Златниот октомври е најпрекрасниот период во Скопје, а исто така и во Пекинг. Во овој момент кога се собираат плодовите, одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Н.Р. Кина и Р. Македонија.
И покрај тоа што Кина и Македонија се наоѓаат на два различни континенти и има илјадници планини и реки помеѓу нив, пријателството на двата народа е длабоко и традиционално. Веднаш по 1991 година, кога Република Македонија ја прогласи својата независност, меѓу двете земји се воспоставија дипломатски односи и оттогаш започнува нова ера на обостраната пријателска размена и соработка, порача денеска Лин Лисјен, амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија.
Во текот на изминативе 25 години, особено од почетокот на 21 век, развојот на кинеско-македонските билатерални односи бележи континуиран нагорен тренд. Во изминативе години речиси секоја година стотици македонски пријатели заминуваат во Кина на различни обуки. До овој момент, вкупно 1000 луѓе учеле кинески јазик во Институтот Конфуциј при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а претходната година, се надмина бројката од над 10 илјади кинески туристи, коишто ја посетиле Македонија. Со продлабочувањето на билатералните односи, се повеќе кинески и македонски градови потпишаа договори за меѓусебно збратимување:меѓу Скопје и град Нанчан, Охрид и Далиен, Кочани и Уши, Битола и Нингбо, Општина Центар на Скопје и Општина Сичен на Пекинг. Институциите на културата и уметноста на двете земји бележат директни контакти и често се посетуваат меѓусебно.
Македонија е меѓу првите земји од балканскиот регион, која ја вклучува кинеската традиционална медицина во државниот медицински и здравствен систем и како резултат на ова, Центарот за кинеска медицина има можност да им помага на локалните жители , што наидува на одобрение од јавноста.
Од 2012 година до денес Кина станува најголемиот трговски партнер на Македонија надвор од Европа, разновидноста на трговијата исто така станува се побогата. На масите на Кинезите се појавува македонско вино, квалитетниот мермер од Македонија е оценет високо од кинеските корисници. А по македонските пруги се возат кинески електрични локомотиви. Освен ова, со изградбата на Кинеско-Европски Копнено-Поморски Експресен Пат, возовите, натоварeни со кинески стоки, ја минуваат Македонија и заминуваат за другите земји во Европа.
Гледајќи во иднината, економскиот и општествениот развој на Кина, како и на Македонија се наоѓа во исклучително важен период на транзиција, и на двете земји им претстојат заеднички предизвици – продлабочување на реформата, подобрување на начинот на развојот и подобрување на животниот стандард на народот. Убедена сум дека на 25 годишниот јубилеј ќе гледаме како на нов почеток, добро ќе ги искористиме важните можности од иницијативата Еден пат, еден појас и соработката 16+1 и со заеднички напори ќе откриеме нов потенцијал за идна соработка. Ќе ја продолжиме вин-вин соработката, а заедничките успеси ќе донесат благосостојба за сите нас, со цел да ги унапредиме кинеско-македонските односи на уште повисоко ниво, и од интерес на двата народа да ја реализираме желбата за уште подобар живот!
Да живее пријателството помеѓу кинескиот и македонскиот народ! – порачува амбасадорката Лисјен.