Идната недела го потпишуваме договорот со БЕГ за замена на мазутот во Студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, но и во една градинка во општина Центар, изјави денеска заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.
Тој посочи дека повеќе јавни институции користат мазут за затоплување и дека приоритет во рамки на планот за чист воздух е да се замени нивниот начин на затоплување.
– Во Струмица практично ги почнуваме активностите за приклучување на болницата на гасоводниот систем. Тоа се активности кои тековно постојат. За жал премногу пари државата троши на мазут на екстра лесното масло за затоплување и ова не е само еколошка акција, туку ова е една заштеда во буџетот на Република Македонија, на парите на граѓаните. Тоа е еден приоритет во кој стратешки остануваме и на гасификацијата и на повторното поврзување на парното грење, како и на користењето топлотни пумпи или инвертори во оние јавни институции, каде тоа ќе биде прикладно – додаде Макрадули по посетата на ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, по повод донација на прочистувачи за воздух.