ПИСМА ОД ЛОНДОН Убавината на носеното

Во Скопје се отвориле неколку продавници на за облека од втора рака. Супер, се надевам ека ќе ги разбијат предрасудите. Им посакувам мнооогу успех. И чекам да се отвори барем една која ќе работи во хуманитарни цели.

716

Имам една прекрасна бунда. Ја купив третата година по моето доаѓање во Лондон, од две причини. Првата беше зашто беше многу студено. Благите лондонски зими таа година решија да прескокнат една сезона, а палтото не играше никаква улога зашто северниот ветер минуваше низ него, па низ мене, па пак низ него и само бунда „вршеше работа“. А втората причина беше тоа што мојата (куса) бунда од природно крзно, подарок од мајка ми, која откако таа ја довлечка од Аргентина (долга приказна), а јас ја довлечкав во Лондон, немав „три чисти“ да ја носам наоколу.

И ова од две причини. Првата, зашто низ Лондон шетаа воинствени заштитнички на животните од милитантното крило на ПЕТА (друштво за заштита на правата на животните), кои со кантички со боја и со изострено око за природно крзно ги полеваа сите оние жени и мажи кои носеа, погодувате, вистински крзна. И втората, зашто ми беше срам, јас, екологист, кој се залага за заштита на околината и животните, да шетам облечена во аргентинска лисица. И така, отидов во продавница и си купив убава долга бунда за која само милитантните од ПЕТА можат да кажат дека е од вештачко крзно.

Винтиџ инспирација

Во Лондон има стотици, ма можеби и илјадници продавници каде што се носи, се кuпува и се продава облека, покуќнина, бела техника, плочи и разни дребулии кои некогаш некој ги користел. Некои се продаваат и приходот оди во химанитарни цели, за борба против ракот, притов срцеви заборувања, против насилство врз жени, деца, животни, други за бизнис и профит. Се користеле, им завршил животниот век кај првобитниот сопственик и потоа, наместо да завршат на отпад, добиваат нов живот.

На познатата Портобело роуд, кај Нотинг хил, тоа е туристичка атракција, каде што луѓе од цел свет купуваат стари шапки, фустани, палта, слики, плочи, грамoфони, мапи, сервиси за ручање, вазни, топки за фудбал од шиена кожа… Модните креатори доаѓаат тука да разгледаат, да добијат инспирација. Зашто модата се врти, па она што се носело пред дваесет, триесет, педесет, сто и повеќе години, некој мал детал, некој набор, некоја линија на тетка Лили која шиеше градници во шивачкиот салон во Челси, можеби беше идејна каписла за колекцијата на Жан Пол Готије, кој е виден како доаѓа тука и низ другите винтиџ пазари и бутици за секнд хенд алишта во Лондон.

Постојат и бутици каде што богатите и славните кои носат брендирана стока дискретно се ослободуваат од она што веќе не го носат. Па така на пример, имате Гучи, Диор, Версаче, Вествуд за половина цена, што, да бидеме искрени, исто е цена што ги насолзува очите. Но затоа, во хуманитарната продавници за стока од втора рака на Хампстед и Примроуз хил, многу често можат да се најдат брендирани парчиња речиси за „ичпари“. Не зборувам само за гардероба. Има и слики, и часовници, и накит…

Носено и корисно

Интересно е како може различно да се реагира на продавници на користена стока. Нема проблем за накит, часовници, слики, проблемот изгледа главно е гардеробата. Еве на што наидов гледајќи на неколку сајтови на кои прогуглав барајќи мислења за продавници за секнд хенд или облека од втора рака или носена стока … на македонски едноставно нема убав назив, а не е ветва стока, (речиси) нова е.

Нема шанси да носам носено, не е хигиенски… Грозно е да се носи нешто ако некоја друга го носела… Не би купила ништо од таму затоа што носеле некои покојни луѓе… Од таму не би купил, малку ми е крипи… Знам дека го перат и го даваат на хемиско, ама брррр, шуга ќе фатам“.

Па си велам, а ако е квалитено? А ако е убаво? А ако е по добра цена? А ако го носела некоја позната и славна? Добро, ова е индивидуално и немам намера никого да убедувам. Мислам дека продавниците за облека од втора рака се одлична работа и можат да бидат добар бизнис. Кренав раце од убедување на една бивша колешка дека овие продавници се вистински бисери во секој поглед, но станав член на една која собира средства за срцеви болести (поради татко ми), донирам и волонтирам. 

Во Скопје се отвориле неколку продавници на за облека од втора рака. Супер, се надевам ека ќе ги разбијат предрасудите, зашто изјавите погоре се од македонски сајтови. Им посакувам мнооогу успех. И чекам да се отвори барем една која ќе работи во хуманитарни цели.

И патем, бундата од почетокот на текстот ми е од продавница од втора рака од Ричмонд. Каде што живееја Мик Џегер и Џери Хол додека беа во љубов. Е сега, не претендирам дека Џери ја носела, нејзе ќе ѝ беше куса, ниту Мик, нему ќе му се влечкаше по земја. И чисто вака информативно, не добив шуга.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...