ПИСМА ОД ЛОНДОН: Малото прсте исправено нагоре

Кога го свртеа грбот во знак на протест, ѓавол ќе ги знае зошто и против што протестираа, против ЕУ во која влегоа за да излезат, од која земаат плата, во која дојдоа изгледа да покажат некој друг прст? И ова веќе не беше мајтапење. Ова веќе беше невкусно. И таа стана симбол на англискиот пораз - го даде голот и направи гест како да пие чај, со десната рака и трите прста држејќи виртуелна шољичка, а малото прсте дигнато нагоре, како што се смета дека Англичаните го пијат својот „пијалак во пет“. И го допре тоа нервот.

946

Ќе одиме на фудбал, прашувам дома. Одамна не сме биле, а едно време, редовни бевме. Еднаш дури и болест фатив, тазе вратена службено од Манчестер, па вечерта директ на Емирати, облечена како децата во зима во скафандери, знаете, она кога ќе ги натунтаат, да не можат рацете да ги спуштат па изгледаат како подвижни ветерници… па после те дува на стадион, па во метро на одење и на враќање се препотуваш и потоа ниту се сеќаваш на играта, а знам дека обично викам и пеам, ама овој пат само на настинката што со лекови трае една недела, а без лекови седум дена. Маж ми вели сме победиле. Едно време натпревар речиси не пропуштавме. Со шалче, со капа, со маичка, со реквизити, со сè…

Тоа кога се испоразболев беше една од последните подобри игри на Арсенал од времето на Венгер… потоа почнавме да одиме поретко. И конечно, пред околу година-две, како да се зарековме дека нема да одиме додека нашиот тим не почне да игра подобро и додека… не ги намалат цените на билетите, зашто да плаќаш речиси 100 фунти по човек за (под)просечна игра нема смисла. Го сменија Венгер, никако да се смени играта… Ама затоа, еден друг Арсенал, игра одлично. И седум членови се сега на светското првенство. И ние сме нивни големи фанови. Со шалови, со капчиња, со маички, со реквизити, со сè…

Никој не се крие

Пабовите беа полни. Е сега, не се трошеше толку пиво колку џин и тоник и коктели, но прометот не заостануваше зад „нормален“ прволигашки натпревар од првите петмина. Газдите задоволно триеја раце. Полуфиналето во Светското фудбалско првенство меѓу Англија и Соединетите Американски Држави го следеа околу 12 милиони гледачи. Тука. А играа… жени. И тоа какви жени. И тоа како играа. Фантастично играа.

Заклучокот беше дека конечно, женскиот фудбал си го зазеде заслуженото место. Станува се подобар и подобар.Уште „лавиците“ да ги победеа американките… Ама загубија со два спрема еден. Но, ги освоија срцата на сите. И верувам, ако гледале, и на најскептичните.

Имаше сè. И пенали. И промашени – два. И промашувања и фантастични шанси и убави голови. И ВАР. И жолт(и) картони. И спорни судиски одлуки. И една од судиите беше геј. И некои од играчите ама никој не викаше од трибините зашто сите знаеја од претходно оти тука, за разлика од машкиот фудбал, никој не се крие.

Фил Невил, менаџерот, селекторот, главниот и на женската, како и на машката англиска фудбалска репрезентација, знаете оној со елечињата, заради кој во Англија се појави мода на елечиња и кравати, беше претпазливо оптимистичен. И со право, зашто девојките одлично играа. Но, Американките, кои претходно не беа некој противник на кој можеше сериозно да се смета, ја научија играта од најдобрите – на Алекс Морган која го даде решавачкиот гол прв тренер ѝ беше Британец.

Мајтапење

И таа стана симбол на англискиот пораз – го даде голот и направи гест како да пие чај, со десната рака и трите прста држејќи виртуелна шољичка, а малото прсте дигнато нагоре, како што се смета дека Англичаните го пијат својот „пијалак во пет“. И го допре тоа нервот, верувајте, го допре, па почнаа расправии по весниците дали уште така се пие чај, со кренато мало прсте, па дали тоа имаше врска со „Чајанката во Бостон“ кога во 1773 година беа истурени килограми чај во пристаништето со што се означи почетокот на крајот на британското колонизирање кога 13 американски колонии се побунија против британското владеење… ама никој сериозно не се позанимава со тоа, знаеја сите дека тоа беше радост по само еден прекрасен гол на Алекс и нејзино мангупско мајтапење на сметка на Англичанките и она што го асоцираа американските фудбалерки со противничките – ритуалот на пиење чај. И толку.

Имаше нешто реакции низ медиумите, главно за пропуштените шанси и црвениот картон… но ништо во споредба со гестот на британските европратеници од партијата Брегзит, на почетокот од работата, кога се интонираше химната Ода на радоста. Кога го свртеа грбот во знак на протест, ѓавол ќе ги знае зошто и против што протестираа, против ЕУ во која влегоа за да излезат, од која земаат плата, во која дојдоа изгледа да покажат некој друг прст? И ова веќе не беше мајтапење. Ова веќе беше невкусно.

Знаеја ли дека она на што го свртеа грбот, „Одата на радоста“, нарачана од Лудвиг ван Бетовен од Лондонското филхармониско друштво во 1817, а да се користи како химна беше идеја на една жена интернирана од нацистите? Таа му напиша писмо на претседателот на Советот на Европа и побара химна за да се инспирира секој што сака мир и заедништво. Британија гласаше за ова. А тие свртеа грб. Немаа поим. А ако имаа, срамотилаци. Не во мое име.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...