Ова е лудница! Ако мислевте дека работите не можат бидат покомпликувани, ете можеле, и тоа како можеле… Ме прашува деновиве една пријателка која знае дека не само професионално туку и „религиозно” ги следам состојбите во земјата, дека сум претплатена на сѐ што произведува информации во било кој облик и бара да изанализирам и предвидам што сега, а јас ѝ велам – не знам, не се знае. Никој веќе ништо не знае. Работите се излезени од контрола, земјата е во криза и се случуваат работи за кои, ако ме прашавте пред четири пет години, ќе ви се насмеев со мала доза на сожалување и ќе ви кажев, прости им боже, тие не знаат што бладаат. А сега се случуваат и се случуваат и се случуваат…и не се знае што, како и до кога.
Како во стакларска…
Борис Џонсон, откако му се оствари животната да стане премиер, на големо изненадување, почна да „премиерува”, нека ми простат слоновите, „како слон во стакларарска продавница”. Да крши и уништува. Прво се обиде (но не успеа) да го блокира парламентот. Ги освои тврдокорните со верувањето дека ќе ја извади земјата од Европската Унија со или без договор, потајно планирајќи тоа да биде без, но и рафално доживеа три порази во Парламентот. Успеа со начинот на кој говореше да навреди многумина пратеници од сите страни. Да го изгуби мнозинството во парламентот. И, би рекла, угледот кај многумина од неговите сопартијци. Начинот и речникот кој го користеше и со кој зборуваше за ЕУ речиси како за непријател ги фрапира пратениците. Еден од најстарите и најугледни Ториевци, Кенет Кларк му кажа „да се прибере, да се уозбили, дека сега е премиер и има одговорност кон земјата и дека не треба да се однесува арогантно и да си игра играчки со своите другари од студенстските денови со кои се опкружил”! Ауч!
Резултатот беше што не само што губеше гласање, туку изгуби и 21 пратеник од сопствената партија, меѓу кои 8 министри од владата, двајца канцелари и еден внук на Винстон Черчил, кои потоа ги избрка од партијата зашто гласале против. Радикализираниот Борис им рече – ако не сте со мене, против мене сте. Довчерашните пратеници сега треба да си бараат нова работа. Некои како независни, некои веќе им се придружија на либерал демократите. Трети уште не можат да се освестат од шокот.
И ЏоЏо против БоЏо
Дури и лордовите, кои во Горниот дом расправаа за евентуално блокирање на излез без договор му го свртеа грбот. Многумина од нив дојдоа на работа со перничиња, грицки, мека храна, ќебиња, очекувајќи расправа до доцна во ноќта зашто имаше стотици амандмани за процесот да се одолговлечи. Плус, лордови се тоа, повозрасни луѓе, си имаат поспецифични потреби, нели… Ама откако неколкумина од нив си кажаа што имаа да си кажат, расправата заврши со откажување на одолговлекувањето и со одобрување на нормалниот процес. Ги спакуваа перничињата и кебињата и отидоа дома да се одморат и да земат здив до следната седница .
Ако мислите дека тука заврши работата, не баш. Го изгуби и сопствениот брат. Џо Џонсон поднесе оставка зашто, вели, растргнат меѓу лојалноста кон братот и кон националните интереси, се решил за ова второто. Џо Џонсон поднесе оставка од владата на брат му кој го прибра откако овој исто така ја напушти владата на Тереза Меј. Џо, инаку е приврзаник на останување на земјата во ЕУ и во 2016 та гласаше за останување, а потоа цело време бара да се одржи уште еден референдум во кој ќе има појасен и поубедлив мандат да овој историски правец на земјата.
Не е прв пат браќа ( или блиски роднини) во британската политика политиката да не се согласуваат- се сеќавате на Дејвид и Ед Милибанд од лабуристичката партија? Кога Дејвид беше речиси сигурен лидер на партијата, но Ед исто имаше амбиции, стана лидер, заврши неславно и -го растури семејството. Други примери се со хепи енд. Во семејството Џонсон, каде што врие од амбиции, сите имаат различни политички ставови. Засега, сите зборуваат меѓусебно. Засега.
Избори, ама кога?
И како што сега стојат работите, ќе има уште „дешавки”. Разочаран од развојот на настаните во парламентот, премиерот Џонсон побара предвремени избори на 15 ти Октомври. Нема брзање, прво да се осигураме дека нема излегување на земјата на 31ви Октомври, му рекоа од опозицијата, која вели дека сака избори, сака референдум, сака…. ама ќе почека. Обединета е во едно – да му го загорчува животот на темпераментниот и неортодоксен на британската политика Борис кој на моменти говореше без да води сметка кого ќе повреди ( како балкански политичар, па дури и сценографијата на последниот говор му беше слична, со млади кадети во позадина и толку долго говореше што на една и’ се слоши, припадна, па му кажаа да приврши).
Сето ова е под влијание на две работи. На горечката амбицијата на Борис Џонсон и на Доминик Камингс, главниот шеф во 10 Даунинг стрит , кому му се потчинети сите други советници. Камингс е оној за кој се смета дека ја обезбедил успешноста на нечесната кампања за излегување на земјата од ЕУ во 2016 година, она со Борис и автобусот и лажните податоци. Камингс е оној кој ги и смислува и осмислува потезите на БоЏо, велат, а овој, заедно со уште неколкумина, ја игра политичката игра.
„Подобро ќе завршам во ендек отколку да дозволам земјата д не излезе од ЕУ на 31 октомври”, рече на крајот на оваа недела Борис Џонсон, премиерот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Жешка есен? Тука нешто залади и ние вчера го вклучивме греењето…