На лондонските аеродроми последната година-две циркулираат обучени полицајци кои (треба да) ги детектираат, откријат патниците во неволја, пред сѐ, оние од женски род. Се враќаат невестите од свадбено патување и бараат развод и азил тука, на аеродромите (семејно насилство), тука пред полетување се откриваат млади жени, носени за принудни бракови, донесени за трговија со бело робје или носени во заостанатите подрачја во, главно Африка, за генитално сакатење.
Или, во случајот на летот од Скопје пред некој ден, се носат сите ненаспани патници кои пристигнале на преглед на багажот (само неколкумина на малку поинтимен преглед) и им се наоѓаат „штеки“ и „штеки“ и „штеки“ цигари („штека“ најевтини, 35 фунти на македонскиот црн пазар во Лондон) и кеси со пари. Кеш. Многу кеш. Ептен многу кеш. Ама кога велам ептен, значи мнооогу.
Ама има и бетер…
Како на пример, кога слетав на најголемиот лондонски аеродром „Хитроу“, пред петнаесеттина години, преку Женева, па од каде доаѓате госпоѓо (тогаш уште се лутев на госпоѓо, сега ми помина), па кога видоа од земја надвор од ЕУ, па нѐ тргнаа настрана нас неколкумина со поголеми куфери… имате да пријавите нешто, јас – немам, ајде отворете… и на вага, како на пазар, ми измерија кило и седумстотини грама бело сирење, во вакумизирани пакувања и 500 и нешто грама кашкавал, кумановски. Плус, срам не срам, едно јагнешко бутче, шпикувано со лук и рузмарин, убаво свиткано од мајка ми „оти такво немате таму, во Лондон“, некаде околу 600-700 грама печено. Знаете ли госпоѓо дека е забрането млеко и млечни и месо и месни производи од земји надвор од Европска Унија, ми вели цариничката, додека јас до половина пропадната во земја од срам гледам надолу. Ама имало и бетер.
Од гледањето надолу, вниманието и погледот ми го привлекува десната страна каде што во тек е страдањето на мојот сопатник, од каде што доаѓа звук на нешто како паѓање на густа маса. Ме пресретнува незаборавна сцена. Цариникот кој се „забавува” со него, држи едно тенџере (!), она сино – „тенџере“ боја, исчукано по рабовите, и од него, полека тресејќи, во кантата за отпадоци истура полека и методично, една по една – полнета пиперка. Со месо. Дечкото десно од мене, крв во лицето нема. И не знам дали од срам што го фатија и му ги зедоа, запленија и уништија (мореее, како за наркотици да станува збор) полнетите пиперки оти со месо беа, или дека ќе оди сега во станот во Лондон без храна за една недела. Згора на сѐ, му го вратија големото сино исчукано по рабовите тенџере. Ах, погледот кога му го вратија тенџерето, погледот…
Како оној бизнисменот Бен Хабиб, инаку член на партијата Брегзит, кој во интервју за „Би-Би-Си“ кажа дека си тргнал настрана 189 милиони фунти за да купува станови. Ќе купува станови затоа што вредноста на недвижностите во Лондон, на пример, почна да опаѓа. Опаѓа поради Брегзитот. Кој Брегзит? Оној за кој се залага господинот Хабиб. Уште повеќе, тој и неговата партија се залагаат и Обединетото Кралство да излезе од Европската Унија без договор, што ќе доведе до волатилна економија за, вели тој самиот, само некој период, ама во тој период цените уште повеќе ќе паѓаат и ете како ќе ги потроши оние 189-те милиони фунти. Кога новинарката му кажа дека тоа е против интересите на земјата, а само во негов, сфати што кажал, па изгледаше како оној со сармите.
Бетер на македонски
Борис Џонсон, кој има големи шанси идната недела во вторник во 11:45 англиско време, да биде прогласен за лидер на Конзервативната партија (што да ви кажам, ние Англичаните сакаме прецизност) и со тоа и за иден премиер, за време на последниот говор мавташе со чадена риба. Зошто, ве слушам како прашувате? Затоа што некој рибар од островот Вајт, односно Ајл оф Вајт, му рекол дека од ЕУ му барале секое парче сушена риба да биде спакувано во вакуум пакување, како она моето македонско сирење што ми беше запленето. Мавташе Борис со скушата сушена и се бунеше против правилата на Унијата зошто секое парче било „морално“ да се витка, викаше срамота и ветуваше дека кога тој ќе дојде на власт ќе ги укине. И после што? Излезе дека правилата не биле на ЕУ, туку на Велика Британија!
Да не мислите дека излезе човекот да се извини и да каже – упс, лажуцкав малце? Исто како што се извини за приказната дека ЕУ одбива криви краставици од Британија и дека земјата ќе губи 340 милиони фунти неделно и уште многу други БоЏо бисери кои ги слушавме претходно без пардон. Криви краставици се извини…
Јас, инаку, поминав со опомена. Не платив казна. Маж ми е убеден дека, сепак, сум влезена во „тефтерчето“ на прекршители и ме опоменува да не шверцувам. Не сум пушач, ниту олигарх, ниту од „Слободен“ ми плаќаат големи хонорари да ги носам во мојата небрендирана чанта од вештачка кожа, ретко јадам месо, ама сирење и кашкавал… мммммм. Ама, сепак, маж ми на царина за секој случај стои подалеку од мене, демек „ние не сме заедно“ и се составуваме, главно, кога ќе излеземе, зашто никогаш не е сигурен дали не сум протнала некое парче шарски во вакуум, иако претходно дадов чесен збор (со вкрстени прсти зад грб).
Секогаш кога ќе го слушнам зборот „бетер“, се прашувам дали луѓето знаат дека бетер на англиски значи подобро. Многу често во мојата прва татковина се користи бетер. Дека имало и полошо. Ама секогаш има и подобро, нели? А јас се обидувам да бирам. Дали „бетерот“ ќе го сфаќам како македонски бетер, ироничен бетер или подобар бетер. Подобро ироничен бетер отколку македонски бетер.
За мене, секогаш има бетер. Добар бетер. Вистински бетер. Има бетер, ви велам, додека го мезуцкам кумановскиот.