Весниците полудеа пишувајќи за ова, но главната цел на кампањата беше телевизијата и спотот што одеше вака: длабока, темна и мирна вода, напната атмосфера. Една ајкула се појавува од длабочините и кружи околу. Музиката драматична. Там-та-там-там… како од шпионските филмови со јунаците на МИ6 (Ем Ај 6), британската тајна разузнавачка служба. Очекуваме секој миг да се појави Џејмс Бонд или некој сличен на него во драматичен обид да спаси нешто или некого, да побара мартини, протресен, не промешан и да се претстави ладнокрвно – Бонд, Џејмс Бонд. Наместо тоа, камерата се врти (швенк десно) и покажува аквариум и посетители и една жена како го крева и го гушка вознемиреното дете и очигледно му вели (ние не можеме да слушнеме, ама претпоставуваме) дека сѐ ќе биде во ред!
Ова е првата телевизиска кампања на МИ6 насочена кон регрутирање повеќе припадници на етничките малцинства и жени во Велика Британија. Пораката е јасна – офицер на Тајната разузнавачка служба не е мачо белец, туку млада црна мајка. Плус, не мора да биде баш многу млада, ниту многу црна, ниту многу мајка. Може да си роден во друга земја, може да си образован на друго место, може да си млад, стар, висок, низок, атлетски развиен или душата низ нос да ти излегува кога ќе потрчаш по воз, но ако го поминеш тестот, и имаш нешто посебно, ќе ти најдат место. Службата е во процес на големо, како што велат, „релаксирање“ на правилата за да се постигне поголема ефикасност и флексибилност во согласност со времето. Еден претставник изјави дека сакаат да постигнат „разновидност и поголем опфат на кандидати“, па се распиша конкурс за 800 нови работни места. Нововработените ќе им се придружат на 2.700 среќници што веќе работат за МИ6 – оваа секогаш загадочна и престижна „компанија“.
Шефовите велат дека не се грижат дали ќе има доволно кандидати – имаше вистинска навалица по нападот со нервниот отров новичок во Солзбери врз бившиот руски таен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. И секогаш е така по високопрофилни случаи со тероризам и шпионажа. Но, ним не им требаат патриотски настроени вжештени глави, велат. Целта на кампањата е да се допре до луѓе што не ја сметаат Тајната разузнавачка служба за нивна природна кариера. Во спотот, гласот во заднина вели: „Ние сме разузнавачи, но не го правиме она што мислите. Важно е да ги забележиш тивките детали, а не да си ладнокрвен во базен со ајкула. Тајно, ние сме исти како тебе“. Хм, интересно.
Разузнавачите, објаснуваат, треба да имаат микс на емотивна интелигенција, интегритет и креативност, да знаат да слушаат, желба да работат и да живеат во странство, да се интересираат за надворешни работи и за култура. Добро, звучи интересно и примамливо. Придружете ни се, се вели на сајтот – да, да, го отворив и сега веќе интензивно го студирам сајтот – и ќе откриете организација која постојано се менува. Ќе откриете многу можности за да ги усовршите вашите вештини и да развиете различна и благородна кариера, да запознаете колеги, а нашата Тренинг-академија ќе ви помогне да ги усовршите вашите потенцијали. Без оглед дали сте лингвист (зборувам неколку јазици), технички специјалист (о кеј, знам нешто), имате добри организациски или административни способности (имам), имате природно интересирање за светските настани (имам, имам) и инстинктивно знаете како реагираат луѓето (па, сега, сум направила некои промашувања со некои кадри, ама има тренинг-академија, нели), и би можеле да имаме место за вас, велат во МИ6. Супер.
Звучи интересно. Јас фриленсер, со природен афинитет кон разузнавање – имам дома еден куп шпионски романи, библиотека можам да отворам и сите собрани дела на Џон Ле Каре, инстинкт за исправање неправди – природно се наклонив кон поранешниот разузнавач Ѓорѓи Лазаревски, станавме пријатели, со колегата Синиша Станковиќ собиравме материјали, преведувавме на англиски, го бодревме и го предложивме за европска награда на укажувачи (влезе во најтесен избор), пишувам, дружељубива сум, помагам колку што можам, комуникативна, сакам патувања, леле ова како оглас за осамени срца станува…плус голем дел од ова погоре се однесува на мене, годините не се важни, станува интересно и читам понатаму во условите и бенефитите – службена пензија, приватна здравствена заштита со попуст, 25 дена годишен одмор, плус 10,5 дополнителни денови за работа на празници и привилегирани денови. Исто така се даваат великодушни родителски отсуства и додатоци, плус ваучери за детски игрални (добро, ова за мене не важи, ама вреди да се спомне колку се дарежливи и колку на сè мислат, само агентите да се среќни и задоволни). Исто така, има и посебна шема на поддршка за оние што на работа одат со велосипед, посебен попуст за билети за воз и метро, а во зградата на компанијата има ресторан, фискултурна сала и библиотека со субвенционирани цени. Убајна!
За сите вработени и нивните семејства има лично и финансиско советувалиште, работното време е флексибилно, може да се работи и од дома, има амбуланта во зградата… па си реков, добро, ајде да видам и да пробам дали сум јас со разузнавачки потенцијал за да не ми е криво дека сум имала шанса, а не сум пробала.
И почнав со пополнување на формуларот. И одлично ми одеше. Аха, си реков, еве ме мене со нова кариера, аууу, дури сега ќе разврзат муабети, ама знаевме ние дека таа работи за некој или за некого, кој знае што прави и каде оди, многу знае, се дружи со интересни типови, амбасадори, уметници и политичари, алтернативци, сомнителни типови, нон стоп патува, пола свет го сврте, чудно се облекува, види и ја гардеробата… Почнав да се замислувам како, по завршувањето на обуката, јас и се разбира Мојот законит, во некоја егзотична земја, со интересна работа за забележување тивки детали… Сè до оној дел каде што се вели дека оние со двојно државјанство треба да одберат едно. Односно да се откажат од другото во корист на англиското. Мора да си Англичанка. Нема и едно и друго во МИ6. Има да бираш. И тука немаше дилема. Останав мома Македонка со двојно државјанство. А она Скерлев, Жанета Скерлев, ми остана само во насловот. Дека убаво ми звучи!