Вицот е стар, но некни како да го ислушав по првпат. Приказната оди вака: млада и среќно мажена жена ги живее првите години од бракот со неисцрпен ентузијазам да му угоди на својот маж. Се труди да ги научи сите вештини на една совршена домаќинка. Ја уредува куќата, набавува, готви, пере, пегла, подготвува зимница, набавува рецепти за омилените јадења на сопругот, што сѐ не. Но, што и да направи или подготви, сопругот прави сложена фаца, подзавртува со главата, ги потподига веѓите и коментира: „Не, не е лошо, само… не е она правото!“ И тука веѓите му се виткаат во кровче, ги подзатвора очите, воздивнува и со меланхоличен и љубовен глас се присеќава: „Е, како тоа Мама го правеше!“
И така секогаш, што и да направи несреќната жена, сопругот ѝ го ништи и трудот и ентузијазмот со потсетување на недостижните доблести на Мама, која остана во родната куќа да старее далеку од својот милуван син. Од тоа „Мама, па Мама“ на младата ѝ се зацрнува животот, таа губи полет и жизнерадост и полека, но сигурно паѓа во апатија што опасно се удолнува кон депресија. Но, волјата за живот превладува и жената трча кај својата најопулена пријателка, ја фаќа за раце и ронејќи солзи ѝ ја раскажува својата несреќно изгубена битка со идеализираната и пресакана свекрва. Мудрата пријателка ја сослушува, ѝ ја крева главата и ѝ го дава најитриот совет на планетата: „Престани да се натпреваруваш со Мама во сите домаќински дисциплини и прејди на терен кај што си ти единствениот шампион – на сексот! Дотерај се како женските од машки часописи, во црни чипкани гаќички и прслуче, секси чорапи и подврзици, да не ти редам сѐ што можеш да направиш да изгледаш фатално привлечно, дочекај го маж ти во таква „опрема“ и твој е: кога ќе те види таква – кралица на сексот, нема шанси да помисли на Мама. Жената послушува, ги обезбедува сите делчиња од костимот на кралицата на сексот: сите секси црни чипки, подврски и тантели, чорапи и штикли, парфеми, депилации и шминки, и сето тоа го прекрива со вел од треперлив црн тил, за нејзината неодолива сексуалност да стане уште помистериозна и пофатална. Кога ги слуша неговите чекори пред врата како се враќа од пат, таа ја зафаќа најсекси позата на троседот во дневна…. тој отклучува, ја отвара вратата, ја здогледува жена си во нејзината секси црнина, се запрепастува и пропелтечува со ужаснат и загроздавен глас: „Лелее, да не умрела Мама?!“
Гордите наследници на Алехандро
Знам, почитувани читатели, ќе речете дека потрошив пола колумна за овој стар и рудиментарен виц, но – рака на срце – оној пресврт на крајот ги исплаќа сите претходни реченици, целиот предолг вовед. Но, како и секогаш, причината што ви го раскажував вицот е во неговата едноставна, базична, астрофизички веродостојна поука. Човекот не го гледа она што му е пред очите, туку она што му е во главата. И, оваа космичка константа важи за сите луѓе на планетава, а – разбира се – најмногу за најстарата раса надлуѓе, за вистинските „Ариевци од Балканите“, за гордите наследници на Алехандро, за сите што се вмро, за сите што се исти и за сите што се полоши од сите други.
И, што им е на овие прастари Македонци, всушност, што ни е нам пред очите? Пред очите ни се јасните симптоми на најголемата глобална катаклизма во историјата на човештвото, уништување на растителниот и животинскиот свет од геолошки и планетарни размери; најголемата светска криза на политичката имагинација откога постои политиката, најголемиот подем на регресивни политички движења, национализми, фашизми и тоталитаризми, од Втората светска војна до денес, и најниското дереџе и безмалку нихилацијата на вредностите на просветителството, либерализмот, рационализмот и левичарската мисла во последните три века.
Пред очите на жителите на библиската земја се урнатините на македонската државност и пеплиштата на македонската култура, како последица на повеќедецениското демонтирање, девастирање и ограбување, кое прерасна во вистинско културно, државно истребување и исчезнување на македонската културна посебност. Ние веќе не знаеме да го зборуваме и пишуваме сопствениот стандарден литературен јазик; во целата земја веќе не постои еден вистински институт или завод за истражување и планирање; не знаеме да направиме прекоп на улица што нема потоа да пропадне; не знаеме веќе да правиме асфалтен пат што нема да се „разбранува“ веднаш по свеченото пуштање; не знаеме да произведеме ни чкорчиња, а камо ли запалка; заборавивме како се прават, како се читаат и како се спроведуваат закони и прописи; стандардизацијата и статистиката ни се несфатливи, невозможни и непостоечки, и сето тоа ни седи на куп пред очи, но ние не го гледаме.
Пристоен дел од уништеното е злостор на ВМРО-ДПМНЕ (останатото го делиме „на равне части“), и таа злосторничка организација пред нашите очи столува во најголемото, најфашистичкото и најукраденото партиско седиште во Европа, но ние како да не го гледаме тоа. На главниот плоштад од престолнината ни столува најголемата и најгрдата кичерска фигура на Александар Велики на целиот свет, непогрешниот знак дека сме нација на ментално ретардирани, но ниедна институција, ниту медиум, ниту граѓанско движење, практично никој, не го гледа тој ужас, и не се запрашува за кој андрак таа грозота уште го грди градот? И, зошто никој не го демонтира и евакуира од градот тој срам и злочин и грабеж и мозочен отров за нашите млади? Очигледно дека ништо од тоа што очите ни го гледаат, не можеме да го видиме, зашто имаме нешто сосем друго во нашите глави.
Мама од вицот
Како Мама од вицот, што му ја исполнува сета глава на неизраснатиот маж, така и во нашите глави постои само Катица Јанева како антихероина што ги плави сите брегови на македонскиот ментален космос. Веќе повеќе од половина година во Македонија се одвива последната фаза од менталното декапацитирање на нацијата. Еден „случај“ се растега низ време, по можност во бесконечност, и се шири насилно и упорно, претворајќи се во криминал на векот за да го исполни целиот когнитивен капацитет на уморниот македонски мозок. Целта на оваа операција е да се заборави огромноста на злосторите што ВМРО ѝ ги стори на земјата, исто како и сериозноста на сите други регионални, континентални или планетарни проблеми. Најважно е овој еден и единствен случај да стане поголем од стотината илјади вмровски случаи, а милион и кусурте евра наводен криминален промет на случајот „рекет“ во нашите черепи да станат повеќе од десетиците милијарди од вмро украдени, уништени или злоупотребени евра.
А, зошто оваа приказна ме асоцираше на култниот филм „Планета на мајмуните“? Ах, да, зашто очигледно сите ние страсно – иако безволно – статираме во филмот „Земја на кретените“.