Предметите за кои Специјалното јавно обвинителство (СЈО) покрена обвиненија, а сега се во рацете на редовните обвинителства, имаат повеќе враќања на судските процеси на почеток отколку одење до крај и донесување правосилни пресуди.
Денешното судско рочиште за случајот „Тотал“ каде новинарот Драган Павловиќ Латас е обвинет за затајување данок, е само последното на кое некој предмет на СЈО имал „нов почеток“ што во пракса значи повторување на целата постапка со давање воведни зборови, изведување докази, сослушување сведоци итн.
Причината што „Тотал“ денеска се врати на почеток е што поминале повеќе од 90 дена од последното одржано рочиште.
Заедно со „Тотал“, 11 предмети на СЈО досега се враќале на старт од кои некои и по два пати, покажуваат анализите на Коалицијата „Сите за правично судење“ од каде спроведуваат мониторинг на судските постапки.
За разлика од овие статистики, бројот на предмети во кои има правосилни пресуди е двојно помал – пет.
Кога станува збор за „новите почетоци“, вчера таков имаа и „Шамарите во Центар“ од истата причина – поминати 90 дена од последното одржано рочиште. Инаку, ова е првиот предмет на СЈО кој се најде во судница, а судењето, за случај кој се однесува за насилство на протести, трае подолго од три години.
Минатата недела во вода паднаа и две и пол години судење во „Тортура“, случај кој се однесува на начинот на апсењето на Љубе Бошкоски. Предметот почна одново затоа што судија поротник си поднел оставка, а законот налага враќање на почеток ако има промена во составот на судечкиот совет.
Покрај овие три предмет кои имаа нов старт последните десетина дена, досега два пати се враќаше и случајот „Тендери“ каде обвинета е ексминистерката за култура Елизабета Канческа Милеска.
Поради поминати 90 дена од последното одржано рочиште, иста судбина имаа и предметите „Транспортер“, кој се однесува на превоз на ученици каде на обвинителна клупа седи и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, и „Трезор“ кој се однесува на набавка на опрема за УБК, а меѓу обвинетите е и Сашо Мијалков.
Случаите за „Шпион“ и одвоената постапка за новинарот Зоран Божиновски, исто така, се враќаа на почеток поради истекот на 60 дена од последното рочиште. Рокот за нив е пократок бидејќи се водат според стариот Закон за кривична постапка (ЗКП).
Пред самиот финиш, наместо пресуда за пратеникот на ДУИ Ејуп Алими и Исмет Гури во предметот „Титаник 3“, предметот почна од почеток затоа што судијката побара да се изземе.
Во случајот „Тврдина 2“ за уништување опрема и документација од УБК, има правосилна пресуда за шест лица, но Апелација го врати судењето на почеток за првообвинетиот Горан Грујевски, кој е во азил во Грција.
Второстепениот суд го врати на почеток и предметот „Триста“ за набавката на 300 возила во МВР, каде обвинет е поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, кој со првостепената пресуда што ја укина Апелација беше осуден на девет години затвор.
За разлика од овие 11, според мониторингот од Коалицијата, во само пет случаи на СЈО има правосилни пресуди. Од нив, веќе го споменавме случајот „Тврдина 2“ за шестмината вработени во УБК.
На оваа листа е и познатиот „Тенк“ каде експремиерот Никола Груевски е осуден на две години затвор, а поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на четири.
Правосилна пресуда има и за случајот „Труст“ за што бизнисменот Сеад Кочан се наоѓа во затвор на издржување казна од четири години и осум месеци. Покрај затворската казна, во овој предмет има и условна за Василие Авировиќ, како и одлука за конфискација на имот. Случајот се однесуваше на добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација.
И за Ивона Талевска има правосилна пресуда, која СЈО ја гонеше во случајот „Тифани“. Таа призна вина и доби условна казна.
Правосилна пресуда има и за еден од обвинетите во споменатите „Шамари во Центар“, за кого се водеше раздвоена постапка. Во случајот имаше и две признанија на вина.