Кога во 2015 година тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев одлучи јавно да емитува снимки од неовластено прислушкување и тонско снимање, бев известен за намерата и бев прашан дали дневниот весник „Слободен печат“ што го уредував тогаш и порталот Плусинфо ќе ги објават „бомбите“.
Многу добро се сеќавам дека тогаш во СДСМ го објаснив битието на кривичното дело „Неовластено прислушкување и тонско снимање“, од член 151 од Кривичниот законик на Република Македонија. Членот е едноставен и разбирлив и за лаиците и ќе се потрудам и сега да ги пренесам и да ги објаснам првите три става.
Првиот став од овој член вели: „Тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушкува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“. Ова е совршено јасно и мислам дека нема потреба од дополнителне експликација.
„Незгоден“ е ставот 2 од овој член, кој вели: „Со казната од став 1 ќе се казни тој што ке му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана“.
Според оваа одредба, значи, освен тој што неовластено снима и прислушува, кривично одговорен е и тој што што ќе им овозможи на „неповикани лица“ да со запознаат со снимката. Со други зборови, јавното објавување на ваквите снимки е кривично дело. И тука нема никакви дилеми.
Зоран Заев беше свесен за ова, но се повика на јавниот интерес, односно на правото на јавноста да знае за нелегално прислушуваните разговори, кои откриваа индиции за криминални дејствија. Јас тогаш му објаснив дека медиумите со кои раководам нема да го прекршат Кривичниот законик, но секако дека можат да го задоволат правото на јавноста да знае, ако „бомбите“ се емитуваат на официјални конференции за печатот, или евентуално ни се достават официјално од партијата, со цел јавноста, но и обвинителот, да знаат кој е изворот, кој ги емитува овие материјали.
Веројатно и други луѓе, правници претпоставувам, тогаш го советувале Заев снимките од нелегално прислушуваните разговори да ги емитува на официјални конференции за печатот. Така и се случи. И така беше можно медиумите за овие настани известуваат слободно и без да го прекршат законот. Само така, никако поинаку.
Од тогаш до денес, не сум го прекршил ова правило. „Слободен печат“ под мое раководство и Плусинфо никогаш немаат објавено снимки од анономните извори Никола Тесла, Ел Чека и разни други, бидејќи не беа создадени елементарните предуслови да биде познато кој ги емитува снимките, дали тој некој има било какво официјално својство, а со тоа и обврска да го објасни јавниот интерес и утре евентуално да понесе и кривична одговорност, доколку е нужно.
Повторувам, сме известувале дека некој објавил снимка за некого или за нешто, но никогаш не сме ја објавиле содржината на снимката или линк што води до неа ако таа била од анонимен извор. Кој работи тој и греши, па можно е некогаш да ни се поткраднала грешка, во мое отсуство или без мое знаење, но за оваа работа јас на таква грешка навистина не се сеќавам.
Значи, да биде јасно и гласно – порталот Плусинфо ќе објавува „бомби“ на ист начин како што ги објавуваше „бомбите“ на Заев. Само така и никако поинаку. Сè друго би било кршење на Крвичниот законик. Секако, не сакам никого да убедувам во ништо, најмалку пак некого да критикувам ако постапува поинаку. Секој медиум сам ја води сопствената уредувачка политика. Јас само велам како ќе постапуваме ние. А другите ќе постапат така како што мислат дека е најдобро и за нив најкорисно.
И еден друг прекршок „Слободен печат“ под мое раководство и Плусинфо никогаш немаат сторено, а за Плусинфо можам да ветам дека нема да го стори и во иднина. Не сме го прекршиле и нема да го прекршиме и ставот 3 од членот 151 од Кривичниот законик, кој вели: „Со казната од став 1 ќе се казни и тој што тонски ќе сними изјава што му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица“.
Значи, да бидам сосема јасен, иако тоа некому можеби нема да му се допадне. Новинар не смее да се јави на било кое лице по телефон, да разговара со него за штогоде и да го снима разговорот без знаење на лицето со кое разговара, па потоа снимката да ја злоупотреби и да ја пренесе врз трети лица, односно да ја запознае јавноста со нејзината содржина. Тоа е еклатантно кршење на Кривичниот законик. Можеби тоа, заедно со лажното претставување, некому му наликува на некаков потфат во „истражувачкото“ новинарство, но тоа не е така – ваквиот начин на прибирање информации претставува кривично дело и секако е спротивен на новинарската етика.
Мислев дека е потребно сево ова да го објаснам токму сега, во екот на „бомбашката кампања“ која започна и која веројатно ќе биде интензивна до денот на изборниот молк. Од разни страни ни стасуваат злонамерни, но и добронамерни прашања зошто Плусинфо објавува едни, а не објавува други „бомби“. Одговорив прецизно и пак ќе повторам:
Ќе ги објавиме сите снимки кои до нас ќе стасаат од официјални извори и со официјална комуникација (на пример, со официјален допис или коминике од политичка партија) или кои ќе бидат емитувани на официјални конференции за печатот. Ако постои јавен интерес, јавноста има право да ја знае содржината на снимките, но само под услов да знае и кој ги емитува и ако тој е лице во официјално својство.
Од друга страна, нема да објавиме ниту една снимка од анонимен или скриен извор. И тука нема отстапки, нема „повисоки цели“ во чие име би правеле гнили компромиси. Точка!