Како да ги фати на спиење. Отиде малку низ Европа, во Германија и во Париз, се виде со Ангела Меркел и со Емануел Макрон. Зборуваше полн со оптимизам и харизма, зашто е добар говорник и кога го слуша човек и не му го знае минатото, гафовите и мааните, може да му се случи дури и да му поверува. Кога го слушав со Макрон како ги шармира присутните од кои половината го голтаа секој негов збор со подотворени усти, ме потсети на еден друг премиер, пред доста години, и тоа во Даблин. Нашиот толку харизматично и убедливо зборуваше за иднината на земјата, што на половина од прес-конференцијата, неколку колеги-новинари, Албанци, кои почнаа да го следат со подотворени усти, излегоа да запалат цигара и да се излуфтираат. Што ви стана, ги прашав? Моравме да излеземе, ми рече едниот, толку убедливо зборуваше што почнав да му верувам!
Јас овој пат зборувам, се разбира, за Борис Џонсон, премиерот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Го слушаа Европејците учтиво слаткоречивиот и харизматичен БоЏо. Кажа убави работи. Толку беше убедлив што можеби помислија дека е можно во рок од 30 дена да се направат некои промени или прилагодувања во врска со главната пречка за договорот за брегзит, копнената граница на ЕУ со Британија кај Северна Ирска. Кога тоа, тој всушност немал намера да бара никакво решение туку да ја забрза земјата кон 31 октомври, кога истекува рокот за излегување, со или без договор.
План и нов план
И за да го направи тоа, реши да ги замолчи, барем на некое време, пратениците, кои реши дека „нит се тераат нит се водат, кои трипати ѝ го одбија договорот на неговата претходничка, Тереза Меј и кои ќе му го загорчат животот премиерски“. Зашто мнозинството не сака земјата да излезе од Унијата без договор. Планот беше, идната недела, кога ќе се вратат сите од одмор, да се стави на дневен ред одложување на брегзитот. Ама Борис Џонсон им го расипа планот, им прати писмо во кое напиша дека тој има нов план – да го суспендира парламентот од 11 септември до говорот на кралицата на 14 октомври, па после, „со нови сили во нови работни победи“, оти тој има идеи за здравството, намалување на криминалот, образованието… а, да, и за брегзитот ако сака некој да прави муабет, ќе има време. Цели четири или пет дена. Или некој ден плус. Или минус? Добро, тука некаде… Ама ако сака некој, ќе има де… а сѐ со надеж дека пратениците ќе ја проголтаат оваа мамка и дека брзо ќе дојде крајот на октомври.
Ова, инаку, ако не се смени нешто, ќе биде најдолгата суспензија на парламентот пред говорот на кралицата од 1945 година. И како што можеше да се очекува, реакциите беа бурни. Лидерот на лабуристите Џереми Корбин го нарече потегот „грабеж на демократијата“, спикерот на парламентот Џон Беркоу, кому му го расипаа одморот, од плажа порача „ова е уставна срамота“, а лидерката на Конзервативната партија во Шкотска, Рут Дејвисон, поднесе оставка!
Како што сега стојат работите, изгледот за „испаѓање“ на земјата од Унијата без договор е доста извесна – Џонсон со еден удар ќе го разоружа Фараж и неговата брегзит-партија и ќе ја префрли вината врз непопустливата Европска Унија, која нема намера да попушти пред уцените на Борис како што не попушти и во 2015, кога Грција се закануваше дека ќе го напушти еврото. Сега вели дека ќе оди да преговара на континентот за договор двапати неделно, а тука петиции, протести, судски оспорувања…
Чекан и секира
Импактот на британската економија во случај на излегување без договор, сега веќе извесно по суровите услови на СТО (Светска трговска организација) кои не се ниту чепнати, ќе бидат, и според владиниот вонреден план – сурови. Протечената владина „Операција жолт чекан“ зборува за недостиг на свежа храна, лекарства, горива, застои и колони на пристаништата, а експертите предвидуваат и немири, посебно во Северна Ирска.
Му се смеевме на Том Линден кога во 2016 година, веднаш откако дозна дека на референдумот, 17 и нешто милиони (во тоа време главно не многу добро информирани) Британци решија да ѝ кажат гудбај на ЕУ, почна да се снабдува и да складира залихи. Има и шатор, боци со плин, вреќи за спиење. И чекан и секира. За секој случај. Покрај лекови со подолг рок на траење, има конзерви со храна – грав, туна, зеленчук, овошје, тестенини, брашно, шеќер, вода… како млада невеста на која ѝ кажале дека така треба, па после не знае што да прави со вреќите брашно во кое влегле мушички (не знае да сука и да меси, а и палачинките редовно ѝ се лепат) и вреќите шеќер што се стврднал, па одвај со шрафцигер се крши (а во меѓувреме престанала да јаде бел шеќер) и конзервите грашок, теглите краставички и мешан зеленчук (чушпајз!?) … и така додека не замине во Лондон, па мајка ѝ година и неколку месеци го сее брашното да го ослободи од мушичките, меси пити и прави руски салати и на крајот остатокот го подарува во Црвениот крст. Секира нема. Ама ѝ се секира на ќерката редовно. Сега уште брегзитот фали…