Мора да им студи. Мора да им е ладно и да се смрзнуваат. Мора да им се тресат забите и да им се ежи кожата, кога од устата им излегува пареа кога дишат додека си велат во себе „смрзнувачкасмрзнувачкасмрзнува
Пингвини во несвест паѓаат. Невообичаено за овој период од годината. Јануари. До вчера ми цветаа хризантемите во градината, но сега студен бран ја зафати земјата и стигна и до југот на земјата. Дечкото по маичка со куси ракави (моите пријателки решија дека се вика Климе) со бавни чекори ја минува улицата, а од другата страна чека зелено светло еден сити тип со сако и кошула и шалче околу вратот. Истата гардердоба, можам да се обложам, брокерот ја носи и во другите три годишни времиња – шалчето е само знак дека е зима. Еве, тукушто (или штотуку?) поминува една госпоѓа во бунда и сандали на боси нозе. Да, да, боси нозе. Важно бунда носи. Сомнителна ми е бундата, природно некако изгледа. Придружувана е од млад човек по кошула. Бундата или госпоѓата? Добар пар се. Бундата, госпоѓата и младиот човек? Можеби и’ е син? Дигресирам…
Навика е тоа, секоја зима ме убедуваат, а јас никако да се навикнам. Изгледа ги навикнуваат од мали нозе, зашто ете, поминуват ученици во униформи, куси чорапи и куси панталончиња, девојчињата во куси здолништа, со голи нозе а колената модри од студ но весело џагорат и се смејат.
Туристите се забележуваат веднаш. Облекле се’ што имале на себе и шетаат наоколу како да слегле од планина. Слично и оние кои дошле тука на некое време од делови на Европа каде што се знае што е зима и каков е редот на облекување – чизмата ја чува главата, а може и шубара и капа и широк шал и ракавици и она за на уши и … Но не и Британците.
Прилагодливи Британци?
Британците едно време, поточно кон почетокот на дваесеттиот век беа најголемата колонијалнна сила. Четвртина од светот беше британска. Сонцето никогаш не заоѓаше кај британската империја, зашто секогаш некаде беше дење. Една од урбаните легенди е дека тоа било и затоа што тие биле прилагодливи, односно можеле да функционираат на секакви годишни времиња и температурни разлики. И услови. Се прилагодувале на различни култури, главно наметнувајќи го своето, но сепак прифаќајќи и други влијанија.
Ќе функционираат, вака или онака, со Брегзитот, последното искушение на оваа исклучителна нација, поделена сега како што не била никогаш во својата понова историја.
Договорот за напуштање на ЕУ на премиерката Меј доживеа колосален пораз во парламентот и во нормални услови, таа требаше да поднесе оставка. Но ова не се нормални услови. И таа ја доби довербата на парламентот на барање на опозицијата! И сега што? Ене каде е 29-ти март, кога земјата треба да го напушти старото познато европско друштво. Европа и’ фрла спасувачки појас дека може да остане, парламентот е поделен на третини, опозицијата е неорганизирана и безидејна за Брегзит, Северна Ирска е загрижена за границата со Ирска, и во моментов јас знам исто колку што и дел од министрите во владата на Меј за тоа што понатаму.
Харизма и што без неа
И така, најпопуларен член на британскиот парламент деновиве стана претседавачот со долниот дом, Џон Берков (едно време попознат по секс скандалите на неговата сопруга и неговите за наводен мобинг на своите соработнички). Што во конкуренција на еден куп сосема нехаризматични британски топ политичари, изгледа не му беше тешко. Меј? Упорна е и издржлива, но тоа е тоа. Корбин? Ниту еден говор кој што го има одржано до сега не успеал да крене на нозе никого, па дури и оние на кои се укочиле од седење, а и во неговата сопствена партија велат дека човекот едноставно не можат да го замислат како иден премиер и дека – не го бива. Има харизма на столче. Борис Џонсон? Си го потроши рејтингот со лагите и превртливоста. Мајкл Гоув? Амбициозно човече – фрлач на ножеви – нема да му ги заборават оние во грбот на Џонсон, па на Меј, па на Дејвис, па на… амбиции има за извоз, му претекуваа, ама. харизма-не.
Се’ погласни се барањата за нов референдум зашто и дел од пратениците и обичните луѓе сметаат дека земјата е во ќорсокак и дека сега, две и пол години по првиот знаат многу повеќе за тоа што значи Брегзит и кои се последиците од него. Компликувано, велат, но не и невозможно.
Го слушам поранешниот генерален директор на Светската трговска организација, Паскал Лами. Ги информира оние брегзитовци кои сакаат Британија да излезе од ЕУ и да тргува по правилата на СТО дека тоа е како да сте биле во премиер лигата па да одите во некоја трета регионална лига. Дека толку скапо ќе ја чинат Британија новите трговски преговори. Дека ЕУ е премиер лига. Премиер лига! Се надевам слушаат луѓето. И тука и пошироко.
И бидејќи сакам убави работи, морам да ги спомнам амбициозните ученици од државното училиште Брамптон Манор од Њуам, едена од најсиромашните области во Лондон. Речиси сите се од етнички малцинства, речиси сите добиваа бесплатни оброци на училиште зашто семејствата им се сиромашни и речиси сите поради одличните оценки добија понуди да студираат на Оксфорд или во Кембриџ. Догодина 41 студенти ќе се појават во Оксбриџ и ќе бидат првите во нивните семејства кои ќе имаат факултетско образование.
Некои од нив се деца на емигранти, некои деца од сиропиталиште, некои деца на самохрани мајки или татковци. Сите се умни и припаѓаат во Оксбриџ.
За војводата од Единбург, принцот Филип кој имаше сообраќајка возејќи „ланд ровер“ на 97 години и излезе од кршот неповреден, нема да пишувам. Не сакам да ја секирам мајка ми која престана да вози и го продаде „реното 4“ на рана возраст од 80, без ниту еден прекршок во кариерата. Вели дека жалела некое време. Многу ме интересира дали Филип го извозе своето. Се надевам – не.