СКМ: Поврзување на регионот на Западен Балкан преку Коморскиот инвестициски форум КИФ

118

На 27 август 2015 година, во Виена за време на одржувањето на Виенскиот Самит, под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, а во насока на активно вклучување на националните стопански комори од шесте земји на Западен Балкан во реализацијата на конкретните заклучоци и цели од Берлинскиот процес, беше формиран Коморскиот инвестициски форум КИФ. КИФ е формиран од страна на шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан, Стопанската комора на Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешно-трговската комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово во насока на спроведување на заеднички активности кои се од интерес за бизнис заедниците и економиите од регионот, велат од Стопанската комора на Македонија.

„Во јули 2017 година беше отворена канцеларијата на Генералниот секретаријат на Коморскиот инвестициски форум со седиште во Трст, а во февруари 2019 година е отворена и регионална канцеларија на Коморскиот инвестициски форум со седиште во Подгорица. Овие две канцеларии функционираат како главна поддршка на бизнис заедницата во регионот задолжени за реализација на заеднички проекти но и следење на преземањето на чекори во секоја од Коморите од регионот поединечно, активности кои се дел од Повеќегодишниот план за создавање единствена регионална економска област на Западен Балкан. Интенцијата е , сите дефинирани проекти во рамки на КИФ да условат подигнување на нивото на соработка во регионот, инвестиции, конкурентност, слободно движење на стоки и на работна сила.

Активностите на Коморскиот инвестициски форум се насочени кон унапредување на конкурентноста на економиите од регионот со поврзување на бизнис заедниците од 6-те земји, подобрување на бизнис климата во регионот и зголемување на стоковната размена со земјите од Западен Балкан, но и пошироко, преку зголемена регионална економска соработка, промовирање на понатамошна трговска интеграција, воведување динамичен регионален инвестициски простор, олеснување на регионалната мобилност и креирање  агенда за дигитална интеграција“, се наведува во соопштението.

Со цел исполнување на дел од агендата на коморите на ЗБ6, во 2018 година со поддршка на Европската банка за обнова и развој, Коморскиот инвестициски форум ја лансираше онлајн „Регионална инвестициска платформа“. На платформата можат да се најдат  сите потребни информации поврзани со условите и поволностите за инвестирање во шесте земји од Западен Балкан, вклучувајќи база на податоци за макроекономските показатели, правната рамка, пазарот, финансиските и други стимулации, потенцијалните партнери и добавувачи, како и конкретни проекти во кои може да се инвестира.

Платформата ги содржи и предлозите на Коморскиот инвестициски форум за подобрување на бизнис климата во државите од Западен Балкан, кои се однесуваат на обезбедување на институционална и политичка поддршка за имплементација на Регионалната економска област (РЕО), но и за обезбедување слободно движење на стоки/услуги во целиот регион, слободно движење на луѓето од регионот, креирање на заедничка стратегија за дигитална трансформација и заедничка регионална енергетска стратегија, но и заедничко промовирање на регионот како специфична инвестициска дестинација. За повеќе информации во врска активностите на КИФ, посетете ја официјалната веб-страница на Регионалната инвестициска платформа; www.investinsee.com.

„Во кратки црти, основната цел на КИФ и на целокупниот Берлински процес  е во соработка со бизнис секторот и спроведување на постојан, структуриран и интерактивен јавно-приватен дијалог со владите  од шесте земји на Западен Балкан, да се креира единствена Регионална Економска Област (РЕО) со што ќе се создадат услови за придвижување на регионот кон Европската унија. Коморскиот инвестициски форум претставува последна шанса за заеднички економски напредок на регионот, но и  единствен пат кон одржлив раст и развој кон членството во ЕУ, на секоја земја поединечно“, се наведува во соопштението.

Токму во насока на реализирање на започнатите активности и имплементација на регионалните проекти, на почетокот на оваа седмица, во Стопанската комора на Македонија, ќе се одржи седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум, на којшто ќе присуствуваат претседателите од шесте комори од земјите на Западен Балкан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...