Сто и петнаесет пожари се регистрирани од почетокот на годината во кавадаречко. Полицијата денеска свика состанок на кој претставници од неколку надлежни институции разговараа за превентивните мерки за противпожарна заштита.
– На заедничка иницијатива во соработка со полициската станица Кавадарци, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и општината со Територијалната противпожарна единица, одлучивме да направиме координаитвен состанок со конкретни заклучоци во делот на гаснење на пожари и зачувување на околината – изјави градоначалникот на кавадарци, Митко Јанчев.
Над 90 пожари се полски од среден и мал обем, но нанесуваат штета и по имотот на граѓаните, а и го загадуваат воздухот.
– Порано имало помалку, но и не се евидентирале сите пожари. Одговорно сакам да кажам дека сите си ја сакаат и почитуваат работата. На Прочка сите служби одговорија кординирано во справувањето со пожарите. Тоа е показател дека имаме одлична соработка – нагласи Јанчев.
На состанокот присуствуваа и инспекторот за превенција Димитар Каракулев, командирот на противпожарната служба Александар Чадамов, како и Никола Минчоров од планинарското друштво „Орле“, Сашко Петров од Дирекцијата за заштита и спасување и доктор Драган Димитров од Итната медицинска помош.
Територијалната противпожарна единица дејствува на територијата на општините Кавадарци и Росоман.