ПИСМА ОД ЛОНДОН – Промени на добро

Додека не купиме нов автомобил, гледаме по кои маршрути можеме да возиме за да одиме кај пријатели, познати, без да влеземе во погрешна улица каде што ќе нè фати камерата и ќе ни стигне „честитка“.

895

Наведнати над картата на Лондон, детално ја студираме маршрутата. Тој како Пустинска лисица, јас како Двајт. Се натпреваруваме кој ќе најде подобар излез од ситуацијата. Бараме безбеден пат да стигнеме до нашата дестинација, некаде таму на север, без прекршок, без загадување и, се разбира, без да излеземе од градот. И без пари. Порано немаше автомобил во британската престолнина, а да немаше на задното седиште, во џебот од вратата или во шкафчето кое сè уште се вика оддел за ракавици, а во него има сè и сешто само ракавици нема, таква карта. Ама затоа има, зборувам за „одделот за ракавици“ –  ќесички со шеќер (кафен), пластични лажички (мали), два кармина (едниот малку исушен), влажни марамчиња (и тие подзасушени), цеде од Фолтин, коцкички за јамб (комада 4, оти едното некаде загубено па распар) и – детална мапа на Лондон, наречена – Лондон од А до З. Ова според англиската азбука, на кирилица би било, Лондон од А до Ш.

Оваа мошне популарна мапа ја има и ден-денес, се продава и како книга во мек и во тврд повез и како цела една голема карта и главно ја купуваат туристите, новодојдените од север и сентименталните лондончани. Нашата, од многу отворање и затворање низ годините се изветви на местата каде што се виткаше, па моравме да ја лепиме со селотејп. Се разбира, денес, во време на Гугл-мапите и интернетот, овие карти и мапи сè поретко се бараат. Па и ние кога одиме некаде, главно во автомобилот на сателитскиот навигатор ја внесуваме бараната адреса, потоа одбираме една од трите маршрути што ни ја нуди софтверот и тргнуваме водени од милозвучниот женски глас. И потоа, главно се расправаме со „женскиот глас“ кој нè вртка час и половина низ Лондон и си спомнуваме на „старите добри времиња“ кога го користевме Лондон од А до З, односно до Ш.

Тука треба да се нагласи дека секој лондончанец што тргнал на некоја дестинација подолга од 15 минути, а ако тргнал со автомобил, таква му е дестинацијата, тргнува опремен. Со вода, со грицки, бисквити, а не е лошо и некој сендвич и кафе да се има. Оние што патуваат со деца, носат со себе половина детска соба. Но за нешто ваквата опременост за долгите патувања низ градот не помага. Бензинските станици и пабовите се навикнати на сцени со изнемоштени и избезумени лондончани, кои панично влегуваат во нив и главно бараат – тоалет.

Промени за УЛЕЗ

Веќе еднаш пишував дека од 8 април годинава секое возило дизел или бензин, оловно или безоловно, ако е старо и загадува, не може да влезе во центарот на Лондон во кој е воведена ултра ниска зона на емисија или „ултра лоу емишн зоун“ или УЛЕЗ, без да плати. Сега сме мај и таксата се применува и се наплаќа згора на веќе постојната такса за преоптовареност, онаа за влегување во центарот, која фино ја полни градската каса. Значи, да резимираме – секое влегување во центарот чини 11,5 фунти, а ако возите старо возило кое загадува според утврдени евро и еко стандарди, треба да платите дополнителни 12,5 фунти. Казната ако не се плати е – 160 фунти. А има Лондон и (релативно) фин градски превоз. Кога не штрајкуваат машиновозачите и кондуктерите, па половина град е парализиран и само таксистите задоволно тријат раце.

И сега, што се случува. Одеднаш половина Лондон, ама како половина, речиси цел возачки Лондон се крена на нозе – да бара алтернативи.  Ајде она за влез во центарот и некако, зашто преку недела навечер и за викенд може да се вози и на кралицата Елизабета пред врата да ѝ се паркирате пред Бакингемската палата. Ама со УЛЕЗ-от нема шанси, зашто тој „работи“ 24/7. И не дискриминира – и да влезете и да излезете за 5 минути, и да вртите крукчиња и да загадувате пет часа – исто 12,5 фунти полесни. Добро е ова. Веќе првите резултати покажуваат дека УЛЕЗ почна да ја намалува загаденоста во центарот и се размислува да се прошири во други делови, како Кројдон и Њуам, каде што пропорционално со загадувањето се зголемени болестите на дишните патишта кај децата.

Салоните за автомобили се полни со муштерии. Сите бараат бензинци безоловни, хибриди, електрични возила, одеднаш и како преку ноќ низ градот се појавија столбови за напојување на возила на струја, а некои си ставија и во своите градини. Сега  треба и повнимателно да се движите низ улиците, зашто сè повеќе се полни со (речиси) бесшумни возила. Еден таксист што ме возеше до аеродромот Хитроу, половина на шега половина сериозно, ми рече дека му доаѓа да си купи некое брмчало, зашто возилото му е толку нечујно што било опасно за пешаците, посебно оние невнимателните. Да е кај нас, си мислам, ќе отвори прозорец и ќе вика „алооооу, гледај малку, кај ти се очите“  или ќе пушти музика „до даска“, ама тука е таксист па не оди.

Дизелот во немилост

И така, дизелите тука паднаа во немилост. А ги има колку што ви душа сака. Кој е виновен? Прво владата нè убедуваше дека треба да купуваме дизели, па по скандалот со фингираните податоци за (не)загадување на фолксваген, сега само дизел 6 е добар дизел, „на старо“ има дизел автомобили „на кило“. Очајните продавачи не знаат што да им прават, прво, зашто и не се толку стари, а второ, зашто се британски, односно, што би рекла јас – воланот им е на погрешната страна.

Некои магазини за автомобили тука тврдат дека на дизелот уште не му одѕвонило и дека во овие автомобили има уште живот и иднина. Дека со новиот и дотеран дизел има да тераат уште децении, а и оние другите ќе крстосуваат низ Европа наваму-натаму во догледна иднина додека не доживеат природен крај. И од друга позитивна страна, зголемена е продажбата на велосипеди, веспи, скутери и тротинети. Овие последните, електрични и на батерии, се посебно во мода. Зујат лондончани со велосипеди на ножен погон, на погон со мали моторчиња, со скутери и тротинети.

И сега што за нас, пасионираните возачи? Додека не купиме нов автомобил, Лондон од А до З, односно од А до Ш ни е главното помагало. Гледаме по кои маршрути можеме да возиме за да одиме кај пријатели, познати, без да влеземе во погрешна улица каде што ќе нè фати камерата и ќе ни стигне „честитка“. Оти некоја улица е океј, ама онаа од назад, поголемата може да е во опасната зона. Се тешиме   дека со нашето невлегување и излегување од УЛЕЗ-зоната ја штитиме околината, го штитиме семејниот буџет, ја помагаме лондонската економија бидејќи користиме повеќе јавен превоз, и покрај тоа што Мојот не е баш најсреќен, зашто тој е од оние што се врзани за возењето. И за кој велам, да има тунел под Атлантикот, секој месец во Њујорк ќе вози(ме).

Транспортот во Лондон се менува. И навиките. И квалитетот на воздухот. На добро. Го исчистив точакот од прашина, ги напумпав гумите, ставив кацига и жолто елече за видливост (нема врска со Париз) и тргнав низ Лондон. Единствено што морав цело време да си повторувам при возењето „лево, лево, лево, лево“ оти почнав да возам по десна страна на улицата. Ама реков, навиките се менуваат. На добро.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...