„Ти никако да станеш Англичанка”, ми вели Душан додека мачкам дебели слоеви путер на парчињата бел леб. Да објаснам. Душан е семеен пријател кој е на пауза од диета, на преспивање кај нас во Лондон и на полпат до Карачи. Плус, љубител на бел леб, на кока кола во неограничени количества, на (од време на време) цигари и на фудбалска супер лига. Пиеме кафе и откако прво кажа дека не е гладен, му подготвувам нешто да касне. Врз лебот ставам шунка, па кашкавал…. „ сакаш патлиџан?”, го прашувам , „или авокадо и јајце”? „Не”, ми вели и се смее….“ од твојата куќа очигледно никој не излегува гладен”.
Такви сме ние од јужен Балкан.Во гените ни е. Да почестиме, да нахраниме, да има. Еден наш пријател од Швајцарија, се разбира, Македонец, вадеше сеѐ. На трпезата секогаш имаше планини храна. Нека се види раскошот! Прославите на сите наши пријатели се такви.Планини храна.Кои им се нудат на гостите да земат и никако да се пуштат да одат со само едно послужување. Што, со Англичаните, да бидам искрена, не е проблем. Треба само да сте упорни. Еднаш ќе кажат не, втор пат, не, ама трет пат, задолжително -да, треба само да бидете трпеливи. Оние пак кои до сега имале контакт со јужен Балкан, си го знаат редот и „на прва” велат -да. Од моето повеќегодишно искуство можам да потврдам дека нема такво количество храна кое еден просечен, слабичок, навидум неухранет Англичанец не може да изеде на едно седнување. Тука ги сметам аперитивот, грицките, предјадењето, главното јадење, десертот, дижестивот и сиктер кафето. Со тоа што ова последното не ја одигрува секогаш улогата која ја содржи во името. Ова можат да го потврдат и сите кои имале задоволство да имаат оброк со странец од северната хемисфера на земјината топка.Со задолжително „позајмување” цигара со кафето, од која се откажал ама ете оди, па сега ако може….
Остатокот од храната, ако остане, се разбира, се чува. Се става во средни, мали и уште помали садови, главно пластични, и се замрзнува. Ако веќе мора да се фрли, и ако е во прашање леб, муфлосан, се бакнува три пати, па се фрла.
Гладни деца
Тоа за оние кои имаат храна. Но не и за 8,4 милиони луѓе во Обединетото кралство кои мака мачат да се прехранат. Ова е всушност како да гладува цел Лондон. И ете уште еден уште по поразителен податок за шестата по големина економија на светот ( ова според Обединетите нации) – околу 870.000 деца во Англија навечер си легнуваат во кревет гладни. Затоа што нивните родители не можат да им обезбедат доволно храна. Повеќе од 500.000 деца одат на училиште гладни. Гладни. Обединетите нации кои ги истражуваа богатите земји велат дека поголемиот дел одат наназад, наместо да напредуваат.Јазот меѓу богатите и сиромашните се зголемува, а тоа се одразува на најмладите, каде што податоците се поразителни.Најдобро оценети земји за благосостојба на децата според ОН се Норвешка, Германија, Данска и Шведска, а најлошо оценети беа Чиле, Бугарија, Соединетите држави и Романија. И Македонија е тука некаде, со Америка. Ама не е за утеха, никако не е за утеха. Напротив.
Велика Британија е на лошото 34то место за неизвесност во обезбедување храна. Истовремено, 1,9 тони храна секоја година се фрла од прехранбената индустрија. Без да се бакне ниту еднаш, а камо ли трипати.
На секое парче храна, од леб, преку месо до патлиџани, на опаковката има втиснато рок на траење. И кога ќе помине рокот, храната се фрла. Без оглед на тоа што изгледа фино и мириса убаво.
Веќе подолго време постојат разни акции ова да се поправи и навиките да се променат од корен. Да им се верува на очите и на носот, а не на втиснатиот датум. Превртената пирамида оди вака: производителите- да не произведуваат повеќе од потребното, вишокот да се дава на банките за храна за да се нахранат гладните, остатоците од храна да се пренасочат кон храна за животните, индустриска употреба на искористените масла и создавање на ѓубриво и- како последен чекор- фрлање. Ако после сето ова, остане нешто да се фрли.Од сето ова, може да “ настрадаат” само депониите, а тоа, ќе мора да се согласиме, е одлична , ама како одлична, фантастична работа.
Вечен оптимист
Годинава, за Божиќ, низ Лондон беа нахранети над илјадници бездомници од разни хуманитарни здруженија. Вратите ги отворија цркви, засолништа, па и поединци. Повеќе од било кога и да е. Да, има повеќе гладни, но има и повеќе луѓе кои се подготвени да помагаат и да волонтираат и да донираат и да се ангажираат да ги нахранат гладните и да им помогнат на најмладите и старите и изнемоштени.Надеж дека нешто сепак се менува?
Вечниот оптимист во мене верува дека ќе биде така. Впрочем, нели, кога е тешко се познава кој е кој и што е што…
А во исто време, имаше и традиционални прослави со задолжителна мисирка во домашна атмосфера со собрани семејства, размена на подароци и задолжителната новогодишна порака на кралицата.
Па почнаа и традиционалните распродажби. Веднаш со попусти од 50%, што доволно говори за состојбите во британската економија. И со насмевка на моето лице, што доволно говори за мојот имиџ на шопохоличарка.
И во атмосфера кога уште не се знае што ќе биде со Брегзитот, кога мојата градина во декември има цвеќиња, (некој рече климатски промени?) , кога неколку упорни пријателки од Македонија успеаја да се пробијат до Лондон ( ах тие визи, значи навистина), го испратив Душан за Карачи најаден и напиен и со неколку сендвичи за по пат, (за не дај боже), како што е ред, со тоа што тие за по пат му ги направив без шунка, да може да ги подели со некој сопатник во невоља. Англичанка? Па, сѐ уште Македонка во Лондон. До догледно време.