Имам пријател, се разбира од нашите краишта, со кого сме фасцинирани од парламентот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Што толку, прашувате? Не е само традицијата, здрадата, пратениците облечени во оние троделни костуми, кои одат како метла да им ставил некој одзади, дури и оние во Домот на Лордовите (се држат, се држат, и фигуративно и суштински). Ама види ги, се шегуваме колку се фини кога дискутираат и дебатираат во парламентот. Викаат, па дури и врескаат некогаш, ама кога лидерот на парламентот ќе каже „одр, одр”, демек „ред, ред”, сите замолкнуваат и му дозволуваат на тој кој што зборувал да продолжи. Па види ги и како стануваат кога сакаат да го привлечат вниманието дека бараат збор. И колку учтиво се караат. Мојот уважен господин, му вели еден пратеник на другиот, нема врска што зборува, тотално е неинформиран и е скаран со вистината. Срцки! Кога еднаш пратеникот Дејвид Скинер го нарече тогашниот премиер Дејвид Камерон „Доџи Дејв” за неговите врски со сметките во Панама, с.пикерот на парламентот побара Скинер да го повлече зборот доџи (расипан) и да смисли некој друг кој почнува со д а завршува со и. Откако Скинер одби да го стори тоа, му беше наредено да ја напушти седницата. И осумденест и кусур годишниот пратеник ја напушти.
Поминаа времињата кога пратениците се гаѓаа со хартивчиња, одамна поминаа, но како дел од традицијата, двете најголеми партии седат една спроти друга на растојание од две копја. За да не се дофатат, се прашуваме? Како тргнало, уште малку и маички ќе си нарачаме со слоганот – јас, па срце, па логото на британскиот парламент.
Ежиња и Брегзит
Тука, последниве месеци и недели се случуваат прилично возбудливи работи, благодарение на – погодувате – Брегзитот. Односно одлуката донесена на референдум со тесно мнозинство во 2016 година земјата да излезе од Европската унија со која се дружеше четириесетина години. Ех, а само пред некоја година во парламентот се водеше жестока дебата околу заштитата на ежовите. Еден од пратениците одржа толку вдахновен и емотивен говор, што неговиот повик за заштита на овие животни резултираше во закон и сега бројката на ежиња во земјата значително се зголемува!
Но времињата се сменија и на ред дојдоа дебатите за разделбата, односно разводот од Европската унија со главните елементи – царинската унија, трговијата, границата (тврда или виртуелна) меѓу Северна Ирска и Република Ирска, рибарските војни со Франција, шпанските војни околу Гибралтар, безбедносните прашања, Европол… и, на пример, како ќе продолжи да работи болницата во Петерсборо каде што две третини од персоналот е од Источна Европа.
Балканизација на Британија
А кога сме веќе кај Источна Европа… ах, ние од источна, југоисточна…
Британската премиерка Меј која со месеци се обидува да им го „продаде” договорот за Брегзит на пратениците во парламентот, а не може ниту на своите во кабинетот и попат загина двајца Брегзит министри, доживеа гласање. За доверба. Од своите. Ториевците. Имено, по правилата и традицијата, 48 пратеници од нејзината конзервативна партија побараа да и се гласа недоверба. Во завршната фаза на Брегзитот. Кога треба да се гласа дали договорот важи или не важи. Има многумина кои го посакуваат нејзиното место и сега како да почувствуваа дека е вистинското време (а не е) да си ја пробаат среќата. Сега, кога таа се обидува како трговски патник одејќи од врата на врата и низ земјата и низ Европа да го изрекламира и продаде својот договор за излез од ЕУ. Но во нејзината партија има амбициозни кои сакаат да бидат премиери. По секоја цена. Да станат „калиф на местото на калифот”, како од стрипот со лошиот везир Изногуд ( из но гуд – не е добар) кој сето време смислува пакости како да се ослободи од добродушниот калиф Харун Ал Прашид.
Меј преживеа со 200 гласа за, но 117 од нејзините пратеници гласаа против неа. Додека аналитичарите веднаш почнаа да анализиррат што значи тоа за Меј, една мала работа помина незабележително. Но не и за мене! Една од конзервативните пратенички, Сара Воластон, на твитер гордо обнароди дека гласала за Меј и потоа во уште еден твит објави фотографија од гласачкото ливче! Леле! Такви работи тука никогаш, ама никогаш не се случувале. Објавување на фотографија на гласачко ливче! Со доказ за кого е гласано! Ако тоа не е балканизација на Британија, тогаш не знам што е! Дали има некакво влијание големиот број Бугари и Романци и други Балканци кои дојдоа во земјата? Дали и затоа имиграцијата е на прво место? Да не се „испорасипат” Британците? И што е следното? Бугарски воз?