Пленковиќ: Огромен број земји се за преговори, но за жал не дојде до единствен став

565

Јасно се заложивме за отворање на преговори и со Северна Македонија и со Албанија. Огромен број земји го дели тој став, но за жал поради еден помал број држави не дојде до единствен став и не беа усвоени заклучоци. Хрватска жали поради тоа, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Брисел пред почетокот на продолжението на Самитот на ЕУ.

Сметавме, додаде Пленковиќ, дека ова е добар момент, дека двете земји според мислењето на Европската комисија направија значителен напредок за да почнат преговори.

– Тој став не го делат неколку земји. Треба да се продолжи да се инсистира на ова прашање и пораката што мора да ја испратиме на наште пријатели во Северна Македонија и Албанија е да продолжи со реформите, а дека ние од своја страна како огромно мнозинство земји во Советот на ЕУ ќе продолжиме да ги поддржуваме на европскиот пат – изјави Пленковиќ

Аргументите на земјите кои се противат, според Пленковиќ се „многу тенки“, наспроти аргументите на оние кои се за старт на преговори. Сметаме дека неносењето одлука не е на ниво на историската одговорност што ја има ЕУ.

Запрашан за француското барање за реформа на преговарачкиот процес и дали има време тоа да се направи во краток рок, Пленковиќ нагласи дека таква опција е нереална. Тој оцени дека процесот на пристапување сега значително е усложнет и заострен, а преговорите со кандидатите за членство траат многу подолго од порано.

Според него, предлагачите на ваквите измени треба да кажат што треба и како да се реформира преговарачкиот процес.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов пред денешното продолжение на средбата на лидерите на ЕУ изјави дека ништо не е завршено, туку е одложено. – Едоставно е одложено за време на претседавањето на Хрватска, рече Борисов.

– Фактот што не се договоривме да има пишани заклучоци од состанокот кажува дека огромното мнозинство од државите на ЕУ се за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија – потенцира Борисов.

Тој се надева дека одложувањето од неколку месеци ќе даде можност и за договор на комисиите за историски прашања меѓу земјава и Бугарија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...