Тече третиот ден од вонредната вакцинација во 11 скопски основни училишта, а за два дена против морбили се заштитиле едвај 44 ученици, од вкупно 480 кои се на списоците, според евиденцијата на Здравствениот дом Скопје. Основците ја примаат вакцината во присуство на родителот. Од ДСЗИ потсетуваат дека за родителите на оние деца кои одбиваат вакцина, следи парична казна од 300 до 600 евра, а ако не ја платат, ќе добијат и прекршочна пријава. Но и доколку ја платат казната, тоа не значи дека детето нема да треба да го вакцинираат!
– Вчера 25 деца се вакцинираа против мали сипаници во училиштата, а завчера 19. Денеска во Центар ce на ред школите „Кочо Рацин“, „11. октомври“ и „Јашај Беј Скупи“ и уште 8 во градот. Во интерес на децата, се надеваме на поголем одзив за теренската вакцинација, која се врши според посебен, проверен список каде се само оние кои не се вакцинирани со МРП вакцина. Учениците носат и здравствена книшка и во присуство и со согласност од родителот ја примаат вакцината во училиште – велат од Здравствениот дом Скопје и додаваат дека за оние деца кои се на списокот, а кои не се одзиваат, се пристапува кон информирање на останатите институции.
Една или две дози од вакцината не примиле околу 3500 ученици.
Казната се однесува за една непримена вакцина
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат објаснуваат дека за одзивот чекаат податоци од Здравствените домови, а постапуваат според Законот за заштита на населението од заразни болести.
– Казните за родителите кои одбиле вакцинација за своите деца се од 300 до 600 евра, но се зема помалата. Сите родители кои ќе бидат повикани со мандатна глоба да ја регулираат казната, ќе треба во рок од 7 дена да платат половина од сумата и за нив нема да се поднесуваат прекршочни пријави до соодветните судови. Но плаќањето на глобата не го амнестира родителот од вакцинирање на детето кое и понатаму нема да биде примено во градинка или училиште. Да не мислат родителите дека ако ја платат казната, ќе бидат ослободени од вакцинирање на детето – изјави д-р Ирина Сотирова Бухова, директорка на ДСЗИ.
Таа додава дека казната важи за една вакцина.
– Според законот, казната се однесува за една непримена вакцина, во случајотв МРП. Тоа значи дека за втора или трета непримена вакцина според календарот за имунизација, следува нова казна или поднесување прекршочна пријава – вели д-р Бухова.