ПИСМА ОД ЛОНДОН – Не во мојот град

Градоначалникот Садик Кан, кој често не се согласува со владата, остро реагираше и вети дека ќе стори сѐ што може овој саем на оружје веќе да не се одржува во Лондон. Но ми се чини некако дека ќе има политика и 14 милијарди, односно 17 милијарди причини, односно долари, да го надгласаат. Каде што има сила (и оружје), велат, нема правда.

951

Секои две години се собира интересно друштво кое покажува кој што има, кој што направил, кој колку напредувал, а ним им се приклучуваат и оние потрошувачите што прават бизнис „купи-продај“. Или само купи. Разгледуваат, покажуваат, се ценкаат, се восхитуваат и договараат. Договорите што се склучуваат се, главно, тајни. И во вредност од стотици илјади до неколку милиони фунти, долари, динари… (денари нема, барем јас не дознав). За двоцифрен број можеше да се купи само сендвич, сокче и кафе.

Така и годинава, на саемот на доковите на Темза. Покрај државни, приватни, јавни, тајни и невидливи, саемџиите ги чуваа или надгледуваа, како сакате, и бродови. Не беше цела флота, но сепак импозантна флотила на воени бродови, вкотвена, со топовите насочени на сите страни. Три дена се одржуваше најконтроверзниот настан на годината во Лондон – еден од најголемите саеми на оружје на светот. Во организација на ДСЕИ (Дифенс анд секјурити еквипмент интернешенел) – меѓународна организација за одбранбена и безбедносна опрема.

Сѐ што може да убие

Додека британските парламентарци и владата се надмудруваа околу брегзитот и излегувањето од Европската Унија, десетина километри источно, по течението на Темза, во големите конференциски простории на „Ексел“ три дена се славеше 20-годишнината на овој настан. Со говори, со демонстрации (демонстрации на производи, оние другите беа надвор и за нив подоцна), со презентации на лесно, тешко и исклучително тешко вооружување и најновите постигања во науката и техниката на ова поле. Учествуваа повеќе 1.600 излагачи од 70 земји.

Што можевте да видите да бевте? Од шведски стелт-подморници (да, да, Швеѓаните донесоа подморница ) до следна генерација американски автоматски пиштоли/пушки/сѐ што може да убие (Американците тука предничат) и автономни борни возила. Десетте најголеми светски производители на оружје беа тука, а настанот беше збогатен со поздравните говори и од високи претставници на британската влада. Впрочем, настанот е поддржан од владата и е клучен дел од стратегијата за извоз на оружје кој (извозот) само минатата година донесе заработувачка од 14 милијарди фунти, што ќе рече 17 милијарди долари. Главно, од продажба на Блискиот Исток, од кои 80 проценти на Саудиска Арабија. Владата инсистира дека води сметка да соработува само со контролирани и легитимни претставници. И дека од производството и продажбата на оружје зависи добросостојбата на голем број домашно население.

За човековите права праша некој? Да, имаше делегации од земји за кои во Обединетото Кралство и официјално се говори дека предничат во нарушени човекови права. На пример Египет, Пакистан, Колумбија, Узбекистан, Обединетите Арапски Емирати, главниот партнер на ДСЕИ и, погодувате – Саудиска Арабија. Ама беа тука претставниците на овие држави. Се шеткаа, гледаа, се ценкаа, се договараа и – купуваа. Некои, на ангро.

Критики

А само пред два и пол месеци, Британскиот врховен суд донесе пресуда дека продажбата на оружје на Саудиска Арабија е незаконска поради бомбардирањето цивили во Јемен, кое саудиското кралство отворено го правеше. Британската влада ја оспорува пресудата што ѝ забранува натамошен извоз на оружје, односно на извозни дозволи на нејзиниот главен воен сојузник.

Протестите, како што можеше да се претпостави, дојдоа од Амнести интернешенел, од групите за човекови права, но и од високи политичари и угледни воени активисти. Андрју Смит од „Кампањата против трговија со оружје“ се побуни дека овој саем ги донесе тука најбруталните, најрепресивни и најавторитарни режими на светот кои ги нарушуваат човековите права и ги спои со најголемите компании за производство на оружје. Каков нетворкинг Лондон, страшно! А главната цел – да се продаде што е можно повеќе оружје.

Она што се случуваше овие три дена во Лондон, ќе биде почувствувано и ќе нанесе штета низ целиот свет. Во мојот град, каде што секогаш се крева гласот за заштита на човековите права, за борба против климатските промени, за заштита на слабите и обесправените, за мир, правда, љубов… се протестираше и сега, против овој „саем на оружјето”. Имаше стотици уапсени, а на двајца колеги не им се дозволи пристап до саемот да известуваат зашто порано биле „премногу критични” . Градоначалникот Садик Кан, кој често не се согласува со владата, остро реагираше и вети дека ќе стори сѐ што може овој саем веќе да не се одржува во Лондон. Но ми се чини некако дека ќе има политика и 14 милијарди, односно 17 милијарди причини да го надгласаат. Каде што има сила (и оружје), велат, нема правда.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...