Плиткоумие

Немам дилеми, бидејќи се бориме за гол опстанок, сега е најважно Македонија да остане на вистинската траса. Но, мислам дека уште долго време ќе останеме заглибени во нашето псевдо-опкружување што го создадовме, во нашите пропагандни бајки и фикции за себе и во нашето плиткоумие, кон кое, во последно време, на мое огромно разочарување, сѐ почесто се приклонуваат и многу наши драги, умни, стари и млади мислители.

2673

Ете нѐ пред конечно решение на спорот за името (останува да се реши само најтешкото – о, тешкото!), светот е пред војна на суперсилите, а јас сум неволен да коментирам дневна политика – идеално време за малку филозофирање, почитувани читатели. Кој е расположен да чита, бујрум, а кој не е, штом зурли диво ќе писнат, нека превие раце, нека покрие лик, нека гризе усни, нека стегне срце клето, да не пушти вик…

Јас, пак, онака опуштено, ќе ве вратам некаде во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, во периодот на моето интелектуално созревање и во почетоците на мојата новинарска кариера. Десетина години подоцна, тој период беше наречен – едноумие. Не дека не бев егзалтиран од таа хроника на најавената смрт на еден планетарен режим (комунизмот), но да ви кажам право, ми беше криво мојата интелектуална адолесценција да се рубрицира како едноумие. Па тоа е време кога ги прочитав најубавите и најсмелите книги, време кога гледавме фантастични филмови и од киносалите излегуваме со вџашени лица, време кога во тогашниве весници и неделници читавме жестоки книжевни и политички полемики, кога буквално ги голтавме извонредните колумни, интервјуа, анализи и репортажи на мајсторите на перото на тогашниот југословенски журнализам, време кога бевме опиени од критичкото мислење и единствено такво познававме како наше, ако така може да се каже, епистемиолошко доживување.

Но, зборот едноумие произлезе од доминантната идеолошка матрица, во тоа време преточена и во груба норма во Кривичниот законик (вербален деликт). Општество во кое за „погрешно“ (критичко) мислење можеше де јуре и де факто да се заработи затворска казна, сепак не можеше да се нарече поинаку освен како тоталитарно во смисла на политичкиот поредок и како едноумно во смисла на една апсолутна фаворизација на компартиската догма. Така беше и само со тоа камче во нашиот чевел (тој грд збор, едноумие), правдата можеше да биде задоволена, а ние да бидеме мотивирани да копнееме за нешто што можеше да се нарече поинаку. Слободоумие, на пример.

Кога учевме да мислиме

Одлепувајќи се некако од тој период (по принципот „каде сите Турци таму и гол Асан“, да си кажеме искрено), доживувајќи ја конечно смислата на познатата Черчилова максима дека фанатик е оној што не сака да го промени своето мислење или да ја промени темата, во почетокот на деведесеттите навистина почнавме да се менуваме и да се еманципираме. Некој порано, некој подоцна, но се сетивме дека да се мисли е поинтересно отколку да се знае, а помалку интересно отколку да се посматра (Гете). Сфативме дека фантазијата сепак е поважна од знаењето (Ајнштајн). Мудрите дознаа дека ништо не знаат (Сократ), што ќе рече дека треба да учат. Преку ноќ ја откривме радоста на критичкото мислење и предноста на откривањето на вистината над верувањето. Учевме да се сомневаме, да спориме, да анализираме, да синтетизираме, да нијансираме, да мислиме. Учевме од тие што умееја и сакаа да мислат и што тоа го правеа со ентузијазам поголем од нашиот.

За жал, како и во периодот пред тоа, доминантната матрица на јавното мислење понатаму не ја определи филозофијата, туку новите идеолошки и политички догми – национализмот, шовинизмот, повампирениот тоталитаризам, сега во поново време и популизмот. Историјата како да се пошегува со нас и одлучи на патот кон слободоумието да се испречи еден долг период на страшно безумие (особено трагично во периодот на војните на овие простори). Кревкиот мир и императивот да се сочува стабилноста по секоја цена, отворија простор за изблик на популизмот како политички модел на корупција на духот на нацијата и за плиткоумието како доминантен метод на мислење и на доживување на светот околу нас. Влетавме во ситуација во која, како што своевремено ќе рече познатиот американски новинар Волтер Липман, сите еднакво мислат, а тоа значи дека никој не размислува многу.

