Она што го пишува во сертификатот за изградба на енергетско ефикасни објекти во земјава ретко се совпаѓа со вистинската ефикасност на објектот кога тој е во употреба, велат експерти за енергетска ефикасност. Причина за тоа е што градбата на објектите се одвива по секции и не се следат измените во проектот настанати во текот на градбата. Проблем е и тоа што дел од работниците не се обучени за изведба на енергетско-ефикасни објекти.
Ова беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора каде што беше претставен новиот проект за енергетско ефикасно градење „TRAINEE“.
Причина за ваквата состојба, вели Игор Панчевски, експерт за енергетска ефикасност од „ЗБК Креација“ – Скопје е тоа што зградите добиваат сертификат за енергетска ефикасност во проект, а не откако ќе бидат изградени и ќе почнат да се користат.
– При тоа имаме состојба она што е напишано на хартија да не се согласува со реалната состојба. Така се случува зграда која има А сертификат за енергетска ефикасност при проектирање, по изградбата и приемот да покажува карактеристика на енергетскаа ефикасност од пониска категорија, Б или Ц – вели Панчевски.
Според него, тоа ќе се надмине преку воведувањето на БИМ алатката со која ќе се следи градбата на објекти од проектирање, изградба, па сѐ до процесот на користење.
– Со користењето на оваа алатка преку 3Д модел на градбата можат да се прават промени во текот на градбата за да се поправат пропустите. При тоа ќе може да се добие вистинската категорија на енегретска ефикасност на објектот – вели Панчевски.
На почетокот, како што беше речено на прес-конференцијата, оваа обврска ќе ја имаат градежниците кои градат јавни објекти.
Проектот „TRAINEE“ покрај воведување на БИМ алатката ќе има за цел обука и сертифицирање на институции и градежни работници за енергетски ефикасна градба.
– Во рамки на проектот ќе биде формиран Образовен центар кој ќе работи во рамки на Инженерската асоцијација. Ќе се подготват и регистри на институции и обучувачи за енергетска ефикасност и сертифицирани работници – појасни Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија и координатор на Проектот.
Обуката ќе се изведува во три етапи во период од 30 месеци.
– Оние што имаат познавање од енергетска ефикасност ќе полагаат испит и ќе можат да добијат веднаш сертификат. Оние пак кои имаат делумно познавање ќе се обучуваат по што ќе добиваат сертификати. И последната етапа е создавањето на регистрите – вели Спасовска.
Од Стопанската комора велат дека овој проект е трет по ред кој се реализира преку Комората во рамки на подготовката на градежниците за енергетска ефикасност.
– Во претходните два проекта сертифицирани се над 1.000 работници и 300 обучувачи – вели Јадранка Аризанковска од Стопанската комора.
Европската унија за седум години во пректот Хоризонт 2020 преку кој се реализираат проекти за енергетска ефикасност и примена на обновливи извори на енергија вложи 80 милијарди евра, а само 1 милијарда е наменета за енергетска ефикасност.