Плоштадот не се издава за Цеца, додека Шилегов е градоначалник. Вака им рекол градоначалникот на Скопје на заинтересирани бизнисмени кои сакале да организираат прослава, а како анегдота го сподели вечерва со новинарите.
Тој говореше на трибина по повод двегодишнината од мандатот.
– Веројатно сум првиот политичар кој се труди нешто да врати во државна сопственост како топловодната мрежа – рече тој, на прашањата околу тоа дека пред триесетина години се случила криминална приватизација на топлификација и безброј тужби.
Запрашан кои се мерките за во иднина за справување со климатските промени, градоначалникот најави промоција на зелениот покрив на ГТЦ, потсети на паркот во Малиот ринг, рече дека ќе се казнуваат и малите работилници и индивидуалните домаќинства кои загадуваат и низа други мерки. Тој најави и поголем дрворед за наредната есен.
Шилегов информира дека е во финална фаза законот за Водно. Во соработка со Шумарски факултет била изработена студија за пошумување на Водно, почнувајќи од пролет. Ќе има различни патеки, набљудувачници, адреналински парк. До средината на идното лето ќе почнат овие програми за атрактивно Водно. Ќе се инвестираат 450 илјади евра за сериозни содржини на Водно без уништување на животинскиот и растителниот свет.
– Град Скопје беше град без туристичка стратегија, а таа сега е при крајот. Ќе се отворат вистински туристички бироа. Онлајн ќе може да се видат локации со дигитализацијата. Во Скопје веќе не може да се најде кревет за Нова Година. Градот се развива туристички – вели градоначалникот.
Градот, рече Шилегов се грижи и за лицата со одредена попреченост, особено за децата, преку вклучување на асистенти, но и ред други мерки за овие лица. Нагласувајќи го пријателството што го има со лице со даунов синдром, тој се осврна и на борбата против стереотипите преку запознавање на младите, стратегијата за интегрираното образование. Различностите, нагласи тој нѐ прават слични.
Според градоначалникот не треба да се зборува за една и друга страна на Вардар, туку за единствено Скопје. Шилегов говореше и за спортот како обединувач, спортските заложби и зголемените средства за спортски настани, најавувајќи ја меѓу другото трим патеката во паркот. На трибината се зборуваше и за комуналната хигиена и третманот на отпадот. Градоначалникот најави казнена политика за несовесниот третман на ѓубрето.
Тој се задржа и на третманот на бездомните животни и рече дека реновирањето на стационарот со подно греење, амбуланта е во завршна фаза.