Значи мора да се признае, ако некој знае да направи церемонија која долго ќе се памети и ќе ве допре и трогне и ќе се прераскажува, тоа се тукашниве церемонијал-мајстори. Генијалци, експерти во своето поле. Природно талентирани. Има, си велам, традиција, не е тоа тукутака, не е само од колеџите и специјалните училишта. Има, се пренело во гените, уште од времето на кралевите кои сакале церемонии и помпи и тоа, ете, опстојува до ден-денешен.
Може да се види во Британскиот парламент, на секое отворање, гласање, церемонии што уште траат, а врвот е годишното обраќање на кралицата кое, ако подзамижете малку, може да се пренесете со мислите како било пред повеќе од стотина години и нема да згрешите. Или во судовите со наметките и напудрените бели перики, на приемите во кралските објекти, на коњичките трки во Аскот со строго утврдени дрес-кодови и правила, на венчавките на членовите на кралските семејства, каде што се знае кој, што, кога и како, без да се прашува зошто, затоа што е затоа.
Собир на светските лидери
И токму затоа немаше суво око на церемонијата во Портсмут, пристаниште на југ на Англија, каде што се одбележа 75-годишнината од Битката за Нормандија, Денот Д, кога сојузничките сили за време на Втората светска војна се истоварија во Нормандија. Инвазијата наречена „Операција Оверлорд“, вклучуваше речиси 7.000 брода и 130.000 војници под британска команда, кои во летото 1944 година од море ги исполнија плажите Јута, Омаха, Голд, Џуно и Сворд. И така, да се потсетиме, почна ослободувањето на Европа.
Оние што ја организираа оваа церемонија, ги имаа собрано на едно место сите можни материјали, сведоштва, филмски снимки и музика од тоа време. И секако, тука беа главните учесници – преживеаните – околу 300 ветерани, сите постари од 90 години. Некои одеа, некои стоеја, некои седеа, некои беа во колички, некои сами, други во придружба со роднини, пријатели, старатели… трудејќи се да одат колку што можат поисправени, покажувајќи ги медалите на градите и криејќи ги солзите во очите кога ги гледаа снимките и сликите од младоста, другарите и војната.
По овој повод, се случи најголемиот собир на светските лидери на едно место во Обединетото Кралство надвор од некој формален самит, ако не се сметаат Олимписките игри во 2012 година. Кралицата Елизабета Втора на церемонијата беше во друштво со премиерката Тереза Меј, потоа американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот Емануел Макрон, канадскиот премиер Џастин Трудо и шефовите на влади од Австралија, Нов Зеланд, Белгија, Чешката Република, Полска, Словачка, Грција и Данска. И, се разбира, високи членови на кралското семејство и германската канцеларка Ангела Меркел.
Имаше стравувања дека овој импозантен збир на политичари (за кој можете да претпоставите колку напор и средства требаше да се вложат за да се соберат и обезбедат), ќе ги засени оние за кои всушност беше – ветераните и семејствата на загинатите и спомените на настанот и значењето и лекциите од минатото и борбата против фашизмот за тој никогаш да не се повтори зашто ја крева главата, ја крева…
Но, некој церемонијал-мајстор тука (гени, велам, гени се тоа) имаше интересна идеја како на ефикасен начин да го сврти вниманието од политичарите врз ветераните. Токму онака како што треба, зашто постоеше стравување дека од толку многу политичари на едно место, медиумите во потрага по дневна сензација ќе заборават кој е поводот и што е важно. Па ги сврте улогите. И ветераните и роднините и пријателите и гостите беа главните, а политичарите – забавувачи. Тереза Меј го прочита последното писмо на војник пред инвазија кој никогаш не се врати дома, Макрон размислувањето на францускиот член на движењето на отпорот… а Доналд Трамп го наговорија да ја чита молитвата која тогашниот американски претседател Рузвелт им ја читал на војниците пред битката. И ја читаше, и покрај тоа што се има јавно пофалено дека не чита книги и јавноста тука се прашуваше што мислеше кралицата Елизабета Втора кога на подарок за оваа посета му даде книга – биографијата на Винстон Черчил.
Гафовите на Трамп
Не дека сè помина брилијантно – па Трамп е Трамп, и имаше протести и во Лондон и во Портсмут токму поради него. Американскиот претседател има необичен талент да не ги гледа протестите или да ги гледа како да му мавтаат нему добредојде, во речиси секој говор некого да збуни, навреди, повреди – објаснуваше тука дека не мислел ништо лошо кога најновата кралска снаа ја нарекол лоша, дека мислел, па не мислел да го приватизира британското јавното здравство, на Ирците и Британците им ја крена косата на главата кога нивната граница ја спореди со американската со Мексико и уште ѕидови што не им предложи, ја испопипка кралицата по грбот (строго забрането по кралскиот протокол), заборави половина британски политичари со кои требаше да се сретне, го донесе целото семејство, а беше поканет само тој, климатските промени ги опиша како променливо време…
Сепак, кога веќе беше тука, го натераа да чита и читаше, и да се потпише и се потпиша. Под будното око на ветераните, беше донесена заедничка „Денот Д прокламација“ со 16 потписи од присутните европски лидери, вклучувајќи ги Трамп и Меј, со која ветуваат дека работат заедно за мирно решавање на меѓународните проблеми. И дека ќе гарантираат злосторствата од Втората светска војна да не се повторат.
Којзнае дали на следното одбележување на годишнината ќе има ветерани. Но фактите и спомените за „Денот Д“ и за оние знајни и незнајни остануваат. А ова беше повеќе од церемонија. Ова беше завет. Во гените е.