Вработената во маркетот „Рамстор“ во ТЦ „Капитол“ во Аеродром, која прексиноќа тешко ги повреди трите прста од левата рака, чистејќи ја машината за месо, е моментално во стабилна здравствена состојба, информираат од Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија, каде хирурзите вчера до 5 часот изутрина ги оперираа тешките повреди на раката, која повеќе од еден час била згмечена во машината.
Притоа, 48-годишната вработена се здобила со тешки скршеници на трите прста, а оштетени се и лигаментите и кожата, врз кои се направени и реконструктивни зафати. Првите 48 часа по интервенцијата, според лекарите, се од критично значење за понатамошниот тек на лекувањето.
Од „Рамсторе Македонија“ вчера соопштија дека будно ја следат состојбата на повредената вработена и дека се на располагање и на неа и на нејзиното семејство.
Дали во овој случај, каде има тешка повреда на работното место, спрема работодавецот ќе биде покрената некаква прекршочна постапка ќе оценат во Државниот инспекторат за труд, кои вечерта кога се случи несреќата, исто така излегле на терен.
До овој Инспекторат испративме прашања за овој случај, а оттаму ни најавија дека записникот од надзорот ќе биде готов за 10 до 15 дена, по што ќе се знае дали и каква постапка ќе биде преземена.
Лекарите од Институтот за трудова медицина во Чаир изјавуваат:
– Секој вработен, кога ќе го распоредат на работно место, треба да помине обука која ја организира работодавецот. Доколку не ги почитува правилата и насоките од обуката, тогаш негова е одговорноста доколку се случи некоја повреда на работно место. Законска обврска на работодавецот е да направи обука – велат специјалистите по трудова медицина од Институтот.
За 20 отсто зголемен бројот на повреди
Инаку, повредите на работното место, за жал, се сѐ почеста дијагноза.
Во текот на 2017 година се забележани вкупно 1.111 повреди на работа, што е зголемување од околу 20 отсто во однос на претходната година, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Во 2017 година и понатаму најголем број повреди на работа се оние во индустријата и рударството – вкупно 397 повреди или 35,7 отсто од вкупниот број регистрирани повреди во Македонија во 2017 година.
Во однос на 2016 година, нивниот број е зголемен за 10,3 отсто.
Во здравството и социјалната заштита имало регистрирани 143 повреди во 2017 година, односно 12,8 отсто. Во однос на претходната година, нивниот број е намален за 11,1 отсто. На четврто место, според бројот на регистрирани повреди на работа се повредите регистрирани кај останатите осигурани лица – 84 повреди односно 7,6 отсто од сите повреди, со намалување од 52 отсто во однос на претходната година.