За да ја разбереме природата на тој феномен, ќе приложам само неколку факти за познатата дебата меѓу Липман и исто толку познатиот американски филозоф Џон Дјуи. Липман зборува за склоноста на новинарите (печатот) кон генерализации и стереотипизирање и за одбивноста кон критичкото мислење. Дјуи главно се согласува со Липмановата критика на иднината на демократијата, но не и со неговиот поглед на јавноста и на улогата на печатот. Имено, додека Дјуи новинарите ги гледа како лидери во активната граѓанска партиципација во здравата демократија, Липман во демократскиот процес на своето време гледа како на феномен во кој граѓаните не партиципираат активно, туку пасивно посматраат. Липман новинарството го доживува како хиерархиски систем на провајдери и консументи, а Дјуи како поле за конверзација, дебата и дијалог.

Денес, во ерата на интернетот, можеби може да се каже дека Дјуи бил повидовит и го предвидел големото ниво на партиципативност на јавноста и на граѓанството во политичките процеси. Но, од друга страна, ако подобро се размисли и ако се анализира оваа неподнослива плиткост на јавниот дискурс, која е производ на инхерентната анархија на нетот, а и ако се имаат предвид страшните злоупотреби на најпопуларната социјална мрежа (актуелни деновиве), сѐ повеќе се приклонувам кон аргументите на Липман.

Македонија денес може да биде студија-случај за една таква анализа. Оваа земја е типичен пример за неодгоорната одлука на луѓето, како што вели Липман, да конструираат едно псевдо-опкружување околу себе, поради неспособноста да го разберат сложениот и нималку пријатен реален свет. Во услови на брз и лесен пристап до средство за партиципација во глобалната јавна дебата (мрежата), таа одлука на луѓето да создаваат сопствена, пристрасна слика на опкружувањето, до ниво не само на плиткоумие, туку и на тотална фикција, е полесна отколку човек да се впушти во еден напорен обид да се соочи со вистината, која по правило (барем кај нас) е страшно болна. Така се создава идеален простор и за дејствување на класичната пропаганда, која луѓето искрено си ја бранат, зашто им е полесно и поохрабрувачки да ја разберат и да ја прифатат како вистина.

Заглибени во нашата фикција за себе

Ете, тоа плиткоумие, кое го живееме денес, секој потфат да се покрене сомнеж во популистичките догми, секој обид „знаењето“ да се замени со „незнаење“ како врвна мудрост, дури и секој обид за благо нијансирање на доминантните наративи, се доживува како акт на непријателство кон „промените кои се во тек, само бараат трпение“ и форсирање суета и елитизам. Патем речено, се заборава дека оваа Македонија, наспроти пропагандната сторија за нацијата која на референдум се изборила за својата независност и за демократско државно уредување, е производ на еден херојски или кукавички процес (зависно како кој гледа на работите), дело на два клучни фактора – на меѓународниот фактор што ја определи геополитичката судбина на ова парче територија и на тогашната домашна елита, која успеа да ја види шансата земјата да се осамостои.

Денес, во време кога со класична маоистичка „културна револуција“ се гази елитата (на општо воодушевување на плебост), а плиткоумието грлато и насилно ги побива сите обиди да се конституира едно ново критичко мислење (слободоумие), геополитичката иднина на земјата, за среќа, овој пат веројатно ќе ја определи само меѓународниот фактор, во соработка со една релативно мала група политичари, спремни и желни да соработуваат и на тој начин да си обезбедат политичка иднина.

Немам дилеми, бидејќи се бориме за гол опстанок, сега е најважно Македонија да остане на вистинската траса. Но, треба да бидеме сосема начисто дека во скоро време нема битно да се промени начинот како граѓаните на оваа земја ќе го доживуваат светот околу себе, од што, пак, ќе зависи колкави ќе бидат нашите внатрешни капацитети да го менуваме тоа закржлавено опкружување. Со други зборови, мислам дека уште долго време ќе останеме заглибени во нашето псевдо-опкружување што го создадовме, во нашите пропагандни бајки и во нашето плиткоумие, кон кое, во последно време, на мое огромно разочарување, сѐ почесто се приклонуваат и многу наши драги, умни, стари и млади мислители.

Се разбира, не верувам дека луѓето станале глупави. Тоа е невозможно. Едноставно, ги пуштиле луѓето мозоците на паша. Да го повторам цитатот на Липман: „Кога сите луѓе мислат еднакво, тоа значи дека никој многу не размислува“. И така, кога никој многу не размислува…

ПС. Штом веќе ги спомнав глупавите луѓе, би сакал да ги замолам таквите што ординираат во медиумите, да не ја пренесуваат оваа моја тирада. На ум не ми паѓа да барам да не ме касапат пак (нарачката си е нарачка и ќе мора да се исполни), само замолувам да не ја пренесуваат со намера да ја разберат. Зашто, како што вели Бертранд Расел, „кога глупав човек пренесува она што паметен рекол, тоа никако не може да биде точно, бидејќи тој несвесно го преведува она што го слуша во нешто што тој може да го разбере“. А што може глупавиот да разбере?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...