Седумстотини седумдесет и шест приватни здравствени установи-аптеки, со
кои Фондот за здравствeнo осигурување во моментов има склучено договор,
за март 2019 година, ќе добијат рамномерно зголемување на квотите
за лекови, за 12.000 денари, соопшти денеска Фондот за здравствeнo осигурување.
Фондот континуирано ја следи достапноста до лековите на рецепт и работи на
обезбедување подобра снабденост со лекови во текот на целиот месец. Ова
го прави со цел осигурениците да може да ги подигнуваат потребните лекови
во аптеките, во близина на нивното место на живеење.
Линеарното зголемување на квотите за дополнителни 12.000 денари, е
обезбедено за секоја здравствена установа – аптека, освен за апеките со
максимална месечна квота од 650.000 денари и ќе важи само за месец март.
Фондот сака да укаже дека еден од условите за зголемување на месечната
квота е аптеките да издаваат најмалку 20 отсто лекови за кои осигурениците
не треба да доплаќаат.
Фондот продолжува внимателно да ги следи состојбите со достапноста на
лековите на рецепт во аптеките.