Писма од Лондон Мрморењето на Корбин

Така е тука, се извинуваат луѓето. И кога треба и кога не треба. Ќе ве потчукне некој на поминување и следува извинување, ама се извинувате и двајцата, и потчукнувачот и потчукнатата.

347

Пишував минатата недела за британскиот парламент, ако се сеќавате, за тоа колку се интересни дискусиите, расправите и дебатите, кавгите и несогласувањата. За тоа колку со традиција, внимание и такт се обраќаат едни на други. Мојот уважен колега… мојата почитувана колешка, ете така се обраќаат едни на други, и покрај тоа што можеби мислат поинаку. За тоа дека дури и кога не се согласуваат, а често не се согласуваат, сепак има протокол, традиција на добро, поточно на пристојно однесување.

Реков, ама изгледа како да го урочив парламентот британски, зашто не помина ни недела, се мрднаа усните на лидерот на опозицијата, уважениот Џереми Корбин, промрмори нешто во себе – повторувам, во себе, глас не испушти, и настана вистинска парламентарна експлозија!
Викања, довикувања, обвинувања, се вадеа мобилни, твитерот се вжешти, јас слушнав, јас не, има врска, нема врска, о да, о не…
Што се случи? Премиерката Тереза Меј го обвини Корбин дека нема став за Брегзит кој доаѓа за помалку од стотина дена, знаете, Егзит о т на Британија од Европската унија и дека како во претстава за мали деца -те знае, те не знае што сака. Корбин, седејќи на растојание од две копја од другата страна (традиционално растојание) промрморе „глупава жена“! Аууууу! И нормално, беше снимен и веднаш се случи револуција во парламентот. Усните на Корбин станаа тема на седницата, се заборави на Брегзитот, на нерешените прашања, на помалку од стоте дена до излез, на евентуалните отстапки кои можеби може да ги направат Европската унија и Северна Ирска, не, не, не… сето тоа падна во втор, трет план, ама не, отпадна сосема од седницата. Важно беше мрморењето на Корбин.

Извини и прости

Ќе се извини или не? Ако се извини, ќе биде во ред. Така е тука, се извинуваат луѓето. И кога треба и кога не треба. Ќе ве потчукне некој на поминување и следува извинување, ама се извинувате и двајцата, и потчукнувачот и потчукнатата. Ќе ве згазне некој и следуваат две минути меѓусебно извини, па на крајот згазнувачот е толку очаен што ве згазнал што ви доаѓа да го згазнете и вие него за да се изедначите. Ви носат погрешна нарачка или храната не е во ред, доаѓа и шефот на кујната да се извини. Еднаш се извинија и со писмо и со спроведена темелна истрага и чистење во кујната. Што ја смири само суетата, но не и стомачните тегоби, ама ете, имав писмено извини кое го читав со чајче од нане.

Доцни возот, автобусот, метрото? Ќе добиете извинување и понекогаш и објаснување зошто се доцни. Кога брзате некаде тоа и не ви е некаква утеха, тоа што знаете дека доцните затоа што има лисја на шините. Никогаш не треба на извинувањето да се додава оправдување, велат. Извини што доцнев. Многу ми е жал. Толку? Макар што некако не верувам дека тоа ќе функционираше кај илјадниците патници заробени деновиве на Гетвик, втор по големина аеродром, каде што стотици летови беа откажани поради дронови. Да, да, во близина на аеродромот беа забележани дронови кои се опасност за летовите и аеродромот беше затворен по кратка постапка, а властите изјавија дека дроновите биле „летани“ тука намерно. Како и дека било опасно да се соборат со проектили. Патниците, од кои најголемиот дел ноќта ја минаа на аеродромот, добија извини. И информации. Колку им е полесно, можете да претпоставите. Сигурно е дека на адреса на летачите на дронови имаше многу повеќе и поексплицитни „коментари“ од разочараните, уморни и згрчени патници.

Читачи на усни

А Корбин? Кој и рече на Меј „глупава жена“ бидејќи го изнервира и изгледа го погоди каде што е најтенко, зашто немам друго објаснување зошто така реагирал? Не само што не се извини, туку се обиде да се оправда велејќи дека всушност промрморел „глупави луѓе“. Знаете, кога почнувате да објаснувате нешто што не е баш така па се вплеткувате се повеќе и повеќе. Па на сцена стапија читачи на усни. Па забавни моменти кога претседавачот на парламентот конечно ја виде снимката, побара од Корбин да и се извини на Меј, а неговата колешка Андреа Ледсбери ги дочека своите пет минути и побара претседавачот сега и неа да и се извини зашто пред четири месеци ја нарекол „глупава жена“.

Можеше да помисли во себе, без да ги мрда усните, си рекоа наговите пи-ар советници, откако останаа на милост и немилост да го вадат својот шеф од кашата во која самиот влезе. Тој почна да потсетува на оние повозрасни луѓе кои кога читаат ги мрдаат усните, кои не можат да си ги контролираат емоциите и живеат во некое друго време. Ете, никако не успева да поентира кога земјата се наоѓа во исклучително компликувана ситуација во која се поизвесно е дека договорот нема да биде прифатен, тој нема „противдоговор“ а одржувањето уште еден референдум станува се поголема реалност.

Така, додека парламентот се занимава со пантомими и чии усни рекле што, судот во Луксембург донесе одлука дека Британија може да се врати во Унијата без последици, рускиот претседател Путин рече дека не треба да има втор референдум, дека Меј треба да ја исполни волјата на луѓето и Британија да излезе од ЕУ (Путин дели лекции по демократија!) а шкотскиот парламент го нарече британскиот – аматерски.
Засега, никој никому не му се извини.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...