Во некои членки на ЕУ учеството на изборите за Европскиот парламент е доброволно, во некои е задолжително.
Гласот на граѓаните не вреди секаде еднакво. Следуваат десет факти поврзани со европските избори:
- Нерамноправни избори
Изборите за Европскиот парламент се слободни и директни избори во кои граѓаните на ЕУ гласаат тајно. Сепак, принципот на демократија според кој сите гласови вредат исто тука не се применува.
На пример, секој од постојните 96 германски пратеници во Европскиот парламент претставува околу 860 илјади Германци. Секој од шесте претставници од Малта застапува само 80.000 луѓе од Малта.
Но, гласовите на пратениците имаат еднаква важност кога станува збор за донесување одлуки во Парламентот, без оглед на бројот на луѓето што ги застапуваат. Оваа регулатива е содржана во договорите на Европската Унија.
- Задолжително гласање
Во пет европски земји, гласачите се обврзани да учествуваат на изборите за Европскиот парламент – Белгија, Бугарија, Кипар, Грција и Луксембург. Ова исто така важи и за граѓаните на другите членки на ЕУ кои живеат и имаат право на глас во тие земји.
- Многу партии
Од првите избори за Европскиот парламент во 1979 година, бројот на активни национални политички партии се зголеми од 57 на сегашните 212. Причината за ова е зголемувањето на бројот на членките на ЕУ од девет на 28.
Сепак, бројот на политички групи во Парламентот остана главно стабилен. По последните избори, се зголеми од седум на осум.
- Плати
Пратеник во Европскиот парламент пред оданочување заработува 8.757 евра месечно.
Покрај тоа, тие добиваат надоместок од 4.513 евра за покривање општи трошоци, како и дневница од 320 евра за присуство на состаноци. Основната плата на пратеникот се базира врз платата на судија во Европскиот суд.
- Застапеност на жени
Бројот на жени во Европскиот парламент се зголемува со секои нови избори. Пред 40 години, жените биле само 16,3 проценти од составот, а сега се 36,9 проценти. Малта има најголем број пратенички (67 проценти), а потоа следуваат Ирска и Шведска со 55 отсто.
- Персонал
Во јануари 2018 година за Европскиот парламент и политичките групи работеле вкупно 7.698 луѓе. Повеќе од половина се жени (55 проценти). Повеќето вработени работат во зградата на Парламентот во Брисел (4.903), а во Луксембург 2.251. Во главното седиште на Парламентот, во францускиот град Стразбур, вработени се само 292 лица.
- Одѕив
На изборите за Европскиот парламент во 2014 година гласаа 42,6 отсто од граѓаните на ЕУ. Од тоа мажи биле 45 проценти, а жени 40,7 проценти.
- Учество на населението
Германија има најголем број жители меѓу земјите членки на ЕУ: 16,1 проценти од вкупното европско население живее во таа земја. По Германија следуваат Франција (13,1 отсто), Велика Британија (12,9 отсто) и Италија (11,8 отсто). На спротивната страна се Луксембург и Малта, чии жители сочинуваат 0,1 отсто од населението на ЕУ.
- Доверба
Граѓаните со најмалку доверба во ЕУ не се Унгарците или Полјаците, како што можеби многумина претпоставуваа, туку граѓаните на земјите кои ја втемелија ЕУ – Франција и Италија. Во овие земји, според истражување на Евробарометар од 2018 година, само секое трето лице рекло дека „ѝ верува“ на Европската Унија.
Слична е ситуацијата и во Чешка и Велика Британија, која се подготвува за излез од ЕУ.
Најмалку доверба имаат граѓаните на Грција, земја што силно е погодена од европската економска и миграциска криза. Таму само еден од четворица има доверба во ЕУ. Најмногу доверба во Унијата имаат Литванците, Данците и Швеѓаните, две третини од нив.
- Проблеми
Имиграцијата се доживува како најголем проблем на Унијата речиси во сите нејзини членки, се наведува во истражување на Евробарометар.
Постојат само два исклучоци: Шведска, каде што климатските промени се главен проблем, додека во Португалија главниот проблем е тероризмот. Меѓутоа, граѓаните на двете земји миграцијата ја сметаат за втор најважен проблем во Европската Унија.
ФОТО: EPA / STEPHANIE LECOCQ