Платформа против корупција: 94 закони лани во декември не се објавени на ЕНЕР

63

Владата во декември го прекршила сопствениот Деловник бидејќи од усвоени 120 закони, 94 не биле ставени на консултација на единствениот национален регистар на прописи – ЕНЕР, реагираат од Платформата на граѓански организации за борба против корупција.

Од Платформата посочуваат дека согласно Деловникот на влада, сите предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на закони кои што ги предлага влада до Собрание, надлежните министерства имаат обврска да ги објават на својата интернет страница и на ЕНЕР и истите треба да бидат достапни за коментари од јавноста најмалку 20 дена од денот на објавувањето на ЕНЕР.

– Со ваквата пракса на масовно донесување закони по скратена постапка кои воедно не се објавени на ЕНЕР, јавноста и сите засегнати страни не се во можност навремено да се информираат, да дадат свој придонес и да се вклучат во подготовка на закони кои што ќе ги одразуваат потребите на граѓаните. Напоменуваме дека оваа состојба беше констатирана и пред парламентарните избори во 2016 година што пак создава една негативна предизборна пракса – се вели во реакцијата на Платформата за борба против корупција.

Како поспецифични значајни законски измени или нови законски текстови кои не го поминале филтерот на ЕНЕР од Платформата ги посочуваат измените на Законот за заштита од пушењето, Законот за стоковите резерви, Законот за работните односи, како и Предлог – закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и Предлог- закон за стратешки инвестиции.

Платформата на граѓански организации за борба против корупција е составена од 17 членки кои работат во полето на анти-корупција, владеење на право и добро управување.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...