Питомите свињи се за убивање, а дивите не?!

Што е тоа „масакр на недолжни животни“? Ловот во „Јасен“? Можеби. Но, секој што јаде месо, секој што носи чевли, чанта, ремен, јакна или било што друго од кожа или крзно, секој што седи и прди врз кожена гарнитура, треба да биде свесен дека за неговата потреба, вкус или хир, се убиени недолжни животни. Диви или питоми, сеедно.

6360

По најавата на невладината организација Анима Мунди дека кривично ќе ги гони инволвираните лица кои се фотографирале со убиените диви свињи во националниот парк „Јасен“, за прекршување на периодот на ловостој, сѐ уште не прочитав доволно информации во прилог на тезата дека во овој лов се прекршени прописите, кои инаку се многу јасни и прецизни.

Му се допаѓало тоа некому или не, додека не се смени неговиот статус (ако воопшто се смени), „Јасен“ е комерцијално ловиште. Се лови на организиран начин, исклучиво врз основа на годишни договори со лиценцирани тур-оператори од светот, а отстрелот на дивеч се плаќа според утврдени тарифи. Наспроти сите напори на неколку странски фондации, кои со години упорно го финансираат истражувачкото новинарство во Македонија, нашите истражувачки новинари овој празничен викенд не успеаја да ги утврдат релевантните факти за „масакрот“, односно да докажат дека прописите се прекршени. И за нив е празник, побогу…

Инаку, сакам да се разбереме добро – слично како и активистите на Анима Мунди, јас во принцип не го одобрувам ловот заради спорт, што ќе рече заради забава. И тоа без оглед дали ловџиите се видни јавни личности, или обични луѓе, меѓу кои има и многу мои пријатели. Но, ако од цивилизиран човек се бара, како што вели Анима Мунди, да има почит кон сите живи битија, а не да ги убива (добра поента!), тогаш начнуваме една сосема нова тема, при што од етички аспект апсолутно е ирелевантно дали се убиваат диви или питоми животни, дали се убива во ловостој или кога е дозволено (дозволено да се убива?!), дали се плаќа отстрелот или не и колку.

Секој што јаде месо, секој што носи чевли, чанта, ремен, јакна или било што друго од кожа или крзно, секој што седи и прди врз кожена гарнитура, треба да биде свесен дека за неговата потреба, вкус или хир, се убиени недолжни животни. Диви или питоми, сеедно. А убивањето на телиња или свињи во кланица воопшто не е помалку крваво од „масакрот“ во лов. Кој не верува, нека пронајде на Јутјуб видео како изгледа тој процес и ќе се увери самиот.

Затоа, ве молам, да не бидеме лицемери и прво да се погледнеме самите себе. Јас, на пример, се есапам за љубител на животни, ја поддржувам секоја акција на Анима Мунди, но апсолутно сум свесен за сопствените слабости – јадам месо, ловам риби, носам кожени чевли и јакна и затоа не се продавам за „заштитник на животните“. Некој ќе рече, ако е така, зошто воопшто пишувам за оваа тема?

Има многу добри причини да се пишува за тоа колку е неетички тоа што човекот ги убива другите живи суштества околу себе. Но, нема подобра причина од таа да се потсети на нашата колективна хипокризија. Особено сега, кога сите ние се згрозивме од „масакрот“ во „Јасен“, а никој не ни помисли на „масакрот“ на илјадници јагниња и прасиња во нашите кланици, тоа неопходно масовно убиство за да се задоволи „традиционалната“ Велигденска трпеза на големите и богобојазливи „хуманисти“ и „животољупци“.

Се прашувам себеси, а ги прашувам и активистите на Анима Мунди – кога ќе протестираме заедно и против таа, како што велат, „брутална експлоатација на природата“? Или питомите свињи не се дело на природата? Или можеби питомите не се доволно интелигентни како дивите, па ете, може да бидат убивани систематски, индустриски? И како, по ѓаволите, судиме кое убиство на живо суштество е дозволено и оправдано, а кое не е?

Ако судиме според животинскиот вид кој е загрозен (во последно време, во Скопје барем, можеби со право, најмногу сме ангажирани за заштита на кучињата скитници), морам да ве разбеснам со една црнохуморна вистина – велат дека на улиците во Кина нема кучиња скитници, како што на нашите улици нема свињи скитници. Ви текнува?

Е сега, така разбеснети, обидете се на нештата да погледнете и од друг агол. Здраво е.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...