Информативниот портал Плусинфо денеска полни осум години. За разлика од лани, кога според извештајот на Репортери без граници, Македонија беше на 109. место, годинава го дочекуваме роденденот на повисокото 95. место. Но, и покрај овој нотиран напредок, состојбата со интернет медиумите во Македонија, посебно, не е регулирана во Законот за медиуми, зашто тие и натаму не се признаени како медиуми и пливаат во морето на „саморегулацијата“.
Плусинфо продолжува да биде медиум кој со професионално известување и конструктивна критика придонесува нашето општество да стане подобро место за живеење. Горди сме на резултатите што ги постигнавме, особено на влијанието и кредибилитетот на Плусинфо, чиј издавач, Здружението на граѓани Член 16, успеа да изгради препознатлив водечки бренд на пазарот на интернет медиуми.
Посебна благодарност изразуваме до нашата верна публика и до компаниите и институциите кои го препознаа Плусинфо како свој медиумски партнер и со својата висока свесност за општествена одговорност ја поддржаа медиумската дејност и професионалното новинарство во Македонија.
Редакцијата на Плусинфо е составена од искусни и одговорни новинари, посветени на својата мисија, кои и натаму остануваат неуморни трагачи по вистината.
Се читаме!