Планинари со герила-акција обележаа пешачки премини, ги гони инспекција

793

Членовите на планинарскиот клуб „Пелистер“ со герила-акција ги изненадија битолчани кога пред два дена пред изгрејсонце ги обележаа двата пешачки премини во строгиот центар на Битола, кои од Пелагонка 2 одат кон Центарот за култура и кон дворот на Основното училиште „Гоце Делчев“.

– Поради опструкциите што ги трпиме при обновата на Планинарскиот дом „Копанки“, спречени сме интензивно и секојдневно да работиме врз неговата санација. Затоа, дел од нашето време и од донираните пари одлучивме да ги ставиме пак во служба на граѓаните, но овојпат во функција на безбедноста на нашите деца. Одвојуваме дел од донираните средства и планираме да ги обележиме пешачките премини пред битолските училишта – напишаа од клубот на нивниот профил на Фејсбук.

По герила акцијата општински инспектор за патишта и претставник од Комуналното одделение излегле на терен и изготвиле записник за неовластено обележување на хоризонтална сигнализација.

Градоначалничката на Битола Наташа Петровска изјави дека не се работи за негрижа туку за обид пешачките премини да се обојат со поквалитетна боја. Априлскиот тендер за боење на премините пропаднал оти никој не се јавил, па распишале нов а сега има жалба на еден од понудувачите.

Членовите на ПСК „Пелистер“ летово со сопствени сили и со донации во градежен материјал од битолчани почнаа со обнова на изгорениот планинарски дом „Копанки“ на Пелистер.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...