годинава дури 778 скопјани се казнети бидејќи го прекршиле Законот за управување со отпад.

– На казна подлежат следните прекршувања на законот – од фрлање комунален отпад  надвор од контејнер, до фрлање отпушоци од цигари, палење отпад и многу други прекршоци. Максималните казни од комуналните редари се 50 евра. Ние го зголемивме бројот на казните, но очекуваме поголема соработка и со општинските инспекторати и со полицијата, која освен што е надлежна за одржување на јавен ред, исто така има надлежност во делот на прекршување на Законот за управување со отпад. Па кога комуналниот инспектор на општината и Градот Скопје, заедно со полицискиот службеник ќе утврдат прекршок, ќе поведат постапка за изрекување казна – додава Богдановски.

Има општина во Скопје чии комунални редари од јануари досега изрекле само 4 казни  за прекршоци кога станува збор за прекршување на законот за отпад, иако има значително поголем број несовесни граѓани.

Во општината Карпош нѐ информираа дека за стрништето кое пред две-три недели  горело во Бардовци, иако утврдиле кој е сопственикот на нивата, не можеле да изречат казна.

– Само ако на лице место го видиме дека го пали стрништето или сметлиштетото, тогаш може да изречат казна комуналните редари – велат оттаму.

200 казни од редарите во Бутел

Ги побаравме и комуналните редари од општината Бутел, кои беа излезени на терен, но не во Визбегово.

– Сега проверуваме за друго непрописно фрлено ѓубре, а тоа што денеска било запалено кај дивата депонија во Визбегово спаѓа во надлежност на колегите од  општината Шуто Оризари, тоа влегува во нивната општина. Ние работиме во две смени и еве јас од јануари досега имам изречено околу 200 казни од по 50 евра. Казнуваме од фрлање на отпушок од цигара, до непрописно фрлање смет, палење диви сметлишта и друго – ни рече еден од комуналните редари во оваа општина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...