Ќе беше тоа уште една промашена инвестиција. И ќе завршеше со големата розева топка за пилатес (ене ја издишана под каучот во гостинската), со машината за правење јуфки (италијански подарок за младенци), производот со разни ластици, федери и тврда пластика кој личи на справа за мачење, ама е за вежбање кое беше мачење па ене го, стои убаво сложен во оригиналното пакување во малата шупа во дворот. И апаратот за филтер кафе (не прави еспресо), и правосмукалката на вода која требаше да чисти вертикално и хоризонтално (изгоре завеси и направи изгореници од прв степен) и „пегла“ за коса (поука – куса коса не се пегла плус чалнато лево увце) и … да не набројувам, имаме дома уште, посебно во мојот гардеробер, ама од субјективни причини не би ги набројувала сега, да не предизвикам дополнителни коментари од најтесното семејство кои би се свеле на – „фрлени пари“. Со што јас не се согласувам. За она во гардероберот.
Со тротинет низ цел свет, но во Лондон не
За другите промашени инвестиции, може да се дискутира. А најверојатно ќе беше дел од идните муабети и електричниот тротинет ставен некаде таму во шупата, зашто под каучот во гостинската немаше да го собере, тоа, ако го купевме. А блиску бевме. Зашто, колку и да е фино и атрактивно да се „зуе“ низ Лондон со тротинет, како што го правев тоа низ Брисел и Париз, во Лондон само што почнаа да крстосуваат тротинетџиите, се воведоа толку многу правила и прописи што на обичниот тротинетџија (во случајот мене), му го расипаа ќефот. И се оневозможи задоволството.
Работите стојат вака. Можете да купите тротитет и цените се од 115 до 1.200 фунти. Ама има тука „квака 22“. Не може да се вози тротинет на улица. Не може да се вози тротинет на тротоар. Не може ниту на велосипедска патека. Па каде може? Може низ речиси низ цел свет, поточно во повеќе од 200 земји низ светот, ама во Обединетото Кралство може само во двор на приватен посед, ако е толку голем поседот или низ куќи, ако е толку голема куќата. Казните за возење електричен тротинет надвор на улица се 300 фунти и засега остар укор од полицијата. Има сето ова смисла?
Најверојатно нема, но на надлежните им беше полесно вака да го решат ова наместо да се занимаваат со регулирање на возењето електрични тротинети кое, патем, можеше да биде фина транспортна алтернатива и решение за аерозагадувањето во метрополата. Но откако во Лондон имаше десетмина повредени и загина една позната телевизиска водителка во несреќа на тротинет, изгледа најмрзеливото решение беше да се оневозможат тротинетџиите. Па така, Британците и ова решија да го прават поинаку.
Тврдокорни брегзитџии
Новата британска влада има нови планови за излегување на земјата од Европската унија до 31 Октомври. Оваа година. Премиерот Борис Џонсон ги прибра во својот кабинет сите оние кои ги отпушти бившата премиерка Тереза Меј затоа што немаше доверба во нив и за кои смета дека тој ќе може да смета во неговите планови за напуштање на ЕУ. Некои кои се сега членови на неговиот кабинет, едно време беа навредливи кон него. Како на пример Амбер Рад, која велеше дека не би прифатила понуда од него да ја одвезе дома после забава, но прифати да ја назначи за министерка.
Начинот на кој Џонсон ги привлекува е – дојдете со мене и сѐ ви е простено. Тој смета дека сѐ што рекле или сториле министрите во времето на претходната влада, сега не се важи. Нема промашени инвестиции. Нема промашени и неверници од министри. Сѐ може да се употреби, ако е доволно конзервативно и за Брегзит. Па министерката Прити Пател нема да одговара што отишла во Израел во „приватна посета“ да лобира којзнае за што а не пријавила кај Меј и министерот за одбрана Гавин Вилијамсон кој ја „предаде“ Меј во шпионските темни случувања во Националниот совет за безбедност со Хуавеи и 4Џи па таа го отпушти, за Џонсон не се проблематични и нема да одговараат за ништо. Тој собра една интересна група тврдокорни брегзитџии за која се вели дека им се блиски интересите на малкумина, главно богати, добростоечки и прилично бескрупулозни. Што било било во минатото, односно во случајот на Гавин Вилијамсон пред дури 84 дена. Ехеееј, мноооогу одамна, кој да памти…
Разединето кралство
Кој е планот на премиерот Џонсон? Се врти интересна идеја – една од варијантите за излез на земјата е да се излезе, ама да не се излезе – во следните 5 години да се користат помалку или повеќе бенефициите на членството во европското друштво за потоа да се каже, фала, благодарам, доволно беше, не сте ни потребни. Има опции и за склучување договори со некои земји од ЕУ кои би биле најзасегнати од едностраното излегување на Британија, како Франција на пример… А во меѓувреме да се работи забрзано за јакнење на врските и односит со Соединетите држави, Кина, Блискиот и Далечниот исток, ама пред сѐ и над сѐ Соединетите држави. Зашто Доналд Трамп и Борис Џонсон се „најдоа“ на повеќе нивоа, а Трамп му вети на Џонсон дека ако излезе од ЕУ, трговските односи ќе им се зголемат четири или пет пати. Може Александер Борис де Фајфел Џонсон со целото свое име да го фасцинира својот прекуокеански пријател со цитати и да инсистира на големи планови за големите дилови, но ако не си ги среди работите дома, ќе личи на мало кајче кое се влече зад големата суперјахта.
Џонсон ја има границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска која не може да ја реши, има силно ирско лоби и американски конгресмени кои велат дека нема шанса за трговски договор ако ја закашка работата, има ненаклонета Европска унија која иако има свои проблеми, нема намера да му ги решава неговите, има фунта која оди по надолна линија, цени на недвижнини кои не биле никогаш пониски, има мали и средни бизниси кои пропаѓаат, беше избран од 0,14% од членството од неговата конзервативна партија, нема поддршка од 99,6% од населението кое не гласаше за него, има проблеми и со членови од сопствената партија и има длабоко поделена земја која тој не се ни нафаќа да ја обедини. Опозицијата бара предвремени избори и втор референдум. Во Шкотска не се среќни. Дури и во Велс мрморат. Обединетото кралство со Борис Џонсон. Есента ќе биде многу интересна.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.
loading...