Ова е последен ден кога ви се обраќам јас со аргументи за причините за протестите. Времето на зборови заврши, на следниот протест зборот ќе го има само народот, изјави синоќа лидерот на Демократската партија Љуљзим Баша на седмиот „национален протест“ на албанската обединета опозиција, обраќајќи се од пред седиштето на партијата.
Баша се заблагодари за граѓанскиот дух и отпор, најавувајќи го следниот протест на 8 јуни.
– Браќа и сестри, стотици илјадници од вас во овој протест донесовте со себе енергија, определување, надеж и доверба за новото утре што се раѓа. Рама и неговата банда да заборават, Албанците нема да дозволат власта да биде насилна. Му порачувам на Еди Рама и на неговиот сејмен и садист Сандер Леши дека ќе одговораат пред законот. Ова е последниот ден како ви се обраќам со аргументитеи, времето за зборови заврши, следниот протест зборот ќе го има народот – истакна Баша.
И синоќешниот протест мина тензично, посебно пред албанскиот Парламент кога насобраниот народ се обиде да влезе во законодавниот дом, при што се повредени десеттина полицајци, камерман, неколку демонстранти, а оштетен е државен имот. Полицијата на чадните бомби и пиротехнички средства возврати со солзавец и водени топови.
Протест вообичаено почна пред Владата каде се обрати Баша повторувајќи ги барањата за заминување на премиерот Рама, формирање преодна влада и спроведување предвремени парламентарни избори.
Баша откако премиерот Рама го нарече политички мртовец, рече дека ова до сега е најмасовно национално обеднување, „обединување на ограбените, угнетени, измамени, предадени Албанци од криминална банда која не може да биде влада на Албанија“.
Демонстрантите синоќа неуспешно се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, фрлаа црна боја, тврди предмети и протехнички средства врз зградата на Владата.
На протестот, кој се смета за најмасовен до сега, според организаторот само од внатрешноста на земјата прстигнале над 65.000 граѓани.
Рама на изборен митинг во Лежа порача дека нема никаква можност да се одложат локалните избори закажани за 30 јуни и никаква можност за негова оставка.
ФОТО: EPA / Malton Dibra