„Мамо, дали си ти феминистка?“, ја прашав мајка ми онака апансас. „Што ти текна сега тоа“, ми вели, „пак ти со твоите прашања, идеи, аман веќе…и доста ме ставаш во колумните. Плус бундата од претходната колумна не беше од Аргентина, од Парагвај беше. Ако веќе пишуваш, барем фактите да ти бидат точни. Иначе, не ти беше лоша. Сепак, внимавај на фактите..“. Не знам како е кај вас, ама кај мене сакањето со критиката секогаш одат заедно, рака под рака.
Сегакажувам
Ова со феминизмот веќе подолго време се провлекува како тема во британските медиуми. Но се зајакна кога Хилари Клинтон ги загуби изборите во Соединетите Американски Држави, па насловите главно беа како умната жена загуби од еден од најнеподобните, најгрубите и најнесоодветните мажи кој што Америка можеше да го избере со помош на „трикови, магии и руски финти“. А уште повеќе дојде до израз со кампањата со хаштаг имене #Metoo – на македонски #сегакажувам кога Алиша Милано во 2017 година охрабри, прво бројни холивудски актерки, а потоа и милиони жени да зборуваат за доживеаните трауми, сексуалните насилства,несоодветните однесувања на работа, дома,од шефовите, колегите, од сите оние кои си земале за право да ги третираат жените како објекти зашто „им се може“.
Се организираа и сѐ уште се организираат собири и тркалезни маси на кои се расправа за правата на жените и за тоа колку е постигнато од времето кога тие добија право на глас во Велика Британија. И треба, борбата за рамноправност меѓу половите сѐ уште трае. На телевизиите и натаму има емисии на кои се зборува за различни аспекти од правата на жените, малку, малку па ќе се посочи некој медиум, како на пример весникот Индипендент кој не кажува дали има разлика меѓу платите на новинарите и новинарките, ќе се крене бука и толку. Ама никако не се посочува некоја приватна фирма, банка и слично, па да се коментира околу парите. Не „по балкански“ – зошто земаат многу пари, туку зошто мажите за иста работа добиваат повеќе од жените. Хмм..баш ме интересира дали вработените жени во македонските претставништва во Лондон знаеја дека за иста работа заработуваа(т) помалку од мажите?
Жени и џин и тоник
Бев поканета на една таква дебата, и да, бидам искрена,се мислев дали да одам, зашто темата – Феминизмот во Велика Британија денес, не ми делуваше премногу ветувачки. Ама една од гостинките беше моја бивша колешка, па си реков, ајде да одам, ем ќе се социјализирам малку ( живот фриленсерски), ем можеби ќе биде интересно. Е па беше. Почна така што дна 17 годишна девојка прво држеше предавање за феминизмот, и даде пример како во нејзиното уличиште успеале да се изборат за заеднички тоалети за момчиња и девојчиња. Ух ух, си реков, ова феминизмот во Британија има разни облици, форми …ајде, да бидам толерантна.
Но потоа дојде главното! Ѕвезда на вечерта беше преставничката од Партјата за Еднаквост на жените (ВЕП) . Политичка партија, ни помалку ни повеќе. Софи Вокер рече дека нивната партија ќе се бори за 50 отсто од парламентарцита, лекарите, инженерите итн… да бидат жени. Кога една учесника рече дека ова е утопистички, дека би тртебало да е нормално жените сами да решаваат колку и што сакаат да прават, не со декрет, настана метеж. Жените наводно сами решаваат затоа што индокритнирани од мали нозе од социјалните очекувања и од родовата улога што се очекува да ја заземат.И ќе се залагаат за повеќе женски ликови на банкнотите и за намалување на данокот на тампони!
Интересно беше што на состанокот немаше ниту еден единствен маж. Ќе беше интересно да слушневме негово мислење.
Некако се надевав дека на состанокот ќе се зборува за браковите под принуда кои се во пораст во Англија, за домашното насилство, за малолетничката бременост.Заедно со рамноправноста и третманот на работното место. Ама овие жени некако беа надвор од реалноста. Ако процентите, банкнототе и тампоните и банкнотите им се приоритети, тешко на феминизмот во Англија.Оваа партија, инаку е обвинета дека е само за жени и тоа „бели, од средна или висока средна класа и кои немаат подобра работа“.
Јас имав што да правам. Си отидовме, не плативме членарина и со колешката се частевме Џ&Т.
„Е добро де, не знам дали сум, ама феминизам е рамноправност меѓу жените и мажите“, конечно под притисок рече мајка ми, типично решавајќи да не ги дели луѓето. Која патем речено работеше, роди две деца, специјализира и стана примариус без никаква домашна помош , беше сопруга, мајка,баба,пријателка ,пола Бит Пазар ја знае,прошета пола свет, велат најомилената докторка од Здравствен дом Скопје, помагала и помага и е најголемата феминистка која ја знам.