ПИСМА ОД ЛОНДОН Татко шофер…

Немам ништо против ако нечиј татко бил шофер, а мајка пеела по кафеани. Ама барем да знаеме кои се, што се, од каде доаѓаат, зашто гласачите имаат право да знаат повеќе кои се тие што одлучуваат и ја кројат нивната судбина.

1055

Фино и коректно, би рекла домашно воспитување е да си пристоен, да кажуваш добар ден и благодарам и извини и прости. Да не се послужуваш сам „за да има за гостите“ и ни случајно на гости да претераш зашто „ќе се разбереме ние кога ќе се вратиме дома“. И да се јавуваш и да се поздравуваш кога ќе видиш некој познат на улица, што патем ми остана до денешен ден, па поздравувам сѐ живо и диво што ќе препознаам, меѓу кои роднини, родители на школски, продавачи од самопослуги, телевизиски личности, глумци, пејачи, познати и полупознати кои исто така ми отпоздравуваат – си велат, со дотичната најверојатно се знаеме па сум заборавил(а), па да кажам и јас едно здраво, ништо не ме чини. Што, мора да признам е одлично, зашто досега сум импресионирала многумина со широкиот круг на разнородни славни, познати и полупознати личности со кои сум „на ти“.

Политички некоректно

Како тинејџерки, кога сакавме да ги „откачиме“ љубопитните прашања на главно мајките, бабите и тетките – кој ти е овој и што му работат родителите, велевме „татко шофер, мајка кафанска певачица“!!! И пораката беше примена, значи не прашувај, нема муабет, не кажувам. Да се разбереме, немавме ништо ниту против шофери ниту против кафеански пејачки. Баш ни беше сеедно. Ние немавме, но мајките, бабите, тетките главно сакаа да најдеме „некој со факултет“. Шоферите како да не беа премногу на цена. Не беше баш политички коректно, ама беше соодветно на времето, кога факултетите беа на цена.

И така потоа во меѓувреме, некои се усреќија со некој со факултет, други среќно се разведоа со две дипломи, некои имаат склад со среднист, трети беа професионално извозени од доктори на науки, маестрално измамени од магистри и таксисти, станаа баби и дедовци и тетки со продавачки и преведувачи. Се сменија времињата, па кафеанските пејачки заработуваат повеќе од хирурзи, новинарите станаа осигурителни агенти и преведувачи, а знам за еден шофер што вози во Америка, има куќа во Скопје и во Охрид, ќе се жени во Лас Вегас и многу мајки, баби и тетки би го посакале за зет, оти фин е човекот.

Од друга страна

Двајца синови на шофери во Велика Британија направија брилијантна политичка кариера. Едниот е градоначалник на втората најпопуларна светска метропола – Лондон, град што секоја година го посетуваат околу 20 милиони жители. Друг неодамна стана министер за внатрешни работи во владата на премиерката Тереза Меј. Садик Кан и Саџид Џавид.

За нив има мноштво детали на нивните веб-сајтови, а тие самите со гордост раскажуваат за родителите. Предците на Садик Кан емигрирале во Пакистан по поделбата на Индија, па дошле во Лондон. Татко му бил шофер на автобус во градски сообраќај, мајка му шивачка, а тој едно од осумте деца пораснати во стан со три соби. Сакал да стане забар, ама учителот му предложил да студира право, зашто сакал многу да се расправа. Муслиман е, пости, оженет е за колешка адвокатка и има две ќерки.

Саџид Џавид неодамна застана на чело на едно од најпрестижните министерства, она за внатрешни работи. И нему родителите му дошле од Пакистан, пораснал во седумчлено семејство, исто во социјален стан, татко му возел автобус, мајка му шиела алишта кои тој ги продавал на тезга на пазар во Лондон. Оженет е за Лора Давид, има четири деца, ама не се декларира како некој што практикува некоја религија. И двајцата се сметаат за исклучително успешни, талентирани и способни политичари, со претходно богато искуство во приватниот сектор, со сè што се подразбира со тоа.

Да не се разбереме погрешно, немам ништо против ако нечиј татко бил шофер, а мајка пеела по кафеани. Дали таткото бил на нива, а мајката била шивачка. Дали таткото бил професор, а мајката домаќинка. Самохрана мајка. Татко на службен пат. Важно да не краделе и да не лажеле и да не вршеле кривични дела.

Ама барем да знаеме кои се, што се, од каде доаѓаат, зашто гласачите имаат право да знаат повеќе кои се тие што одлучуваат и ја кројат нивната судбина. Не ми е јасно зошто балканските политичари не се фалат со своите родители. Саџид Џавид не пропушта да каже дека татко му дошол во Лондон со една фунта во џебот. И дека децата ги пратил во приватно училиште зашто му ветил на татко му дека ќе им обезбеди најдобро можно образование. А Садик Кан отворено кажува дека татко му имал прекар „ден и ноќ“ зашто работел по две смени за да заработи повеќе пари за да го школува повеќечленото семејство.

Кај Балканците – штама. Штурци. Јавноста како нешто знае, ама никој јавно ништо не кажува. Од време на време некој скандал, без факти, гласини и клевети. Ама ништо убаво или позитивно.

Немам слушнато многу за родителите на политичарите на Балканот, ете на пример во Македонија. Да не беше долговечноста и муралите во штабот на сегашната опозиција, немаше да дознаеме за саканата мајка на тогашниот лидер на партијата. Од време на време, кришум и низ кулоарите ќе се дознае за некој развод, за секретарка што растурила брак, за пратеник што не зборува со сопствениот татко, ама за семејството, за татковците, за родителите, многу малку, и тоа само онака, заткулисно во таканаречени „чаршиски муабети“. Нема убави приказни, нема благодарност, нема љубов и почит, нема споделување на семејните вредности со јавноста. За татко, за мајка, за жртви, за семејни вредности… Зошто е тоа така, се прашувам. И никако не можам да го најдам одговорот.

Точно дека политичката коректност низ светот налага да не се оценува некој според она што му работеле родителите, колку заработува, туку според тоа колку е способен и каков човек е. Ама пак јас (и не само јас) ги оценувам какви луѓе се и кога не пропуштаат да ги спомнуваат родителите. Освен ако немаат нешто да кријат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...