Повеќе од 2000 граѓани извадиле двојазични обрасци за лекување во странство

Лани дури 10.417 осигуреници на Фондот за здравствено осигурување го оствариле ова право и извадиле потврди со кои за време на летување, школување или доколку поради други причини престојуваат надвор од земјата, можат да остварат право на итна здравствена услуга во земјите со кои имаме договори за социјално осигурување.

298

Вкупно 2049 граѓани од јануари годинава до денеска извадиле „сини картони“, односно двојазични обрасци за лекување во странство кои важат во повеќе од 20 европски земји. А лани дури 10.417 осигуреници на Фондот за здравствено осигурување го оствариле ова право и извадиле потврди со кои за време на летување, школување или доколку поради други причини престојуваат надвор од земјата, можат да остварат право на итна здравствена услуга во земјите со кои имаме договори за социјално осигурување.

Од Фондот за здравствено осигурување на РСМ информираат:

– Од 1 јануари до денес издадени се вкупно 2049 двојазични обрасци за привремен престој на наши осигурени лица во држави со кои нашата земја има склучено (преземено) Договор за социјално осигурување, односно за користење на здравствени услуги во случај на стручно усовршување, школување, службено или приватно патување (туристички престој) и друго – велат од Фондот.

Вакви договори имаме со повеќе од 20 европски земји: Австрија, Албанија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Италија, Србија, Турција, Хрватска и други. Важно е што во голем број од нив осигурените лица на основа на двојазичните обрасци (потврдите од Фондот за здравство) се изедначуваат со осигурените лица на земјата во која престојуваат, односно ги имаат истите права и обврски во случај на потреба од здравствени услуги.

Ова важи само за итни здравствени услуги како: зголемена телесна температура, сончаница и други животозагрозувачки состојби, како инфаркт, мозочен удар, скршеници, но и за забоболка и други итни здравствени состојби.

Со сите соседни земји, освен со Република Грција, Македонија има склучено вакви договори во кои важи двојазичниот образец што го издаваат во Фондот за здравство.

За да го добиете овој образец, треба претходно да извадите потврда за здравствената состојба од матичниот лекар, а жените и од гинеколог. Со овие потврди, Лекарските комисии на Фондот за здравство, кои во Скопје се наоѓаат во поликлиниката Букурешт, издаваат решение, врз основа на кое во подрачната единица на Фондот бесплатно ви го издаваат двојазичниот образец.

Скопјанката Љ.П. која токму денеска го обезбедила овој документ, раскажува:

– Изгледа компликувано, но не е. Со потврдите од матичниот лекар и од гинекологот, кои исто не ми ги наплатија, со сопругот отидовме во поликлиниката  Букурешт каде мораше малку да почекаме бидејќи истите комисии издаваат и боледувања. Утринава се јавив во подрачната служба на Фондот каде вработената за само 15-ина минути ми ги изготви двата обрасци и тоа еден за Црна Гора и еден за Србија. Решив да ги извадам овие документи и покрај тоа што имам важечко патничко осигурување, бидејќи пред некоја година во Црна Гора не ми го уважија патничкото осигурување, и ми наплатија 10 евра за преглед кај општ лекар. Тогаш ми ја бараа токму оваа потврда, образецот од Фондот за здравство – вели оваа скопјанка, за која, како и за другите летувалци, оваа потврда важи еден месец, ако причината за престојот во странство е туристичка.

Образецот им се издава само на оние граѓани кои се осигуреници на Фондот за здравство. Во текот на минатата и во 2019 година, државата нема склучено нови договори за социјално осигурување со други држави.

Повеќе на следниот линк

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...