ПИСМА ОД ЛОНДОН Пакувања, патувања, почетоци

Оние што ме знаат уште од времето на „Студентски збор“ знаат дека „Жанета невер травелс лајт“, дека јас „све своје носим са собом“ односно дека кога патувам, тоа личи на големата преселба на народите. За секој случај и не дај боже.

680

И секојпат исто. Правиме список. Што треба да се купи, што да се понесе, што да не се заборави, што и да се заборави, нема врска, а што, ако се заборави и тоа како има врска зашто треба да се враќаме дома, па макар и од полпат.

Дали одиме некаде на пат или тука некаде, нам некако исто треба да ни доаѓа. Научивме дека списокот е битен. Односно најбитен. Зашто, одамна престанавме да се потпираме на тоа – „аха, ќе запомниме“ и самоуверено да влеземе во супермаркетот, на пример, да земеме количка, да излеземе три часа подоцна жедни, гладни и благо раскарани (со акцент на благо), да дојдеме дома и да констатираме дека најглавните работи не сме ги купиле.

Ама затоа да имаме семејно пакување паста за заби за сите двајца кое ќе ни трае до март идната година или додека не ни здосади ист вкус паста за заби, три вида сушен лосос што треба да го изедеме до задутре (не сме провериле рок на траење), воени резерви макарони, необични видови овошја и зеленчуци на кои ќе им се чудиме заемно додека не им се сожалиме, ги грицнеме еднаш, констатираме дека „не се баш“ (нормално дека не се кога скапаа гледајќи не полни со надеж) и ги фрлиме во кантата за органско ѓубриво, среќни што сепак ја имаме оваа шанса да се искупиме поради нашето расипништво.

Сѐ по список и нешто плус

И така, список. А на списокот, постојано истите работи. Дури сериозно мислам да го ламинираме, ама нешто не ми дава, зашто ламинирањето, си мислам, ќе ми ја задуши на некој начин креативноста при купувањето, па било тоа и во супермаркет, каде што меѓу интегрален леб, бело сирење, јогурт, овошје и зеленчук, пилешко, риба, маслиново масло, путер, хумус, ќе можам да мушнам нешто поегзотично, како на пример, како на пример… нешто ново или оние егзотичните овошја и зеленчуци кои треба да се пробаат, нели…

Така и со списокот околу патувањата. Не треба да има многу место за креативност, а да бидам искрена, постои потреба тој да биде ламиниран. Пасоши, пари, карти, картички, клучеви, гардероба, шминка, лекови (за не дај боже)… да се исклучи ова она да се види маршрута, подароци… Не знам за вас, но јас секогаш сум им завидувала на оние што патувале „лесно“, и буквално и преносно и физички и духовно и секако. „Ај олвејс травел лајт“ ми рече еднаш Катерина со која одевме за Ереван, таа со мало куферче на тркалца, а јас со еден поголем, еден среден, и еден рачен, со гардероба за сите годишни времиња и со соодветни обувки. Јас бев таа што се тетеравеше со куферите, ама тоа е, оние што ме знаат уште од времето на „Студентски збор“, знаат дека „Жанета невер травелс лајт“, односно дека јас „све своје носим са собом“ односно дека кога патувам, тоа личи на големата преселба на народите. За секој случај и не дај боже.

Ама, колку и да има списоци, колку и да сум понела сè и плус уште нешто, прилично често се случува да има заборавање. Посебно кога има пакување, па распакување, па патување па…разбирате, нели? Чаре? Па чариња има неколку. Да се вратиме. Да се преиспитаме дали заборавеното може да доведе до катастрофални последици по личниот имот и имотот на соседите. Да видиме дали финансиски може да се компензира заборавеното без да се наруши семејниот буџет. И најважното – дали може да се живее без префрлања и обвинувања и нарушувања на мирот и спокојот на брачната заедница. Ако може, тогаш – вози Мишко и правец- Казабланка!

А возењето, ах возењето… да, авиони, камиони, возови, ама автомобилите некако најавантуристички. Прашувам дел од Македонците кои одат со автомобил за Татковината летово за маршрутата, и главно класика, сум возела – преку ЛаМанш, па Франција, Белгија, малку Холандија, Германија (каде што можете да видите колку е брз вашиот автомобил – јеееее), па Австрија, па избор – или Унгарија и Србија или го возите поранешниот „Братство-единство“ со тоа што првиот пат заборавивме дека има нешто повеќе граници… Па добивам совети од типот – внимавај во Австрија те ловат со камери, ми стигна казна од 45 евра, преку одморај се на пристојни паркинзи, не на некои темни, до еден кој се пофали дека стигнал за 28 часа, со само 2 часа спиење на некој паркинг со запален мотор да се разлади, невестата го чувала, а тој пеел по пат да не заспие!

Улогата на водата

Најдобар совет секако беше на Орхан, кој рече дека на пат до Македонија треба да се вози полека, со две преспивања ако треба. И со три, и со повеќе, велам јас, зашто патувањето е и треба да биде авантура. Разбирам дека често деновите се „броени“, ама кога може човек, треба и мора да ужива во патувања. Ние одиме за Татковината преку Шпанија, Португалија, Италија, а некогаш и ќе тргнеме па шетаме и оставаме со автомобил за таму, за догодина. Оставаме и други работи. Во еден замок во Франција еден прстен од сестра ми. Во Магарево, на пат за Грција, ранец со полначи и техничка опрема. Во селце во Австрија, со најголемата кригла за пиво влезена во Гинисовата книга на рекорди, мојот несесер со козметика. Има непишано правило дека таму каде што забораваш нешто, ќе се вратиш и ќе памтиш. Мојот законит ми купи друг прстен, сличен, се вративме од сред плажа да си го земеме ранецот, а несесерот ни стигна на нашата адреса во Лондон! Фина некоја фрау, мора да одиме пак и лично да ѝ кажеме данке.

Не знам за вас, ама секое тргнување, секој почеток најчесто има свои ритуали. Некој гледа во хороскоп. Некој консултира нешто или некого, ѕвезди, временска прогноза, сајт на Македонци во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, гравчиња, тарот… разни нè има. Некои гледаат да тргнат во среда. Други да не биде петок. Трети да се почне во понеделник. Четврти, некој да им тури вода, за работите да тргнат со лесно, како што тече водата, така лесно да тече и работата, училиштето, патувањето, испитот. На ова ме потсети Благица неодамна кога му истури чаша вода на Стефан, кој почна со студиите во Лондон. Неговиот лик на фотографијата на Фејсбук беше во стилот „мамо ма“, ама издржа машки и јуначки, и јас мислам дека и без водата, ќе му тргне, умен е, ама од водата сепак нема зијан. Така и сестра ми, на факултет. Требаше да полага сериозен испит, ама немаше никој дома да ѝ истури вода по скалите. Се враќаме дома и наоѓаме ваква слика. На скалите меѓу седми и шести кат, пластична чаша. Врвот продупчен, низ него црвен конец (таков нашла) и околу остатоци од истурена вода. Студентката си ја наполнила чашата, ја ставила на седми, тргнала пеш по скалите, на половина го повлекла конецот и потекла водата. До водата ли ќе беше или до учењето, ама испитот беше положен. Добро, главно до учењето, ама мислам дека и водата одигра улога.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...