Дали е тоа поради историјата, поради трговијата, поради Втората светска војна, поради јазикот, да, да, сето тоа заедно и плус уште многу друго, ама до ден денешен (и покрај тоа што не сакаат сите да признаат), најголемиот дел од Британците се импресионирани од Американците. И обратно. Ама првото, рака на срце, повеќе. Па да се навратиме на првото… кое мачи многумина во земјата и на кои не им се допаѓа кога некој ќе ги спомне класичните изреки:
„Кога Америка ќе каже – скокни, Британија прашува – колку високо? Британија – американска пудлица. Не си успеал ако не си успеал преку Барата и најважното – специјалното пријателство. И така натаму, и така наваму. Ама повеќе натаму.
Поновите генерации се обидуваат да се ослободат од комплексот наречен Америка, посебно затоа што за разлика од нивните предци, кои се гордееја со тоа што се тука во Кралството и не шетале многу, немаат пасоши (некои и ден-денес на одмор одат исклучиво локално), го шетаат светот и имаат проевропски и космополитски погледи и ставови…
А во тоа, да бидеме искрени, им помага и сегашниот претседател Доналд Трамп, кој не е премногу популарен во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. А најмалку е „сакан“ во Лондон, каде што кога и да се споменеше можност да дојде во посета, имаше протести. И кога дојде на двапати, имаше и протести и пароли и балон цепелин во вид на грдо бебе со лик на Трамп во пелени кое во рака држи мобилен… И згора на сè, истиот тој Трамп дојде без чувство за протокол, си го донесе семејството непокането, ја испотапка по грб кралицата (кралицата не се тапка и не се пипка, барем не од странски државници и обичен плебс) и на градоначалникот Садик Кан му кажа дека е грдо човече, на новата снашка Американка дека е лошотилак, на своите сонародници на прашањето како си поминал им рече дека низ Лондон тече крв низ улиците, а на лондончани им кажа дека живеат во „Лондонистан“, алудирајќи на муслиманите кои, очигледно, не му се по волја.
Рече и отиде да бара втор мандат од своите – Америка грејт агејн!
Дуинг бизнис со ју кеј
Кога британската премиерка (сега во оставка) Тереза Меј отиде да му честита на Трамп за изборот и беше првата странска државничка на средба со него, за некои ова беше политички срам. Но други сметаа дека ова е почеток на новата, постбрегзит ера во која земјата ќе се повика на таканаречениот „специјален третман“ од Соединетите Држави и од Трамп. Се надеваа дека човекот чијашто покојна мајка беше од Шкотска, ќе гледа благонаклоно на „дуинг бизнис со ју кеј“, кога веќе им се вмеша во внатрешните работи, им рече да си одат од Европската Унија оти не им треба, а тој „ќе им се најде“.
Историјата на специјалното пријателство или специјалните односи меѓу двете држави почна со сер Винстон Черчил, кој го спомна во говор во 1947 година и остана заковано од тогаш до сега во британските медиуми. Ова посебно беше истакнато за време на претседателот Роналд Реган и премиерката Маргарет Тачер, за време на доцната Студена војна во осумдесеттите. Тие двајцата, од моментот кога се сретнале во 1975, „се нашле“, пишуваше „Њујорк тајмс“ потоа… „на светската сцена таа беше добриот полицаец, а тој лошиот, и покрај тоа што некогаш си ги заменуваа улогите“. Тесна врска имаше и меѓу Тони Блер и Џорџ Буш помладиот, а во времето на Дејвид Камерон ни Барак Обама, Британците почнаа „специјалното“ пријателство да го заменуваат со „суштинско“ , што, ајде да бидеме сериозни, беше крајно време. Посебно кога реалноста не ја отсликува реториката.
Рака во рака
Оние што му придаваат големо значење на специјалното, посебното, суштинското пријателство беа сведоци на напнатост во последните години. Да, се фатија малку за рака Трамп и Меј кога шетаа на тревникот пред Белата куќа, ама тоа ѝ донесе само проблеми на Меј дома, петиција потпишана од стотици илјади против посетата на Трамп на Британија и најава на спикерот на парламентот Беркоу, Трамп да не се обраќа пред парламентот. Ама Трамп сепак дојде, и тоа двапати, кажа што кажа и си отиде. А Британија? Тој е опседнат со кралското семејство. И има голф терен во Шкотска.
Конзервативните кандидати што се натпреваруваат за местото на Меј и кои, сите до еден, не се оградија од изјавите на Трамп на тукашен терен, око не им трепна за навредите на сметка на градоначалникот (не е од нивна партија) плус знаат дека ќе им треба Трамп за понатаму. Посебно Борис Џонсон, кој што, додека го читате ова, се извлече од судскиот процес за лагите во врска со брегзит зашто ги кажал како политичар, а не како државен службеник(!?!) веројатно ќе биде избран за нов премиер со 0, нешто % гласови од земјата, колку што е членството на Ториевците кои го поддржуваа(т). Кој кажа дека муслиманките во бурки му личат на поштенски сандачиња, на бизнис лидерите во земјата им порача „да се е..т“, за либискиот град Сирта кажа дека може да биде нов Дубаи, „само да се подзачистат телата“, напиша песна за турскиот претседател Ердоган како има секс со коза… а од посериозните, ако ова не беше доволно сериозно, ѝ ја дозапечати судбината на Назанин Ратклиф Загари, британско иранска жена што е во затвор во Иран за наводна шпионажа.
Тогаш, како министер за надворешни работи кажа дека таа отишла да предава новинарство… што беше доказ за иранските власти дека Назанин не била на одмор, како што тврдеше. Четири дена потоа Борис се извини и рече дека згрешил. Еден ден потоа иранските власти и ја зголемија затворската казна на Назанин.
Дали Џонсон, кој во телевизиската дебата пред некој ден изјави и дека нема да си ги испроба силите (и рејтингот) на нови избори, ќе биде добар партнер со Трамп? Според историјатот на гафовите на двајцата, има шанси. Над 65 проценти од луѓето во Велика Британија изјавија во една анкета дека не би имале доверба да купат автомобил од Борис. Ќе купи ли Трамп?